МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 април 2021

20 април 2021 

Скопје – По најавата од Европската комисија во декември минатата година за обезбедување на механизам за распределба на вакцини за земјите од Западниот Балкан преку репрограмирање на ИПА средства во износ од 70 милиони евра, Секретаријатот за европски прашања информира дека денеска стапува во сила трипартитниот договор помеѓу Северна Македонија, Австрија и Фајзер/БиоНТек за набавка на 119.600 дози вакцини против Ковид-19. 

-Им благодариме на пријателска Австрија, останатите земји членки и Европската комисија за солидарноста. Оваа помош за македонските граѓани немаше да биде возможна без несебичното залагање на австрискиот МНР Шаленберг и еврокомесарот Вархеји, на кои би сакал и лично да им се заблагодарам, особено имајќи го предвид предизвикот за обезбедување на вакцини, како во ЕУ земјите членки, така и глобално, истакна Димитров по повод доделувањето на помошта, стои во соопштението. 

Скопје – Корал Фуелс ДООЕЛ Скопје, како подружница на Coral S.A., започна со работа со првите две бензински станици под брендот Shell во земјава, лоцирани на автопатот Пријателство, кај Смоквица, близу границата со Грција. 

Корал Фуелс влегува на пазарот во Северна Македонија преку обезбедување долгорочни договори за лиценца на брендот Shell. Договорот вклучува поддршка и трансфер на „know-how” поврзани со горивата, примена на нови технологии, воспоставување услуги и маркетинг со високи стандарди. Достапни се бензинот Shell Fuelsave Unleaded 95, безоловен бензин 98-октански V-Power и Shell Fuelsave Diesel. 

Скопје – Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март. Денеска ќе бидат објавени правилниците, согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи. За мерката се издвоени 31 милиони евра, а барањата ќе може да ги достават до 30 април. 

Ова го соопштија на заедничка прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на која и најавија дека денеска на Влада ќе се  разгледува и Шестиот сет на мерки, за што набрзо ќе информираат на посебна прес-конференција. 

Скопје – Дигиталните учебници ќе се воведуваат сукцесивно, наредната учебна година само во четврто одделение, сите останати одделенија продолжуваат како досега. Законот за учебници нуди комбиниран модел на употреба, и на печатени и на дигитални учебници. Првпат ќе се види што значат тие за олеснување на работата и на наставниците, и на учениците, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. 

– Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од страна на училиштето, рече Царовска. 

Скопје – По долготрајно и тешко боледување денеска на шеесет и четири годишна возраст почина судијата од Апелационен суд Скопје Нуман Лимани. 

За судија на Апелационен суд Скопје Лимани избран е 2013 година каде постапуваше по предмети во граѓанскиот и одделот за трговски спорови. 

Скопје – Седумдесет и пет години Драмскиот театар живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи, соопшти денеска вд директорката на театарот, Катарина Коцевска Хаџи Василева по повод утрешниот роденден на театарот. 

Таа во честитката посочува дека 75-иот роденден не може да се прослави како што доликува, но со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, работат и чекаат својата енергија, талент и магија да ги споделат со оние на кои им е наменет театарот – публиката! 

Скопје – Меѓународната компанија за софтверско инженерство Scalefocus најави дека ќе вработи 300 инженери во следните пет години кои ќе работат на иновативни проекти за дел од најголемите светски компании. 

Од компанијата, која што во нашата држава вработува ИТ професионалци и програмери од земјава, денеска соопштија дека веруваат во високиот инженерски потенцијал и капацитетот на локалниот ИТ еко-систем. 

Скопје – Град Скопје информира дека за еден ден се исцрпени речиси половина од предвидените средства за субвенции за граѓаните за купување на велосипеди и електрични тротинети. Преку системот за електронско аплицирање вчера пристигнале над 1.200 пријави за субвенции за велосипеди, и 142 пријави за субвенции за електрични тротинети. 

Градските власти посочуваат дека доколку продолжи големиот интерес за субвенциите, можно е исцрпување на средствата превидени за субвенциите за електрични тротинети и затворање на јавниот повик на крајот на денот. 

Скопје – Денешната главната расправа за предметот поврзан со автобуската несреќа кај село Ласкарци, се одложува за 22 април, поради отсуство на дел од одбраната. 

Процесот за овој случај го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски. 

Лондон – Додека Западен Балкан како регион во целина се соочува со „одлив на мозоци“, студија на Виенскиот институт за меѓународни економски студии покажува дека Северна Македонија, Србија и Црна Гора бележат појава на обратен процес меѓу високообразованиот кадар, нешто што се нарекува „прилив на мозоци“, наведува лондонскиот портал „Емерџинг Јуроп“. 

Според порталот, миграцијата не е нова појава во земјите од Западниот Балкан, било од политички или од економски причини, па регионот одамна важи за „нето извозник на луѓе“, особено кога станува збор за младите. 

Скопје – Град Скопје денеска го објави јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, на кој првпат граѓаните може да аплицираат онлајн. Со оваа мерка, која е дел од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот, Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. 

– Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2021 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година, информираат градските власти. 

Скопје – Алтернативната метода за прекин на бременоста, медикаментозниот абортус (абортус со лекови) од денеска како услуга е достапен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, соопштија од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА. 

Сепак, посочуваат, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сѐ уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја. 

Скопје – Со изведување на докази од обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжува судењето за предметот „Шпански скали“ во кој се обвинети поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и десетина други, меѓу кои службеници, нотари и бизнисмени. 

Во случајот „Шпански скали“, покрај ексминистерот Јанакиески, обвинети се Димитар Димовски, Билјана Дејановска – Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов. 

Скопје– При претрес изутрината во 5 часот во затворот во Идризово во ќелиите на осудените од „Диво насеље” се пронајдени мобилни и други недозволени средства. 

Од Управата за извршување на санкции за МИА информираа дека по наредба на судот, со асистенција на полицијата утрово во КПД Идризово е извршен претрес во неколку ќелии, при што се откриени и одземени повеќе предмети кои се предадени на вештачење. 

Скопје – Приватните специјализанти се уште немаат здравствено осигурување. Три месеци изминаа откако министерот вети дека проблемот со здравственото осигурување на приватните специјализанти е решен. По тоа прашање се уште не е постапено, соопшти Здружението на лекари специјализанти. 

Тие потсетуваат дека платата на приватните специјализанти е 26 000 денари од 2018 година, што е за 2500 ден под просечна плата во државава и досега ниту едно зголемување на личен доход, кое во неколку наврати опфаќало и немедицински персонал кој работи во здравствениот сектор, не ги опфатило приватните специјализанти. 

Скопје – Фирмите наскоро ќе може да аплицираат за Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, дел од Петтиот пакет мерки, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Како што истакна издвоени се 615 милиони денари или 10 милиони евра, а фирмите ќе можат да аплицираат за кредити од 3.000 до 30.000 евра. Предвидено е за компаниите кои ќе го зголемат бројот на вработени или прометот дел од бескаматниот кредит да им се трансормира во грант. 

Атина – Во акција на грчката полиција во Солун и Кукуш биле уапсени три лица, грчки државјани, членови на криминална мрежа што од Северна Македонија во Грција пренесувала оружје и дрога. Запленети се 55,5 килограми суров канабис, автоматска пушка, митралез и 139 куршуми, а идентификуван е уште еден член, јави дописничката на МИА од Атина. 

Поконкретно, како што соопштија од грчката полиција, непознати членови на групата, во Грција од Северна Македонија внеле три торби со канабисот и оружјето, кои му ги предале на еден од уапсените, а тој, во поширокиот регион на Кукуш, торбите им ги предал на другите двајца уапсени. 

Приштина – Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово (МНРД), Доника Грвала примила покана од Грција официјално да ја посети таа земја, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од МНРД во Приштина. 

Изворите на РСЕ велат дека Грвала со задоволство ќе одговори на поканата, но засега не можат да кажат кога посетата во Атина ќе се реализира. 

Тирана – Крвавиот инцидент што се случи вчера при молитва во џамијата „Дине Хоџа“  во Тирана, оди во антитерористичка истрага, јави Топ чанел телевизија. 

Рудолф Николи (34), од Бурел, со нож избоде шестмина верници и членови на џамискиот одбор и откако ја напушти џамијата, се обидел да повреди и луѓе на улица, но подоцна бил неутрализиран од граѓаните. 

Прага – Руската компанија „Росатом“ нема да може да учествува на тендерот за изградба на нова енергетска единица во чешката нуклеарна централа „Дуковани“, дури и како подизведувач, изјави денеска чешкиот вицепремиер Карел Хавличек. 

-Чешките власти официјално ќе ја отстранат руската државна нуклеарна корпорација „Росатом“ од списокот на понудувачи за изградба на новата енергетска единица во нуклеарната централа „Дуковани“, на југоистокот од земјата, изјави чешкиот вицепремиер и министер за индустрија и трговија. 

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изрази загриженост во врска со здравствената состојба на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. 

„Германската влада, заедно со други, врши притисок да му се обезбеди соодветна медицинска помош“, рече Меркел пред Парламентарното собрание на Советот на Европа. 

Хаг – Вредноста на илегалната трговија со дрога во Европската Унија се проценува на 30 милијарди евра годишно, се наведува во најновиот извештај на Еуроџаст (Eurojust). 

За четири години бројот на пријавени случаи на шверц со дрога е речиси двојно зголемен, а тоа пред се се должи на зголеменото производството на синтетички дроги. 

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека пандемијата на коронавирус покажала дека ниту една земја не е способна да обезбеди епидемиолошка безбедност без соработка со други. 

Путин тоа го рече во своето обраќање пред учесниците и организаторите на меѓународната конференција наречена „Епидемиолошка благосостојба“, што денеска и утре се одржува во Москва, пренесува руската агенција ТАСС. 

Париз – Новинарството е целосно или делумно блокирано во 73 проценти од државите, односно во 130 од 180 земји во светот, покажуваат податоците во годишниот извештај на Репортери без граници (РСФ) за слободата на медиумите. 

Во 73 отсто од 180 земји, ситуацијата е „многу сериозна“, „тешка“ или „проблематична“ за новинарите, така што земјите на картата на светот на слободата на медиумите се означени како црни, црвени или портокалови. 

Вашингтон – Американската авиокомпанија Јунајтед ерлајнс го заврши првиот квартал со малку помала загуба отколку во истиот период минатата година, истакнувајќи знаци на закрепнување на побарувачката за патувања. 

Компанијата работеше со загуба од 1,4 милијарди долари во првите три месеци од оваа година. Во истиот период минатата година, загубата е 1,7 милијарди долари, покажа вчера објавениот деловен извештај. 

Мадрид – Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез и претседателот на потенцијалната Супер лига го најави почетокот на новото натпреварување. 

– Преговаравме со УЕФА две или три години. Но, пандемијата создаде ситуација во која не можеме да чекаме. Ако се договориме со УЕФА, ќе започнеме во август. Не можеме да чекаме една година. Постојат многу тимови кои сакаат да играат. Ќе направиме втора лига за нив, рече Перез. 

Атина – Едноставно и јасно, тоа е погрешно, фановите нема да го прифатат, коментираше преку „Твитер“ грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на најавите за формирање затворена фудбалска Супер лига, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Можноста да се случи неочекуваното го прави фудбалот толку возбудлив. Предлогот на неколку имашливи европски клубови за формирање затворена лига целосно е спротивно на историјата и традицијата на спортот. Јасно и едноставно, тоа е погрешно. Фановите нема да го прифатат, напиша Мицотакис на „Твитер“. 

Back to top button
Close
Close