МИА Флеш

МИА Флеш

16 април 2021

16 април 2021 

Скопје – Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор, но детали ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.

-Завршивме и денеска со состанокот, верувам дека постигнавме договр. Ова што го договоривме ќе го ставиме на хартија, бидејќи има и правни формулации, за потоа да можеме и да ги соопштиме и самите детали, изјави премиерот по средбата.

Појасни дека е договорено решение, на ако го соопштат сега договореното, пред да го стават на хартија, може да се направи различно видување во јавноста.

Скопје – Регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк отсега ќе бидат јасно назначени на агрегаторот Time.mk (https://time.mk/blue), информираат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Time.mk.

Со ова, информираат од ЗНМ, агрегаторот Time.mk се придружува на напорите за саморегулација на двете новинарски оганизации во обид да се препознаат професионалните и етички онлајн медиуми.

Скопје – Дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април, за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар, ДОЦ на ЦУК, а во врска со настанот за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високопланинското село Емирица.

Ова го најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција и нагласи дека на крај одговорноста ќе ја утврди Јавното обвинителство.

Скопје – Министерството за животна средина и просторно планирање ги објави резултатите од спроведениот Конкурс за распределба на средства за финансирање и реализација на програми, проекти и други активности од област на животна средина согласно Програмата за инвестирање во животна средина за 2021 година. Резултатите се достапни на следниот линк од Службен весник број 83.

-Програмата изнесува 65.000.000,00 денари, а средствата се наменети за финасирање или кофинансирање на проекти за заштита и унапредување на водите, посебно во дел изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води, заштита на природата и биолошката разновидност, подигање на јавната свест, едукација и обука во областа на животната средина, поттикнување на образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата, информира МЖСПП.

Скопје – Нашите главни забелешки дојдоа од теренската активност и она што ние го искусивме како граѓани од издавање на одредени концесии во последниве години. Особено беше искуството на Југоистокот кадешто граѓаните најчесто дознаваа за сите издадени концесии, откако целата постапка ќе беше завршена, што значи дека граѓаните нема како да делуваат. Сите забелешки беа во однос на носење на концесиите, детални геолошки истражувања и особено за концесиите за експлоатација, сите одлуки, сите постапки, започнување на постапките да бидат објавени, тука е транспарентноста. И најбитниот дел, учеството на јавноста да биде загарантирано со одржување на јавни расправи, истакна на денешниот брифинг Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.

По повлекувањето на измените на Законот за минерални суровини од собраниска постапка на почетокот на годината, Министерството за економија и Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ работеа на новите измени на законскиот текст, како и на вклучување на дополнителни забелешки.

Скопје – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која се разговараше за последните акции на МВР и тековната техничка помош на САД за поддршка на Министерството.

Како што соопшти МВР, Спасовски се заблагодари за техничката поддршка што МВР ја добива од Амбасадата на САД, што  многу придонесува за успешни резултати во работата на полицијата. Амбасадорката Брнз, пак, го истакна значењето на неодамнешните акции во борбата со криминалот.

Скопје – На младите по пандемијата треба да им се обезбеди живот и иднина, а имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики е неопходна за да се постигне токму тоа, ова беше генералниот заклучок на дискусијата „Клуб на млади или клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?“ организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

На настанот, членови од собранискиот клуб и младински работници, споделија искуства од својата младинска работа и отворија дискусија за приоритетите и целите на Клубот во наредниот период.

Скопје – Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ денеска потврди дека инвеститорот преку е-системот на Општината поднел барање за градежна дозвола за првата зграда што е предвидена да се гради спроти „Холидеј ин“, меѓутоа, како што рече, барањето се уште не е правосилно.

– Инвеститорот си го поднесува проектот, си уплаќа комуналии и нормално дека си поднесува барање за одобрение. Моментот е што тој си аплицира во системот. Управната постапка завршува на крај со правосилност. Јас се уште не сум дал правосилност, изјави Богдановиќ.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска со обраќање го отвори годинешниот Форум на добри компании во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и Германското  друштво за интернационална соработка (ГИЗ), соопшти МТСП.

Акцентот на вториот ден од годинешниот Форум, што првпат годинава се оддржа онлајн беше ставен на социјалните претпријатија, социјалните услуги како потреби на заедницата и иновациите во оваа област.

-Намалувањето  на сиромаштијата и зајакнувањето на човечкиот капитал е заедничка стратешка цел на Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија. Со реформите создаваме интегриран, транспарентен и одржлив систем на социјална заштита кој обезбедува достапни, ефикасни и квалитетни мерки и услуги, креирани да одговорат на реалните потреби на граѓаните, рече министерката во обраќањето.

Скопје – Околу 35.000 граѓани се вакцинирани до вчера во земјава. Од нив, околу 13 илјади ја примиле „Астра Зенека“, од која има уште 10 000 на располагање, нешто помалку од 3000 има од руската „Спутник“ и илјада од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови зашто често доаѓаат со придружба.

Министерот Венко Филипче денеска изјави дека дози од вакцините се распределуваат низ пунтовите низ државата, а системот ќе се дополни и со вакцините на „Фајзер“, за кои и денеска било потврдено дека во понеделник со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје. На крајот од месецов ќе стигнат и кинеските – сите во една пратка наеднаш, по што вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Скопје – Северна Македонија останува посветена на дијалогот и со новата влада на Бугарија ќе биде постигната согласност за надминување на актуелната ситуација и за имплементацијата на Договорот за добрососедство и пријателство. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на средбата со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, осврнувајќи се на прашњето со Бугарија.

-Ги почитуваме сите различни европски идентитети и јазици, и подеднакво очекуваме да се почитува и нашиот македонски идентитет и македонски јазик. Тоа е европска вредност и од земјите членки на ЕУ бараме да опстанат на европските вредности, рече на средбата премиерот Заев.

Скопје – Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) информира дека за академската 2021/2022 година ќе додели стипендии на средношколците кои покажале добар успех во средното образование, а сакаат школувањето да го продолжат на МБУ.

-Програмата за стипендирање на идните студенти која се базира на успехот остварен во средното образование, а која почна да се применува од минатата година, овозможува средношколците да добијат стипендија од 50 проценти до 100 отсто во текот на нивните студии. Аплицирањето за стипендии веќе започна и ќе трае до 30 септември, односно до пополнување на предвидените квоти за студенти, велат од универзитетот.

Скопје – Време е, уште денеска, да се изгласа петтиот сет мерки. Време е Собранието да покаже одговорност, пратениците да си ја заслужат платата, истакна Тимчо Муцунски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Уште еднаш повторувам дека нашата пратеничка група бараше оваа помош да биде неповратна, а истовремено уште сега да изгласаме ваква помош покрај за февруари и март, и за април и мај. Целта, меѓу другото, е повторно да не ги ставаме компаниите и граѓаните во исчекување. Ние како пратеничка група нудиме решение. Седница за економските мерки денеска во 17:00 часот; во сабота во 12:00 часот; во недела во 12:00 часот; Седница во било кој друг термин кој ќе ги задоволи желбите на претседателот на Собранието. На таа седница ќе биде присутна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството нека обезбеди само 20 пратеници, не мора повеќе, и мерките ќе се донесат, рече тој.

Скопје – ВМРО-ДПМНЕ уште пред три години алармираше дека кај поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски има индиции за сторен криминал, изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, по објавувањето на информацијата дека Рашковски е приведен.

– Уште пред две три години ВМРО – ДПМНЕ алармираше дека кај Рашковски има индиции за сторен криминал, но бидејќи беше најдобар другар на Заев за него законот не важеше. Дали сега ќе важи ќе видиме од оваа постапка, но сакам да нагласам дека Рашковски бил само генерален секретар на една институција каде што главниот шеф бил Зоран Заев и кое било незаконско дејствие на Рашковски не ја исклучува командната одговорност на премиерот Заев како надреден над генералниот секретар Рашковски, рече Милошоски.

Скопје – Во Дебар Маало во општина Центар денеска беше пуштено ново детско игралиште, составено од два дела, односно заградено кошаркарско игралиште и детско игралиште. Поставен е кош по фиба стандарди со гумирана подлога за зголемена безбедност и несакани повреди кај децата, нови модерни детски реквизити, шаховски табли и нов летниковец.

-Жителите на Дебар Маало прв пат ќе добијат нова јавна површина и нова урбана зона за спорт и рекреација. Ова игралиште е доказ за нашата локална политика и сите активности што ги преземеме за креирање на нов, модерен и функционален изглед на детските игралишта на територија на општина Центар, рече градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ на пуштањето во употреба на игралиштето.

Скопје – Сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска „предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски, истакнал министерот за финансии Фатмир Бесими, кој заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата, криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски разговараа со претставници на бизнис секторот за мерките од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и на планот за сузбивање на корупцијата „Акција 21“.

На состанокот, како што соопшти Министерството за финансии, Бесими оценил дека сивата економија го нарушува интегритетот на целиот даночен систем и влијае штетно врз буџетот и наплатата на приходите. Токму затоа целта на Акцискиот план на Министерството за финансии е во насока на зајакнување на механизмите за сузбивање на сивата економија.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска починала млада пациентка и добиле согласност од нејзините родители за донирање органи.

– Веројатно имаме потенцијал за уште една трансплантација. Денеска за жал кај нас има млада почината пациентка, има согласност за донација на органи од семејството и сега се прават проверки и во однос ХЛА типизацијата за тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти во текот на денешниот ден се ќе се заврши, рече Филипче.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека граѓаните ќе можат да испитуваат антитела на товар на Фондот, но ќе бидат потребни одредени критериуми и нема да може тоа да го прави секој.

– Разговарав со директорот на Институтот и заклучивме дека, сепак, има индикации да се прават испитувања за антитела. Се договоривме, да се врати повторно одлуката да се прават тие испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но под одредени критериуми, да не биде дека кој било може да го направи тоа испитување оти финансискиот товар е многу голем, истакна министерот.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека во вторник со претставници од Министерството за здравство ќе одат во официјална посета на Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.

– Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, таа соработка која ја имаме во размена на експертизата, нивни експерти тука во делот на гинекологијата, неонатологијата, кардиохирургијата и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од „Торлак“. Во овој момент не ни се потребни вакцини, но гледаме како се одвива работата со пандемијата, има разни најави, не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата, додаде Филипче.

Скопје – Општина Карпош го отстрани стариот и оштетен „брод“ на детското игралиште спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, во урбаната заедница „Пецо Божиновски – Кочо“, а на негово место постави нови реквизити за најмладите.

Општина Карпош информира дека поставени се нови клацкалки и тобогани, со што се подобрени условите за рекреација на децата во овој дел на Карпош.

Скопје – Обвинителството поведе постапка за агентот за недвижности за кој пишуваше МИА, за продолжено кривично дело – Измама, при што за него ќе биде поднесен Предлог за определување мерки на претпазливост – обврска повремено да се јавува кај определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности, информираат од Основното јавно обвинителство – Скопје.

За лицето, МИА утрово објави дека Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР, по наредба на надлежен обвинител од ОЈО, го лишила од слобода и е предадено на надлежна полициска станица за понатамошна постапка за потребите на истрагата за која ОЈО оформи предмет пред три дена, по пријавите на граѓаните.

Љубљана – Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска ја отфрли идејата за промена на границите на државите од поранешна СФРЈ и истакна дека го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

Пахор на прес-конференцијата рече дека не знае за нон-пејперот и дека за тоа не разговарал со премиерот Јанез Јанша.

Берлин – Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот денеска на Твитер напиша дека цртањето нови граници на Западен Балкан е опасен пат.

– Регионално помирување и соработка се клучни за мирот, демократијата и просперитетот. Цртањето нови граници е опасен пат, напишта Рот.

Брисел – Висок дипломатски извор во ЕУ денеска на брифинг со новинарите во Брисел увери дека одлуката да се одложи дебатата за западниот Балкан на претстојниот Совет за надворешни работи е исклучиво поради тоа што средбата не е физичка, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Одлуката да ја одложиме дебатата за Западен Балкан за мај е апсолутно, директно и стопроцентно поврзана со промената на природата на Советот за надворешни работи, од физичка на видеоконференција, а за Западен Балкан сметаме дека заслужува искрена и отворена дискусија, најверојатно со интервенција од господинот Лајчак, изјави дипломатот на средбата со новинарите.

Пекинг/Берлин/Париз – Германската канцеларка Ангела Меркел, кинескиот претседател Си Џинпинг и францускиот претседател Емануел Макрон денеска имаа онлајн самит на кој разговораа за напорите за справување со климатските промени, пренесе ДПА.

Според кинеската државна телевизија, тројцата лидери разговарале за соработка во справувањето со климатските промени, односите меѓу Кина и Европа, за заедничката работа во борбата против пандемијата на коронавирусот и за други меѓународни и регионални теми.

Сеул – Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин денеска го номинираше Ким Бу-кјум за нов премиер.

Ким ќе го замени Чунг Сје-кјун кој поднесе оставка. Според јужнокорејските медиуми Чунг планира да се кандидра за претседател на Јужна Кореја.

Таг

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close