МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 април 2021

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Шестиот пакет-мерки, вреден 17,8 милиони евра, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.

Опфатени се 12 категории на дејности меѓу кои угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки во изминатите 14 дена, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта. Мерки има и за туристичките агенции.

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Министерството за животна средина и просторно планирање ја достави својата втора национална заложба за климатска акција пред Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC) со која земјава се заложи да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030, споредбено со нивото од 1990 година.

-Република Северна Македонија постави навистина амбициозни климатски цели за нашите Национални придонеси за координиран и кохезивен одговор на климатските промени од страна на Владата и општеството. Постои јасна и профитабилна можност за намалување на емисиите на стакленички гасови како централен елемент на зајакнатите Национални придонеси. Со тоа ќе се овозможи земјата да мобилизира значителен капитал далеку над националниот буџет, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност, но и финансиска помош за секоја туристичка лиценцирана агенција побараа денеска угостителите и туристите, кои се собраа на протест пред Министерството за финансии.

Под мотото „Ќе можете ли“ денеска сопствениците на угостителските објекти, ресторани за свадби, игротеки, туристички агенции, туристички водичи и членови на туристичка комора побараа од надлежните инситуции да им ја обезбедат бараната финансиска поддршка за спас на овие дејности.

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Поради влошената состојба со вирусот Ковид-19 во месеците април и мај 2021 година, голем дел од јавните здравствени установи работат како ковид центри и заради непречено издавање на рецепти, боледување и ортопедски помагала, Фондот за здравствено осигурување информира дека за да им излезе во пресрет на осигурените лица во овој период, важењето на специјалистичките извештаи кое беше со датум не постар од 1 декември 2019 година, го врати со датум не постар од 1 октомври 2019 година.

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Медиумите имаат важна улога во одржувањето на солидарноста и почитувањето на различностите, како и клучна улога во подигањето на свеста за прашања што влијаат на различни групи во општеството. Покрај промовирањето на слободата на изразување и демократските вредности, медиумите имаат улога и во инклузивно известување за различноста, особено во овој период на пандемија.

Ова беше истакнато на онлајн дебатата „Инклузивно известување за различностите во медиумите во време на Ковид-19“, во организација наСоветот за етика во медиумите (СЕММ) и во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје. 

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше усвоена Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство, соопшти Народната банка.

Како што наведуваат со донесените измени и дополнувања се прошируваат можностите за отворање и имање сметка во странство од страна на резидентите за потребите на трансакции со хартии од вредност во странство.

Скопје, 20 април 2021 (МИА) – Вкупно 1667 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели и во болниците во земјава, при што во ковид-центрите има околу 360 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 64 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 697 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од овие пациенти се на кислородна поддршка.

Штип, 20 април 2021 (МИА) – Во Затвор-Штип нормализирана е состојбата со ширење на коронавирусот, изјави за МИА директорот Мики Тодоров и информира дека утре од изолација излегуваат петмина осуденици и тројца вработени.

Инаку, во овој втор бран на ширење на вирусот во Затвор-Штип беа заразени вкупно осум осуденици и четворица вработени. Меѓу осудените лица беа и поранешниот началник на специјалните полициски сили Митко Пешов и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој е на болничко лекување во приватна болница во Скопје.

Подгорица, 20 април 2021 (МИА) – Младост Максбет е многу близу до пласман во полуфиналето од плејофот во регионалната кошаркарска АБА 2 лига, откако попладнево во првиот меч од четвртфиналето го совлада македонскиот претставник МЗТ Скопје Аеродром со 95:75.

Победникот се наѕираше уште по првата четвртина која екипата од Земун ја доби со 28:19, а разликата во текот на втората четвртина достигна двоцифрени 21 поен. „Сино-белите“ од Аеродром успеаја да одиграат нешто подобро во третата четвртина која ја решија во своја полза со 19:18, но во последниот период српскиот тим повтоно беше подобар за конечна убедлива победа.

Атина, 20 април 2021 (МИА) – Велигденската свечена литургија, оваа година во Грција, поради рестрикциите ќе се поместат и наместо на полноќ, ќе се одржат во 21 часот, согласно одлуките на Светиот синод на Грчката православна црква, јави дописничката на МИА од Атина.

Светиот синод на ГПЦ денеска одржа состанок преку видеоконференција за работата на соборните храмови и црквите за време на велигденските празници и соопштуваат дека биле земени предвид постоечките рестрикции и ограничувањето на движењето на граѓаните, со оглед на тоа дека во Грција има полициски час од 21 часот, а велат дека со желба да им излезат во пресрет на верниците „на кои во никој случај не треба да им биде одземено учеството во радоста на Воскресението“, едногласно донеле одлуки.

Загреб, 20 април 2021 (МИА) – Просечната нето-плата по вработен исплатена во Хрватска во февруари годинава изнесува 7.038 куни (929 евра), што на годишно ниво е реално повеќе за 3,4 проценти, покажуваат податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во споредба со јануари 2021 година, просечната февруарска нето-плата е реално поголема за 0,5 проценти.

Лондон, 20 април 2021 (МИА) – Велика Британија е сериозно загрижена за распоредувањето на руски сили на границата во Украина и сака ситуацијата да деескалира, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб.

– Соработуваме со нашите сојузници … и нашата цел е да ја одвратиме Русија, да ја смириме Украина и да ја деескалираме ситуацијата, рече Раб обраќајќи им се на британските пратеници.

Берлин, 20 април 2021 (МИА) – Маркус Зедер денеска ја повлече кандидатурата за канцелар на федералните парламентарни избори во Германија, што се закажани на 26 септември во корист на Армин Лашет.

Неговата одлука уследи откако претседателството на германската владејачка Христијанско-демократската унија (ЦДУ) го поддржа својот нов претседател, и премиер на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, Лашет во кандидатурата за демохристијански кандидат за канцелар.

Нџамена, 20 април (МИА) – Претседателот на Чад, Идрис Деби (68) почина од повреди здобиени додека ги обиколуваше војниците на фронтот во борбата против бунтовниците на северот на земјата, соопшти армијата.

Деби настрада само еден ден откако беше прогласен за победник на неодамнешните избори на кои го освои шестиот претседателски мандат.

 

Back to top button
Close
Close