МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 април 2021

20 април 2021

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе оствари видео-средба со претставници на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

Џафери, како што информира собраниската прес-служба, ќе има видео-средба со Харалд Бергман од Холандија и Зденек Броз од Чешка.

Скопје– Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка, во прво читање и Предлог-програмата за изменување на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период од 2021 до 2025 година.

Скопје – Собранието денеска ќе ја продолжи 34. седница, на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони во прво читање.

Пратениците ќе расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, за измените и дополнувањата на законите за постапување со бесправно изградени објекти, за комуналните такси, за даноците на имот, за финансирање на единиците на локалната самоуправа, на Законот за буџетите, сите во прво читање.

Скопје – Околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне, пред Министерството за финансии, ќе почнат со најавените протести. Владата, пак, на прес-конференција ќе соопшти детали за претстојниот шести сет економски мерки.

Од денеска треба да почне и аплицирањето за финансиска поддршка на платите, мерка што беше дел од петтиот антикризен пакет, но не можеше да се реализира до донесувањето на законите во Собранието.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Министерството за здравство, денеска ќе заминат во официјална посета на Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.

– Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, таа соработка која ја имаме во размена на експертизата, нивни експерти тука во делот на гинекологијата, неонатологијата, кардиохирургијата и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од „Торлак“. Во овој момент не ни се потребни вакцини, но гледаме како се одвива работата со пандемијата, има разни најави, не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата, изјави минатата недела Филипче.

Скопје – Делегација на Вооружените сили на Романија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Даниел Петреску, денеска е во посета на РС Македонија.

Генералот Петреску ќе има средба со претседателот на државата и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски, a ќе посети дел од единиците на Армијата во касарната „Илинден“ и Центарот за обука на пилоти во Петровец.

Скопје – Прекин на водоснабдувањето изутрина  од 09:00 часот имаат корисниците од улица „Перо Наков“ 48 во населбата Маџари и корисниците од Долно Лисиче.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекинот на водоснабдувањетое поради дефект на приклучна цевка на улицата „Перо Наков“ 48. Корисниците од Долно Лисиче ќе бидат без вода поради дефект на огрлица ф-100мм на улица 1/5.

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска  од 09:15 ќе имаат корисниците од улица „Бел Камен“ бр. 180, во населбата Радишани.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради уличен дефект ф-80мм на улицата „Бел Камен„ 180.

Скопје – Изложба „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и 80-те години“, е отворена за посетители во Музејот на современата уметност – Скопје. Кураторка на изложбата е Марика Бочварова Плавевска, а кустос соработник е Благоја Варошанец.

-Идејата на ова проектно размислување, како дел од серијата проблемски изложби е да ги открие и зближи преодните предизвикувачки преобразби, делумно започнати во 60-те години, акцентирани преку 70-те години и на некој начин вклопени во 80-те години, вели Бочварова Плавевска.

Брисел – Последниот извештај на Репортери без граници за сите земји во светот е објавен денеска, Северна Македонија бележи подобрување од две места во глобалниот индекс, но се соочува со критики за заканите и нападите кон новинарите и медиумите, јави дописничката на МИА од Брисел.

Организацијата за слобода на медиумите и заштита на новинарите во светот нагласува дека ситуацијата со медиумите се влошува во сѐ повеќе земји во светот и дека пандемијата од Ковид-19 се злоупотреби за да се ограничи работата на новинарите.

Виена – Австрија денеска соопшти дека планира до август да испрати 651.000 дози на вакцина против коронавирусот на Бионтек/Фајзер во шест земји од Западен Балкан, како дел од програмата на Европската унија за помош на соседните земји и Африка.

Тие ќе бидат дистрибуирани од почетокот на мај според тоа на кои земји им се најпотребни. Босна и Херцеговина ќе добие најголем дел од вакцините – 240.000 дози, следена од Албанија 145.000 и Северна Македонија 119.000. Србија ќе добие 36.000 дози.

Даблин – Голем број компании од Ирска и од Велика Британија почнаа да пренасочуваат стоки преку Северна Ирска со цел да ги избегнат бирократските процедури и доцнењето по Брегзит.

– Воведувањето проверки за некои артикли откако Велика Британија минатата одина излезе од Европска Унија, предизвика голем пад на испораките помеѓу двете соседни земји и го зголеми бродскиот сообраќај од Ирска кон континентална Европа. Но, дел од товарот сега се пренасочува преку Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство, изјави директорот на пристаништето во Даблин, Имон О’Рајли.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин ќе присуствува на самитот за климата на покана на неговиот американски колега Џо Бајден, пренесува Анадолија.

Во соопштението на Кремљ се вели дека Путин ќе се обрати преку видео конференција на меѓународниот самит за борба против климатски промени, кој ќе се одржи на 22 април.

Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека посредувал во постигнувањето договор за прекин на политичката криза во Грузија и притоа на политичките лидери во земјата им честиташе на постигнатиот договор.

Поддржувачите на грузиската опозиција во последните неколку недели протестираа, барајќи ослободување на опозицискиот лидер Ник Мелија и распишување предвремени парламентарни избори.

Париз – Глобалните емисии на јаглерод диоксид од енергијата се зголемија за пет отсто оваа година, што е показател дека економското закрепнување од Ковид-19 може да биде „сè освен одржливо“ за климата, соопшти денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Глобалниот извештај за енергетика на ИЕА за 2021 година предвидува дека емисиите на јаглерод диоксид ќе се искачат на 33 милијарди тони оваа година, што е за 1,5 милијарди тони повеќе од нивото на 2020 година, најголемо поединечно зголемување во повеќе од една деценија.

Вашингтон/Москва – Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, до крајот на неделава ќе се врати  во Вашингтон на консултации со администрацијата на претседателот Џо Бајден.

-Амбасадорот Саливан неделава ќе се врати во САД за да го посети своето семејство и да се состане со членовите на новата администрација, со кои немал можност да се консултира откако се согласи да продолжи со работата на неопределено време, изјави за порталот Акиос портпарол на Стејт департментот, јавува Тасс.

Њујорк – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди дека Земјата е преплавена од рекордни количества на тропски бури, топење на ледени плочи и глечери, топли бранови и шумски пожари….

„Минатата година беше една од трите најтопли во историјата во мерењата и беше обележана со пожари, поплави, суши и топење на глечерите“, се наведува во извештајот на Обединетите нации во кој генералниот секретар на ОН предупредува дека светот е на работ на „амбис“.

Вашингтон – Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека ќе ја прошири листата на држави во кои граѓание да би требало да патуваат бидејќи има „невиден ризик за патниците“ поради пандемијата со Ковид-19.

Стејт департментот досега има препорака за непатување во 34 од околу 200 држави меѓу кои се Чад, Косово, Кенија, Бразил, Аргентина, Хаити, Мозамбик, Русија и Танзанија. Но, се планира на списокот да се најдат 130 земји.

Милвоки – Кошаркарот на Феникс санс, Крис Пол, го надмина легендарниот Меџик Џонсон по бројот на асистенции во својата кариера и се искачи на 5.  место во историјата на НБА во оваа статистичка категорија.

На натпревар против Милвоки (128:127) одигран ноќта понеделник кон вторник, 35-годишниот плејмејкер направи 13 асистенции, зголемувајќи стигнувајќи до 10.145 во својата кариера.

Берлин – Комитетот на УЕФА ќе расправа за можното исклучување на клубовите основачи на Европската Супер лига од Лигата на шампионите, објавено е на Твитерот на Баерн Минхен. Доколку се исфрлат клубовите, победата во Лигата на шампионите автоматски може да биде доделена на четвртиот полуфиналист на ПСЖ, клуб кој не учествува во проектот на Супер лигата, или да бидат вратени во Лигата на шампионите, Баерн, Борусија Дортмунд и Порто, кои беа елиминирани во четвртфиналето.

За потсетување, ПСЖ, Манчестер сити, Реал Мадрид и Челзи изборија пласман во полуфиналето во Лигата на шампионите.

Лондон – Главниот тренер на Лајпциг, Јулијан Нагелсман може да стане нов предводник на Тотенхем, објави „Дејли мејл“.

Според британскиот медиум, Спарс веќе разговарале со 33-годишен германски фудбалски стручњак.

Скопје – Времето денеска ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд претежно во западните и крајните источни делови. На места краткотрајно ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната од 10 до 18 степени.

Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен западен ветер. Минималната температура ќе биде околу пет, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close