МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 април 2021

19 април 2021

Скопје – По неколкумесечна блокада за реализација на петтиот пакет антикризни мерки вчера пратениците во Собранието ги донесоа законите поврзани со овој пакет. Законите беа донесени едногласно, со гласовите и на парламентарното мнозинство и на опозицијата, а од посебни кабини и облечени во скафандери гласаа и двајца пратеници позитивни на Ковид-19.

Указите за овие закони ги потпиша и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Скопје– Попладнево се очекува во земјава да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а исто толку се очекува да стигнат и на 26 април. Вакцините денеска со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Скопје – Туристичко-угостителскиот сектор утре ќе протестира пред Владата се до исполнување на нивните барања. Бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, како и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.

– Секторот се наоѓа во исклучително тешка состојба и доколку итно не се обезбедат економски мерки за финансиска поддршка, ќе се соочи со целосно уништување, предупредува Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Скопје – Во Собранието на Северна Македонија денеска е закажана седница на Комисијата за финансирање и буџет.

На дневен ред на седницата се измените на Законот за данокот на добивка во прво читање и Предлог-програмата за изменување на среднорочната програма за формирање, чување, обвновување и користење на стоковите резерви за периодот 2021-2025 година.

Скопје – Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  во реакција по потпишувањето на указите за законите што вчера беа изгласани во Собранието вели дека претседателот на државата Стево Пендаровски потпишал, како што наведува во објава на Фејсбук, се што му наредил стопанот.

-Еве го бекна, ама не само што бекна туку и потпиша се што му нареди стопанот. Сакаше да биде сатиричен, а испадна смешен. Претседателе Пендаровски погледајте го моето последно интервју дадено во петокот и ќе слушнете грмење не бекање за националните теми меѓу која и таа измислената што ја споменувате да го исперете криминалот, корупцијата и срамот на стопанот. Грмење за тоа што ја доведовде Македонија во подредена положба заедно со стопанот. Што се однесува до времињата кога една партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија можам да Ви кажам добредојдовте во 2021 година, или да бидам попрецизен денес не партијата на власт туку вашиот стопан е полицаец, обвинител и судија. Следниот пат наместо да плачете на медиуми зошто сме лидери според корупција, криминал во Европа, додека балкански нарко босови шетаат со македонски пасоши и марихуана е главен бизнис во државата, БЕКНЕТЕ нешто, зошто ни ја снемува државата. И да…, одговорност ќе има, порано или подоцна, јас Ви ветувам!, стои во објавата на Мицкоски.

Скопје –  На Деновите на македонската книга што се одржаа во Московскиот дом на националностите во рамки на проектот „Читаj jа Македониjа!”, иницијаторот на проектот Олга Панкина ја претстави книгата „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”. Ја најави и новата поетска збирка „100 песни на Блаже Конески во препев на руски” коjа се подготвува токму за јубилејот на поетот.

Годинава проектот „Читаj jа Македонија!” има задача да придонесе кон афирмацијата на Северна Македонија во светот низ книжевните остварувања (претставени на македонски jазик и во превод на руски) на големиот македонски културен деец Блаже Конески по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Атина – За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката Влада ја продолжи до 26 април 2021 година министерска одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Во новата министерска одлука, промени има за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.

Софија – Веќе в среда може да се гласа на новата бугарска Блада, предводена од Даниел Митов, изјавија извори од ГЕРБ за водечките бугарски медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на овие гласини во медиумите, доколку претседателот, Румен Радев, утре и го врачи мандатот на партијата која освои најмногу гласови на парламентарните избори, веќе  в среда нема да има никакво проблем во Националното собрание  да се гласа за составот предложен од кандидатот за премиер, Даниел Митов.

Брисел – Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, пред почетокот на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи порача дека односите со Русија се влошуваат во повеќе сегменти, јави дописничката на МИА од Брисел.

Денешниот министерски состанок се одржува преку видео-конференциска врска поради рестрикциите поврзани за пандемијата.

Брисел – Европската Унија денеска се состанува во формат на министри за надворешни работи во Советот, за да расправаат за влошената здравствена состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој се наоѓа в затвор, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од Советот изјавија дека Европската Унија е “длабоко загрижена“ поради информациите за дополнителното влошување на здравствената состојба на Навални во затворот и ја повикуваат Русија веднаш да му дадат пристап до медицински персонал во кој тој има доверба.

Рим – Папата Франциск изрази загриженост за неодамнешното трупање руски војници во близина на границата со Украина и повика на напори за смирување на тензиите во седумгодишниот конфликт во источна Украина, каде украинската армија се бори против бунтовниците поддржани од Русија.

Украинските власти посочуваат дека кршењето на прекинот на огнот станало зачестено во изминатите неколку недели, а оваа година беа убиени речиси 30 војници. Украина ја обвинува Русија за зголемување на тензиите со распоредувањето на 41.000 војници во близина на границата со источна Украина, како и 42.000 на Крим, каде Русија има голема поморска база. Официјална Москва тврди дека спроведува воени вежби.

Берлин – Германските конзервативци го пробија рокот, кој самите си го поставија, во кој треба да одлучат кој ќе ги предводи ЦДУ и ЦСУ на парламентарните избори по заминувањето на канцеларката Ангела Меркел.

Христијан демократите (ЦДУ) и нивните баварски сојузници веќе подолг период водат меѓусебна битка за наследникот на Меркел, а главни кандидати се Армин Лашет, кој од јануари годинава е претседател на ЦДУ, и е премиер на Северна Рајна Вестфалија и Маркус Зедер, шеф на баварската сестринска партија ЦСУ, и премиер на Баварија.

Сиднеј– Патувањето од Австралија до Нов Зеланд од денеска е можно без карантин, по повеќе од една година забрана поради пандемијата на коронавирусот.

Укинувањето на ограничувањата е олеснување за семејствата кои веќе долго време се разделени поради пандемијата на коронавирусот, како и за туристичкиот сектор.

Џакарта – Стратовулканот Мерапи на островот Јава во Индонезија еруптираше рано изутринава, исфрлајќи огнена лава 16 пати, соопшти агенцијата за вулканологија во земјата, пренесува ДПА.

Лавата патувала до 1.500 метри на југо-западната падина на вулканот од полноќ до 6 часот наутро по локално време, соопшти државната новинска агенција Антара, повикувајќи се на податоци од Националната геолошка агенција.

Токио – Јапонија во март забележа раст на извозот од 16,1 проценти во споредба во истиот месец минатата година. Растот се должи на на побарувачката од Кина, објави денеска јапонската Влада.

Во март испораките во Кина, најголемиот трговски партнер на Јапонија, се зголемени за 37,2 отсто.

Париз –  Францускиот претседател, Емануел Макрон, изрази волја за помирување на спомените меѓу Французите и Алжирците и покрај „одредениот отпор“ што постои во Алжир.

„Верувам дека оваа волја е широко прифатена и од алжирскиот претседател, Абделмаџид Тебун. Точно е дека треба да се земе предвид и одредениот отпор“, рече Макрон за „Фигаро“.

Лондон – Лестер вчеравечер го победи Саутемптон со 1:0 во полуфиналето на ФА купот и избори учество во мечот за трофејот.

„Лисиците“ стигнаа до финалето на Националниот куп за прв пат од 1969 година, кога тимот загуби со 0:1 од Манчестер сити.

Париз/Лондон – Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон не се согласуваат со одлуката за формирање европска Супер лига, надвор од ингеренциите на УЕФА.

Ниту еден француски клуб не го поддржа создавањето на Суперлигата, додека Англија ќе има свои претставници.

Нион – Европската фудбалска асоцијација наскоро ќе објави дали ќе имаат завршница Лигата на шампионите и Лигата на Европа оваа сезона.

По официјалната потврда за создавањето на Супер лига, на социјалните мрежи се прошири информација дека преостанатите натпревари во Лигата на шампионите и Лигата на Европа можат да бидат одложени или целосно откажани.

Мадрид – Организаторите на Супер лигата најавија официјално формирање на новиот турнир. Во Супер лигата ќе се натпреваруваат: Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Милан, Интер и Јувентус. Уште осум клуба треба да им се придружат подоцна.

За претседател на Супер лигата е избран првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, потпретседатели на турнирот се претседателот на Јувентус, Андреа Ањели и сопственикот на Манчестер јунајтед Џоел Глејзер.

Скопје – Претежно облачно време со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни и проследени со грмежи се очекуваат во текот на денешниот ден. Локално, според прогнозата на синоптичарите, ќе наврнат и над 15 литри на метар квадратен. На планините на северозапад ќе врне снег.

Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната од 10 до 17 степени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close