МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 април 2021

19 април 2021 

Скопје – Град Скопје ги објави повиците за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година. Аплицирањето ќе се одвива онлајн, а право на учество имаат жителите на Град Скопје, од општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар Чаир и Шуто Оризари.  

-Граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“, информира Град Скопје. 

Скопје – Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи“ денеска поднесе барање за неотповиклива оставка на претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за, според нив, пречекорување на надлежностите и овластувањата заради недозволен и неовластен притисок врз уставен судија со изнесување на јавно предупредување. 

Како што истакна правниот застапник на Здружението „Правда за штедачи“, адвокатот Љупчо Кузмановски, по предавањето на барањето до ДКСК, тоа е поднесено поради тоа што Комисијата „без никаква потреба и без основа се вмешала во постапката пред Уставниот суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки“. 

Скопје – На редовниот состанок со директорите на кликите и ковид – центрите направивме евалуација на состојбата во однос на хоспитализациите за време на викендот се до денес. Состојбата е стабилна и постепено се намалува бројот на приеми на пациенти, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче. 

-Се надеваме дека и натаму мерките ќе даваат резултат со оглед на тоа што и бројот на новодијагностицирани се намалува, во очекување сме ситуацијата да продолжи да се стабилизира, напиша Филипче. 

Скопје – Без вода денеска од 10:15 часот се корисниците од улицата „Киро Фетак“ во населбата Драчево. 

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи-Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-2“ на улица „Киро Фетак“ бр.66. 

Скопје – Изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓање“ во Чифте амам ќе може да се посети до 26 април 2021. Со одобрение и согласност на сопствениците кои ги отстапиле делата од нивните колекции, Националната галерија одлучи да ја продолжи поставката на изложбата поради голем интерес од нејзиното отворање пред еден и пол месец. 

На изложбата се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Велков, кои се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, семејството Велкови, како и  голем дел приватни сопственици. 

Софија – Бугараскиот претседател, Румен Радев, денеска ги почна политичките консултации со парламентарните партии од новоизбраниот парламент, две недели по парламентарните избори во земјата. Како што јави дописникот на МИА од Софија, први во зградата на претседателството дојдоа претставниците на партијата ГЕРБ, првата политичка сила во Бугарија по парламентарните избори одржани на 4 април. 

По средбата претседателката на парламентарната група ГЕРБ-УДФ, Десислава Атанасова, изјави дека тие се подготвуваат и да владеат и да бидат во опозиција, како и за привремена влада. 

Атина – Помош и поддршка за прашањата поврзани со интеграција на армијата на Северна Македонија во НАТО структурите, обука и едукација во центри на грчката армија, соработка за низа теми од заеднички воен интерес, вклучува програмата за билатерална воена соработка за 2021 година потпишана меѓу Северна Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Со потпишувањето на конкретната програма дополнително се надградува воената соработка и интероперабилноста меѓу вооружените сили на двете земји со спроведување како на заеднички вежби, така и оперативни активности. Во исто време, се истакнува клучната улога на Грција во брзата и ефикасна интеграција на соседната земја во механизмите на Алијансата, факт што ги промовира безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Балканот, соопштуваат од Генералштабот на грчката армија за потпишаната програма. 

Тирана – Во Албанија пристигна пратка од 50.000 дози вакцини од „АстраЗенека“, донација од Индија. 

На меѓународниот аеродром во Тирана, пратката ја пречекаа министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, државниот министер за обнова, Арбен Ахметај, и амбасадорот на Република Индија во Букурешт, Рахул Шривастава. 

Брисел – Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, пред почетокот на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи порача дека односите со Русија се влошуваат во повеќе сегменти, јави дописничката на МИА од Брисел. 

Денешниот министерски состанок се одржува преку видео-конференциска врска поради рестрикциите поврзани за пандемијата. 

Москва – Љубов Собол, најблиската соработничка на затворениот руски опозиционер, Алексеј Навални, денеска искоментира дека нема надеж дека може да се добијат добри вести за здравјето на нејзиниот пријател, кој пред неколку недели почна штрајк со глад, јавија британските медиуми. 

Собол за радиото „Ехо на Москва“ изјави дека сојузниците на Навални се надеваат дека до крајот на денешниот ден ќе добијат информации за неговото здравје. 

Берлин – Германската партија на Зелените денеска ја номинираше Аналена Баербок, една од ко-претседателите на партијата, за нивна кандидатка за канцелар на изборите во септември, јави ДПА. 

Партијата има зголемена популарност во анкетите во последните неколку години и за првпат ќе именува свој кандидат за канцелар, бидејќи Ангела Меркел се повлекува од функцијата по повеќе од 15 години владеење. 

Париз – Во интервју за дневниот весник „Фигаро“, францускиот претседател Емануел Макрон, една година пред крајот на неговиот петгодишен мандат вели „дека се бори за правото на мирен живот“ и го брани својот резултат  од борбата бо земјата, која, според него, се соочува со „нагло зголемување на насилството врз луѓето, особено насочено кон  претставници на власта“. Тој, притоа вети дека „ќе ја намали деликвенцијата насекаде“, јави дописникот на МИА. 

Макрон вети дека ќе ја одржи својата цел за 10.000 дополнителни полицајци и жандарми пред крајот на петгодишниот мандат; со тоа „секој полициски округ, без исклучок, да има повеќе полицајци од неговиот мандат, отколку на почетокот“. 

Брисел – Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, пред почетокот на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи порача дека односите со Русија се влошуваат во повеќе сегменти, јави дописничката на МИА од Брисел. 

Денешниот министерски состанок се одржува преку видео-конференциска врска поради рестрикциите поврзани за пандемијата. 

Тајпеј – Тајван сака да набави од САД крстосувачки ракети со долг дострел, изјави тајвански воен претставник, цитиран од британските медиуми. 

Додека Тајван ги развива своите ракети со долг дострел за да одговори во случај на војна со Кина, земјата, исто така, бара помош и од САД за посовремено оружје. Тајван предупреди дека кинеските маневри ја менуваат статус кво состојбата во Индо-пацифичкиот регион. 

Мајами – Авион од периодот на Втората светска војна принудно слета во плитките води на фреквентната плажа Кокоа на Флорида, на само неколку метри од пливачите. 

Откако виделе дека авионот слетува кон нив, оние кои се сончале на плажа веднаш снимале со мобилните, по што видеото заврши на социјалните мрежи. 

Токио – Владата во Токио денеска побара од Мјанмар да го ослободи јапонскиот новинар уапсен во Јангон.Официјалниот претставник на јапонската влада рече дека од Мјанмар било побарано да го објасни апсењето и новинарот да биде ослободен што е можно побрзо. 

Владата не го наведе идентитетот на новинарот, но медиумите објавија дека станува збор за Јуки Китазуми, поранешен репортер за економскиот весник „Никеи“, моментално хонорарен новинар во Јангон. 

Тел Авив – Израелските воени разузнавачи и претставници на Мосад предвидуваат дека разговорите во Виена помеѓу Иран и светските сили ќе доведат до враќање на САД во Договорот постигнат во 2015 година. 

Израелската Влада е многу загрижена за можноста САД повторно да се вратат на Договорот и се обидува да ја убеди администрацијата на Џо Бајден да не го намалува притисокот врз иранскиот режим. 

Мадрид – Флорентино Перез, претседател на Реал Мадрид и претседател на новоформираната Супер лига, искажа големи очекувања од создавањето на натпреварувањето. 

– Ќе му помогнеме на фудбалот на секое ниво и ќе го однесеме на заслуженото место во светот. Фудбалот е единствениот глобален спорт со фанови од четири милијарди луѓе. Наша одговорност, одговорност на големите клубови е да ги задоволиме потребите на овие луѓе, рече Перез. 

Лондон – Португалскиот фудбалски стручњак Жозе Мурињо повеќе нема да биде тренер на Тотенхем објавија „Телеграф“ и уште неколку други британски медиуми. 

Според нив, управата на лондонскиот клуб одлучила да го отпушти 58-годишниот Мурињо. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close