МИА ФлешПакети

МИА Флеш

16 април 2021

16 април 2021

 

Скопје – На 27ми април 2017 година за време на протестот во Скопје што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот. Еден од нив беше Горан Трпеноски кој вчера беше одбиен од Граѓанскиот суд во Скопје кој не му го призна статусот на новинар. Европската федерација на новинари (ЕФН) и нејзината членка, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука.

Како што соопштува ЗНМ, Горан Трпеноски известуваше за настаните на 27 април 2017 година за онлајн  медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk). Откако кон него беа упатени закани се одлучи да поднесе тужба за попречување на правото за пристап до информации и нанесената психолошка штета. Вчера, во својата пресуда, судијката Јованка Спировска Панева објасни дека во тоа време Трпеноски не бил новинар затоа што работел за онлајн медиумот (sdk.mk), што според Законот за медиуми не се смета за медиум. Понатаму во оваа пресуда, судот не го признава правото на информација како уставно право.

Скопје – Австрија бара од Бугарија да ја тргне блокадата кон Северна Македонија и земјава да ја одржи првата меѓувлададина конференција со ЕУ за време на португалското претседателство, што завршува на 1 јули. Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер нема разбирање дека Софија и натаму блокира, апелирајќи до Бугарија овој отпор да го заврши. Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е оптимист дека оваа ќе биде година на заеднички успех со Бугарија и оти доколку се покаже мудрост од двете страни, прашањето би можело да се реши за неколку месеци.

Овие пораки беа пренесени вчера на заедничката прес-конференција на австриската министерка Едштадлер со вицепремиерот Димитров, кој е во посета на Виена, како дел од неговата турнеја низ главните градови на земји членки на ЕУ.

Скопје – Агентот за недвижности кој со капар од 32 илјади евра оштети повеќе купувачи, утрово е лишен од слобода. МИА дознава од доброупатени извори дека Единицата за економски и компјутерски криминал, по наредба на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство, го лишила од слобода лицето против кого беа поднесени неколку кривични пријави од страна на оштетени граѓани за сторено кривично дело измама.

Лицето, според информациите на МИА, е предадено на надлежна полициска станица за понатамошна постапка за потребите на истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје кое оформи предмет пред три дена по пријавите на граѓаните.

Скопје– Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска ќе одржи прес-конференција во 13.30 часот на којашто ќе биде презентиран конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар (ДОЦ) на ЦУК, во врска со настанот во Општина Kратово за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високопланинското село Емирица.

–  Настанот, спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување се случил на 31 март во Општина Кратово од високопланинското село Емирица, за што беше објавено на социјалните медиуми во неделата (4 април), а предизвика голем интерес во јавноста при што паушално имаше прозивање на ЦУК за одредени работи. Тоа беше поттикнато од првично емотивно прикажан настан од поединци и нормално од човечкото сочувство на тие кои ги прочитале првите објави на социјалните медиуми, истакнаа од ЦУК.

Скопје – Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со собранискиот Клуб за младински прашања и политики денеска организира дискусијата Клуб на млади или Клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?” во рамки на настанот Политичките лидери на иднината – предизвиците на младите во Пост-Ковид-19 општество”.

Собранискиот Клуб за младински прашања и политики за првпат беше формиран во 2017 година кој е уште познат и како Клуб на млади пратеници. Клубот беше едно од телата што беше активно вклучено во изготвувањето на Законот за младинско учество и политики.

Скопје – Книгата за деца „Јас сум Акико“ од српскиот автор Стефан Тиќми ќе биде промовирана онлајн денеска во 19:00 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Македонското издание на овој роман е објавено од „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а корицата ја изработи нашиот илустратор и автор Ване Костуранов. „Јас сум Акико“ говори за едно девојче со пеги кое не ги сака границите, а Филмскиот центар на Србија минатата година го поддржа проектот да се адаптира делото во сценарио за долгометражен цртан филм.

Софија –   Бугарскиот Национален оперативен штаб е распуштен, соопшти прес-службата на Советот на министри. Тоа значи дека неделните брифинзи на седиштето се прекинуваат, јавија бугарските медиуми.

Тоа тело беше формирано по наредба на премиерот Бојко Борисов на почетокот на пандемијата во февруари 2020 година.

Единбург– Владејачката Шкотска национална партија вети дека ќе одржи референдум за независност до крајот на 2023 година, потег кој може да го раздели Обединетото Кралство, ставајќи крај на 314-годишниот сојуз. Тоа се случува во момент кога Лондон се бори со последиците од Брегзит и кризата со Ковид-19.

Шкотска гласаше против независноста со 55 отсто наспроти 45 проценти во 2014 година, но Шкотската национална партија (СНП) на актуелната премиерка Никола Старџен посакува нов референдум доколку победи на изборите за шкотскиот Парламент на 6 мај.

Париз – Лидерите на Украина, Франција и Германија денеска ќе разговараат за тензиите меѓу Киев и Москва во врска со конфликтот во источниот дел на Донбас, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во видео за медиумите, Зеленски најави дека денеска ќе отпатува за Париз за да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а преку видеоконференциска врска ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.

Москва – Заменикот руски министер за надворешни работи Сергеј Рјабков на средбата со американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан, кој беше повикан во руското Министерство за надворешни работи, најави дека Москва наскоро ќе преземе мерки како одговор на новите санкции во Вашингтон.

„На амбасадорот му беше кажано дека наскоро ќе следат низа реципрочни мерки“, објави руското МНР.

Вашингтон – Министерството за одбрана на САД потврди дека протечените фотографии и видеа од „неидентификувани летечки објекти“, направени во 2019 година, се веродостојни и автентични снимки.

– Фотографиите и видеата на објектите во форма на триаголник како треперат и се движат низ облаците ги снимил персоналот на Морнарицата, изјави за Си-Ен-Ен гласноговорничката на Пентагон, Сју Гоф.

Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден објави дека му предложил на неговиот руски колега Владимир Путин да одржат состанок летово во Европа.

„Кога разговарав со претседателот Путин, истакнав дека верувам дека директната комуникација помеѓу нас двајца е неопходна за напредок кон поефикасен однос. И тој се согласи со тоа“, нагласи синоќа Бајден, коментирајќи ја американската политика кон Русија.

Вашингтон – САД се подготвуваат за можноста дека ќе биде потребна помошна инекција помеѓу девет и 12 месеци по првичната вакцина против Ковид-19. Тоа го изјави синоќа официјалниот претставник на Белата куќа Дејвид Кеслер.

– Додека се проучува времетраењето на имунитетот по вакцинацијата, можеби ќе бидат потребни повторни вакцинации, изјави Кеслер, главен научен директор на Одделот за реакција на Ковид-19 на претседателот Џозеф Бајден, на состанокот на конгресниот комитет.

Њујорк – Студија спроведена врз 3.000 млади американски маринци кои немале Ковид-19, покажа дека е петпати поголема веројатност да се заразат од оние кои ја прележале инфекцијата, додека околу 10 проценти од маринците кои се заразиле со коронавирусот биле повторно инфицирани. Студијата е објавена во медицинското списание „Лансет“.

„Инфекциите во минатото не гарантираат имунитет, вакцинацијата останува клучна“, се нагласува во текстот на медицинското списание „Лансет“.

Индијанополис–  Во масовна пукотница во американскиот град Индијанаполис доцна синоќа по локално време во простории на компанијата Федекс во близина на меѓународниот аеродром, биле убиени најмалку осум лица, а напаѓачот се самоубил, јавија американски медиуми.

Убиените биле пронајдени во објектот. Најмалку 60 други лица се повредени и пренесени во локалните болници. Во објектот на Федекс работат окоу 4.000 лица.

Лос Анџелес – Кошаркарот на Бостон, Џејлен Браун стана првиот играч во историјата на Селтикс кој постигнал 40 поени на натпревар со стапка на реализација од 85 проценти или повеќе.

Тој ноќеска во победата над Лос Анџелес лејкерс (121:113) реализира 40 поени погодувајќи 17 од 20 удари од поле.

Рим – Пауло Фонсека не знае дали во следната сезона повторно ќе ја предводи Рома. Римскиот клуб синоќа одигра 1:1 со Ајакс и со вкупни3:2 се пласира во полуфиналето на Лига Европа.

– Мислам дека игравме добро во одбраната. Имавме помалку проблеми отколку во Амстердам. Ајакс игра многу добро, особено во нападот. Никогаш порано не сум се пласирал во полуфиналето, затоа сум многу горд на тоа. Ова е гордост за Рома, сите сме многу среќни. Се обидовме да дејствуваме прагматично. Знаевме дека имаме предност по првиот натпревар и дадовме се од себе да ја сочуваме оваа предност. Да се ​​дојде до полуфиналето не менува ништо. Не знам дали ќе бидам тренер на Рома следната сезона. Сопствениците на клубот отсекогаш биле многу блиски до сите нас и ние го чувствуваме нивното присуство, изјави Фонсека за „Скај Спорт Италија“.

Back to top button
Close
Close