МИА ФлешПакети

МИА Флеш  

16 април 2021 

16 април 2021 

 

Скопје – Во Собранието денеска на пладне се очекува да се одржи средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, потврдија за МИА од коалицијата. 

Ова е трета средба на Заев со претставници на албанската опизиција – Алијанса за Албанците и Алтернатива и треба да се разговара за законот за државјанство и решавање на проблемот со немањето државјанство на одреден број граѓани, како и за одблокирање на работата на Собранието. 

Скопје – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска претпладне на иницијатива на претседателот Талат Џафери ќе заседава парламентарното претседателство кое треба да разговара како ќе продолжи со работа законодавниот дом, по синоќешната седница која беше прекината, а петиот сет анткризни мерки не беше донесен. 

На состанокот на претседателството на Собранието, согласно Законот ќе присуствуваат Џафери, двајцата потпретседатели Горан Мисовски и Фадил Зендели, како и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова. 

Брисел – Европската Комисија сака да биде вклучен Западниот Балкан во Конференцијата за иднината на Европа, но конечната одлука ја носат земјите членки на ЕУ, а оттаму сѐ уште нема јасна позиција, јави дописничката на МИА од Брисел. 

Во одговор до МИА на ова прашање од кабинетот на потпретседателката на Европската Комисија, задолжена за оваа Конференција, Дубравка Шуица, потврдија дека оваа институција сака да го види регионот инволвиран во овој настан кој започнува на 9 мај. 

Скопје – Драги Рашковски и Даниела Станчев, осомничени во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци се спроведени во Суд пред судија на претходна постапка, потврдија за МИА од Основниот кривичен Суд – Скопје. 

Оттаму велат дека по завршувањето на распитот во однос на предлогот на јавниот обвинител за определување мерка притвор за двајцата осомничени јавноста ќе биде известена. За другите двајца осомничени во случајот се бараат мерки за претпазливост. 

Скопје – Стопанската комора на Северна Македонија бара пратениците итно да ги изгласаат законите поврзани со петтиот пакет мерки, кои ги очекуваат нејзините членки како поддршка во услови на пандемија. 

-Сведоци сме дека во Парламентот т.н. петти пакет економски мерки, доставен од Владата на Република Северна Македонија, многу долго чека да биде изгласан. Во ситуација кога македонската економија поминува низ  многу тежок период на справување со сите последици од пандемијата со COVID 19, исклучително е важно помошта од државата да стигне што побргу до сите за кои е предвидена. Со петтиот пакет економски мерки, тежок околу 160 милиони евра, ќе се овозможи околу 60 илјади вработени месечно да земаат плата. За некои тоа е единствениот приход во семејството. Ќе им се помогне на компаниите со голем пад на приходите, на меѓународните транспортери, на самостојните вршители на дејност, на увозниците и извозниците и на компаниите кои инвестираат. Но не само на правните лица туку и на граѓаните со долгови врз основа на камати кон јавни институции и кон јавни претпријатија, се вели во соопштението од Стопанската комора. 

Скопје – Стопанската комора на Македонија апелира до пратениците во Собранието да направат максимални напори и во текот на денот да ги донесат законите од петтиот антикризен пакет кои се во насока на поддршка на македонската економија. 

– Станува збор за законски решенија чие изгласување ќе овозможи поддршка за 20.000 компании и околу 130.000 вработени, како и 25.000 граѓани од ранливите категории и со тоа ќе се зголеми ликвидноста и потрошувачката, кои во овој момент се неопходни за одржување на субјектите во кондиција заради справување со кризата, се потенцира во денешното соопштение од Комората, чии членки генерираат 50,3 проценти од вкупниот приход во приватниот сектор и вработуваат 33,7 проценти од вработените во овој сектор. 

Скопје  –  Преку трите кредитни линии, Ковид 1, 2 и 3, од Развојната банка на Северна Македонија, обезбедени се ликвидни средства во вкупен износ од 44,1 милиони евра, пришто се поддржани над четири илјади компании кои вработуваат 36.802 лица, информираат од кабинетот на вицепремерот за економски прашања. Оттаму додаваат дека  оваа финансиска поддршка значително им помогна на компаниите да ја одржат својата ликвидност во кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, кредитите се со каматна стапка од 0 проценти и грејс период до 6 или 12 месеци, кој за Ковид 1 дополнително се продолжи за три месеци. 

До Владата, посочуваат, е доставен Извештај за исцрпеноста на бескаматната кредитна линија Ковид 3, од која се овозможени заеми на 2703 трговци-поединци и микро и мали компании, кои вработуваат вкупно 19.031  лица. Вкупниот износ на одобрени заеми изнесува 30,6 милиони евра. На повикот се пристигнати 3.282 кредитни барања од кои се разгледани 97 отсто. Од нив, се одобрени 2703 кредитни барања, додека за 489 кредитни барања е утврдено дека не исполнуваат најмалку еден од условите од Јавниот повик. 

Скопје – Во иднина, вработувањата најмногу ќе се темелат на вредностите на човекот, на неговите вештини, карактер и личност, наместо на параметрите кои ги наведувам во кусите биографии. Ова, ќе придонесе и во поглед на инклузијата, односно ќе го унапреди регрутирањето на ранливите лица на пазарот на трудот. Ова е еден од заклучоците донесени на првиот ден од четвртото издание на Форумот на добри компании, кој се одржа вчера, а на кој присуствуваа вицепремиерот Фатмир Битиќи, амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн и Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“. 

Главен фокус на форумот, организиран од „Паблик“, на кој учество зедоа и околу 200 учесници од регионот, беше ставен на иднината на работните места, особено после пандемската криза. 

Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Предлог за издавање казнен налог против шест лица за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. 

Обвинетите, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, го сториле делото на 13 јануари, кога наспроти донесените мерки и прописи за спречување на ширењето на коронавирусот, се собрале во стан на улица „Иван Козаров“ за да прослават Стара Нова година – Василица. 

Скопје – На редовниот утрински состанок со директорите на ковид – центрите во Скопје ја разгледавме состојбата со пополнетоста на болничките капациети. Иако во изминатите денови има благ тренд на намалување на бројот на приеми, сепак ситуацијата и понатаму е сериозна и притисокот врз ковид – центрите е голем, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче. 

Во моментов, посочува министерот, имаме доволно слободни места за да се згрижат сите пациенти кои имаат потреба од болничко лекување. 

Скопје – Туристичките агенции имаат пад на прометот од 80 до 100 проценти, интересот за патување е сведен на минимум, а реализацијата на направените аранжмани е неизвесна поради секојдневното менување на одлуките во државите поради пандемијата. Доставиле три барања до Владата и најавуваат дека во вторник ќе се приклучат на протестот на угостителите. 

– Интересот за патување е сведен на минимум, скоро и да не постои. Падот на прометот кај сите турстички агенции е над 80 проценти, а кај големиот дел и 100 проценти. 2021 година беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала меѓутоа за жал истата се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме д го поднесеме, изјави денеска на прес-конференција Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора. 

Скопје – Познатиот македонски ракометар Филип Миркуловски на учениците од четврто одделение од ООУ „Рајко Жинзифов“ од општина Кисела Вода им одржа онлајн едукативно предавање, информираат од Општината. 

Како што велат оттаму, Миркуловски на децата им зборувал за неговите почетоци во ракометот, им кажал што треба да прават за да ги постигнат неговите спортски успеси и нагласил зошто е важно да се спортува, одговарајќи им на сите прашања поврзани со спортот. 

Тирана – Во издание на „Менора“ од Скопје деновиве е објавена книгата  „Хармонска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“ ,на албански јазик, од проф. д-р  Марија Дојче која предава на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча. 

Како што пренесува весникот „Илинден“,  од издавачката куќа информирале дека објавата на книгата  е реализирана со несебична помош на Васил Стерјовски. 

Тетово – Општина Јегуновце доби донација од осум лаптопи од НЛБ Банка кои ќе им бидат доделени на ученици од социјално ранливи категории од  општинското основно училиште „Симче Настовски“ во Вратница, за следење настава на далечина. 

–Благодарност до Министерството за образование и наука и НЛБ Банка, општествено-одговорна компанија која продолжува да дава поддршка и подобрување на социоекономските прилики на локално ниво. Донацијата од осум лаптопи ќе се доделат на ООУ „Симче Настовски“ – Вратница за успешно следење на наставата во време на вонредни услови, предизвикани од пандемијата на коронавирусот, информираше градоначалникот Дарко Блажевски. 

Атина – Несогласувања имало и ќе има, но постои јасна волја од Владата на Мицотакис за позитивна агенда и спектар на соработка во односите меѓу Грција и Турција, соопштуваат од грчкото МНР и додаваат дека токму затоа за време на вчерашните средби во Анкара биле доставени конкретни предлози до турската страна, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчката страна, преку заменик-министерот за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис предложила 15 точки на соработка во областа на економијата, а свои предлози доставила и Турција. 

Анкара – Турската централна банка ја забрани употребата на криптовалути, како што е биткоинот, за плаќање на стоки и услуги, објавено е денеска во Службениот весник на земјата. 

Се повеќе Турци користат криптовалути за да ги заштитат своите заштеди од зголемената инфлација и падот на турската валута. 

Тирана – Несогласувањата, јавните обвунувања и преписки по социјалните мрежи на релација шеф на држава – премиер продолжуваат, а со наближувањето на денот на изборите, што во Албанија ќе се одржат на 25 овој месец, тие преминуваат и во тешки навреди. 

Така, претседателот Илир Мета, како што пренесува Ора њуз телевизија, гостувајќи во телевизиска емисија, јавно го поканил премиерот Еди Рама заедно да направат медицински преглед за менталното здравје и тест за дрога. 

Москва – Московската филијала на Радио слободна Европа (РСЕ) соопшти дека поднела тужба до Европскиот суд за човекови права со цел да им наложи на руските власти да се воздржат од изрекување парични казни што може да и нанесат „неповратна штета“ на медиумот. 

РСЕ годинава е казнет парично во согласност со рускиот закон со кој е обележан како организација што „извршува функција на странски агент“. 

Брисел – Европската унија соопшти дека ќе продолжи правната постапка против Велика Британија поради последната еднострана акција во Северна Ирска, нагласувајќи дека се прифатливи само заеднички договорените решенија околу прашањето за трговија. 

Потпретседателот на ЕК, Марош Шефчович го прими вчера британскиот преговарач за Брегзит, Дејвид Фрост, на кого му порача дека само договорите на заедничките тела, формирани во рамки на договорот за излез од Унијата, можат да обезбедат стабилност во Северна Ирска. 

Велингтон – Нов Зеланд излезе со нови предлози за забрана за пушење, што ќе ја опфати следната генерација и ќе се приближи кон целта – држава без цигари од 2025 година, пишува „Гардијан“. 

Плановите вклучуваат постепено зголемување на законската возраст за пушење, продолжување на забраната за продажба на цигари и производи од тутун на сите родени по 2004 година, што значи дека пушењето всушност станува нелегално за оваа генерација. 

Женева – Бројот на нови случаи на коронавирус за една недела е речиси двојно зголемен на глобално ниво во последните два месеца, приближувајќи се на највисоката стапка во досегашниот тек на пандемијата, изјави денеска во Женева генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. 

„Бројот на новозаразени и смртни случаи продолжува да расте со загрижувачки стапки“, рече Тедрос на конференцијата посветена на состојбата во Папуа Нова Гвинеја и западно-пацифичкиот регион. 

Техеран – Претседателот на иранскиот Парламент изјави дека иранските научници збогатиле ураниум со концентрација од 60 отсто – највисоко ниво достигнато во нуклеарната програма на Исламската република, објави „Тајмс оф Израел“.  

Мохамед Багер Галибаф ја објави пораката на Твитер пет дена по нападот врз нуклеарната централа Натанц, за што Техеран рече дека е дело на Израел. Тој истакна дека збогатувањето почнало ноќеска. 

Мадрид – Фудбалерот за врска Лука Модриќ ќе помине уште една сезона во Реал Мадрид. Двете страни се согласија да го продолжат договорот до летото 2022 година. 

Триесет и петгодишниот играч се согласи на намалување на платата предложена од „Кралевите“. 

Барселона – Познат е составот на Барселона за финалето на Купот на Шпанија со Атлетик Билбао. На списокот на тренерот Роналд Куман се најдоа и дефанзивецот Џерард Пике, како играчот за врска Ансуман Фати кои кои ги пропуштија претходните натпревари поради повреди. 

Фати и голманот Нето сè уште не добиле дозвола од лекарите да учествуваат на натпреварот и нивното учество на натпреварот е доведено во прашање. 

Маранело – Возачот на Ферари, Шарл Леклер ја претстави специјалната кацига со која ќе настапи на трката од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Емилија-Ромања. 

На домашната сцена, Леклер одлучи да им го посвети дизајнот на навивачите на тимот и ги вклучи зборовите „Тифози“ и „Маранело“. 

Скопје – Времето во земјава ќе биде умерено до значително облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта почнувајќи од југозапад ќе има врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, во горниот тек на Повардарието северен, а во јужните делови источен и југоисточен ветер. Утринската температура ќе се движи од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени. 

Во Скопје  умерено до значително облачно со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 1, а дневната ќе достигне до 15 степени. Под влијание на влажна воздушна маса од утре кон крајот на денот и во наредните денови следува период на пооблачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Најоблачно и најврнежливо ќе биде во сабота и во понеделник, кога на места врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. 

Back to top button
Close
Close