МИА ФлешПакети

МИА Флеш

13 април 2021 

Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет за случајот со измамата за кој обелодени МИА. Од ОЈО за МИА денеска известија дека пристигнало известувањето од Министерството за внатрешни работи за кое покажувавме континуиран интерес изминативе две недели. 

–  Оформен е предмет кој е распределен кај надлежен јавен обвинител кој ќе постапува. Јавниот обвинител ќе ги испита и оштетените и пријавениот, а ќе ги обезбеди и сите материјални докази за утврдување на фактите и проверка на наводите, велат од ОЈО за МИА. 

Скопје – Во Основниот кривичен суд во Скопје попладнево почна изрекувањето на  пресудата за предметот „Трезор“, кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. 

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање. 

Скопје – Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви правно мислење во однос на бездржавјанството, со осврт на Законот за државјанството, Законот за странците и Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените. 

-Државјанството на Република Северна Македонија согласно член 3 од Законот за државјанство се стекнува со:1) потекло; 2) раѓање на територијата на државата; 3) природување; и 4) меѓународни договори. Анализите покажуваат дека има две главни категории на лица кои живеат долги години во Северна Македонија но немаат статус на државјанство: 1) лица кои не го уредиле статусот по распадот на СФРЈ и 2) лица кои не се евидентирани во матичните книги на родени, стои во правното мислење. 

Скопје – Неопходен е законот за потекло на имот, кој ќе побара информации секој граѓанин да докаже од каде му е имотот, врз основа на што го стекнал, дали е наследство, дали го купил, некој му го подарил или како било. Советот на Европа не поддржува, ни обезбеди консултант со кој ќе го започнеме процесот за подготвка на овој закон, тоа е број еден потребен закон во државава, рече на денешната прес-конференција претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска. 

Во однос на автомобилот на поранешниот генерален секретар во Владата Драги Рашковски, Ивановска рече дека ќе биде пријавено во Финансиска полиција доколку тој прикажал нереален анкетен лист. 

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери го честита почеток на светиот месец Рамазан на припадниците на исламската вероисповед. 

-Ми претставува чест од свое име и од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да Ви го честитам првиот ден на Рамазан, светиот месец на колективната солидарност, месецот на духовно и телесно прочистување на нашите мисли, тела и проникнување во вистинските вредности на доблесното човечко битие кое има почит кон секој што е ист а различен од него, затоа што е пред сѐ човек. Нека духот на солидарноста, благодатите што ги носи празникот, топлиот збор и хуманите дела се вселат во нашите домови, нашите срца не само овој месец, туку нека зрачат секогаш и секаде каде за тоа има потреба, луѓе сме и сами сме немоќни, заедно, можеме многу, истакнува Џафери. 

Скопје – Во рамки на проектот „Корупција? Не во мојата општина!“, Oпштина Карпош беше една од единиците на локланата самоуправа во која се даваше бесплатна правна помош на граѓаните, а тие се информираа како да препознаат и пријават корупција. 

Проектот е спроведен од Коалицијата „Сите за правично судење“, со поддршка од Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) и УСАИД. На завршната онлајн дискусија учествуваа претставници од граѓански организации, градоначалникот Стефан Богоев, како и координаторите на советничките групи, Филип Даскаловски од СДСМ и коалиција и Тони Јаревски од ВМРО– ДПМНЕ и коалиција. 

Скопје – Вчера имавме онлајн состанок на кој разговаравме со членовите од Антикорупциска комисија за одредени предмети, ситуации, посебно поврзани со Деталните урбанистички планови. Бараме поддршка, соработка во одредени процеси што Општина Центар ги има започнато. Сметаме дека доколку се вклучат одредени институции, пред се тие кои се занимаваат со спречување на можни сомнежи за одредени незаконски активности или корупција, да дадат свој придонес и да ни помогнат во одредени наши борби за заедничка цел, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ. 

Тој вели дека побарале информации што ги слушнале од јавноста за одредени локации каде имало започнати спорови, но и, како што посочи, сакаат да дадат одредени предмети за кои Општина Центар започнала иницијативи и претставки до надлежни институции за што се уште немаат одговор. 

Скопје – Во пресрет на христијанскиот празник Велигден, и оваа година ќе се одржи хуманитарната акција „Волшебно велигденско дрво“, наменета за корисниците од Дневниот центар за лица со церебрална парализа и Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“. 

Хуманитаната акција ќе трае до 27 април. Оранизирана е од Црвен крст на Град Скопје и Рамстор Mол, а во соработка со ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје. Поддржана е од Комерцијална банка АД Скопје. 

Скопје – Продолжува одличната соработка со Словенија, меѓу двете МВР, во насока на наша поддршка во борбата против илегалната миграција, но и за нашиот пат кон ЕУ, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот ФБ профил. 

– На средба со државниот секретар при МВР на Република Словенија, Канглер, се заблагодарив за поддршката на словенечките полициски службеници за зајакнат надзор на нашата јужна граница преку заедничките операции, како и за донациите, пред сѐ во опрема за посебни активности на нашата полиција, објави Спасовски. 

Скопје – Организаторите на настани со својот протест пред Владата бараат грантови, а не конкурси, оценува националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец во објава на Фејсбук насловена „Да се протестира или да се конкурира за грант кој треба да се сработи?“. 

– „Протест пред Владата – инвент индустријата бара грантови, а не конкурси.“ Сите што некогаш во својот професионален ангажман се бореле да дојдат до работа знаат дека за да ДОБИЕШ ГРАНТ треба да КОНКУРИРАШ, наведува Забрчанец. 

Скопје – Двајца скопјани треба да платат по 2.000 евра поради непочитување на полицискиот час. 

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека поднело предлози за издавање казнени налози против две лица заради сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик“. 

Скопје – Концесија за користење минерални суровини имаат добиено 264 фирми на кои им се издадени вкупно 358 концесии, со кои е опфатена површина од 349 квадратни километри, што е 1,4 отсто од вкупната територија на државата, покажуваат резултатите од  истражувањето и базата на податоци на доделени концесии за минерални суровини за 2019 година што денеска ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). 

Според податоците, вкупно се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини, а најмногу 110 концесии се издадени за експлоатирање на варовник, за вода 47 и за песок и чакал 43. Најмногу од концесиите – 32 се издадени на територијата на Општина Прилеп, по што следат Гостивар со 21, Струга со 18 и Сопиште со 15 концесии. Најмногу концесии по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје, шест има МИСА-МГ од Скопје, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар. 

Скопје – Започна месецот на рамазанските пости. Светите денови кога се култивира и усовршува духовниот раст и подвиг, како и дисциплината кон телесните и другите земни искушенија. Деновите на рамазански пости се потсетник дека милосрдието, почитта, солидарноста, добрината, љубовта и простувањето се вредности кои треба да ги почитуваме и кои не обединуваат како народи, објави денеска на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев. 

Во времето на Ковид-19, посочува премиерот, ова се денови кога дополнително повеќе се грижиме за болните, за духовно обесхрабрените, за нашите сограѓани и за сите луѓе во неволја. 

Скопје – „AIESEC“ организира „YouthSpeak Forum“, проект со цел обебедување платформа во која младите ќе имаат можност да го искажат својот глас, да се едуцираат за модерните проблеми на локално и глобално ниво, од истомислени компании и организации, кои се залагаат за општествен развиток и соодветно вклучување во дискурсот за нивно решавање, притоа обезбедувајќи посветла иднина за сите нас по пат на ангажирање на висококвалитетна младина која воедно ќе биде главниот двигател на општествените промени во иднина. 

Организацијата ги вклучува младите во проекти кои се базирани на Целите за oдржлив rазвој на Обединетите Нации до 2030 година, а овој проект е дел од таа програма. Со организацијата се опфатени повеќе од 100 земји. 

Скопје – Книгата COMPENDIUM PHILOSOPHIAE од д-р Бошко Караџов, неодамна излезе од печат, во издание на издавачката куќа „Аз-Буки“, како 76. книга во Библиотеката „Филозофија“. 

Како што наведува издавачот, COMPENDIUM PHILOSOPHIAE претставува збирка на филозофски есеи, научно-популарни статии, научни огледи, расправи и други критички текстови од областа на филозофија на политиката, филозофија на јазикот, филозофија на културата и идентитетските теории. 

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска ќе имаат корисниците од Трубарево од 12:00 часот се до завршување на активностите. 

ЈП „Водовод и канализација“ –  Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради уличен дефект ф-150мм на 2/бб Трубарево,во близина на месарница Мега. 

Истанбул – Десетте пензионирани турски адмирали се ослободени откако една недела минаа во притвор заради давањето изјава за важноста на меѓународниот договор од Монтре за Босфор и Дарданелите, јави ДПА. 

Судот во Анкара на 10-те адмирали им определи мерка ограничување на патувањата, како и на уште четворица поранешни маринци, јави денеска агенцијата Анадолија. 

Белград -Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Демократската опозиција на Србија (ДОС) му понудила на поранешниот претседател на СР Југославија и на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Слободан Милошевиќ да замине во Русија, но дека тој одбил затоа што мислел дека нема од што да бега, јави дописникот на МИА од Белград. 

Дачиќ на телевизија Хепи говорејќи за периодот по демократските промени во Србија по 5 октомври 2000 година, кажа дека сопругата на Милошевиќ, Мирјана Марковиќ била против заминувањето. 

Софија – Бугарскиот претседател, Румен Радев, го потпиша указот за свикување на првото заседание на новото 45-то Национално собрание на Бугарија, на 15 април 2021 година, соопшти прес-службата на шефот на државата, јави дописникот на МИА од Софија. 

Указот се очекува утре да биде објавен во вонредно издание на Службен весник. 

Берлин – Германската Влада се очекува денеска да се договори за измените во националниот закон за контрола на инфекциите, кои треба му овозможат поголема моќ на Берлин за централно спроведување на мерките против пандемијата на коронавирусот. 

Измените, кои беа критикувани од некои провинции, може да и дадат на Владата на канцеларката Ангела Меркел моќ да воведе ноќен полициски час и да ги затвори училиштата во областите со висок процент на заразени. 

Виена – Австрискиот министер за здравство Рудолф Аншобер денеска поднесе оставка. Откако беше на боледување повеќе од една недела, тој најави обраќање за денеска. 

Москва – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повторно ги повика Соединетите Американски Држави да ги укинат санкциите за Иран воведени од поранешниот претседател Доналд Трамп. 

Русија во вторникот соопшти дека смета на спасување на иранскиот нуклеарен договор доколку САД се вратат и ја обвини Европската унија за загрозување на преговорите со воведување санкции за Иран поради состојбата со човековите права. 

Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова ја обвини американската ТВ мрежа Си-Ен-Ен дека користи трикови за ширење дезинформации за наводни подготовки на Русија за војна против Украина. 

Таа оцени дека Си-Ен-Ен користела снимки на украински тенковски единици, тврдејќи дека тие се дел од руската армија. 

Брисел – Белгискиот економски весник “Ехо“ објави дека шефовите на најголемите фирми во земјата заработуваат до 126 пати повеќе од нивните вработени со најниска плата. 

Оваа информација доаѓа само неколку недели по последниот генералниот штрајк во земјата, што беше на крајот на март, кога синдикатите се побунија дека законот не дозволува во Белгија повеќе од 0,4 отсто зголемување на платите на вработените и покрај длабоката економска криза предизвикана од Ковид-19. 

Млада Болслав – Чешкиот автомобил „Шкода Кодијак“ се појави 2016 година, во повеќе од 60 земји, а до денес е произведен во над 600.000 примероци, вклучувајќи го и моделот со спортски изглед „Кодијак ГТ“, достапен исклучиво во Кина. 

Возилото се продава во конфигурации со пет и седум седишта. 

Сеул – Поради одлуката на Јапонија да испушти радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во океанот, јапонскиот амбасадор во Сеул е повикан  на разговори во јужнокорејското МНР. 

Британските медиуми претходно сооштија дека кинеското Министерство за надворешни работи оваа одлука на јапонската Влада ја нарече „неодговорна“ и дека јапонските рибари силно се спротивставуваат на решението за испуштање на радиоактивната вода од Фукушима. 

Њујорк – За да се намали екстремната нееднаквост во светот, смета генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, националните влади треба да размислат за „солидарно оданочување“ на поединците кои го направија своето богатство за време на пандемијата на коронавирусот. 

-Треба да се осигураме дека парите се канализираат таму каде што се најпотребни. Најновите извештаи сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот во текот на изминатата година скокна за 5.000 милијарди долари, рече Гутереш, вчера, на состанокот на ОН за финансирање на развојот. 

Женева – Здравствената агенција на Обединетите нации денеска ги повика државите да ја запрат продажбата на живи животни заробени од дивината на пазарите со храна како итна мерка, со оценка дека дивите животни се водечки извор на појава на заразни болести како коронавирусот. 

Светската здравствена организација, поддржана од клучни партнери, издаде ново упатство во кое се вели дека животните – особено дивите животни – „се извор на повеќе од 70 проценти од сите појавни заразни болести кај луѓето, од кои многу се предизвикани од нови вируси“. 

Џибути – Најмалку 42 мигранти загинаа кога нивниот брод се превртел во близина на брегот на Џибути, во источна Африка, соопшти денеска Светската организација за миграција (ИОМ) за најновиот биланс на загинати во бродломот. 

-Меѓу загинатите има и шеснаесет деца, изјави портпаролката на ИОМ, Ивон Ндеге. 

Атина – Имам играно за многу тимови, имам видено многу, имам освоено сè од титули, но, да победуваш со твојата репрезентација не се споредува со ништо. Би ги дал сите освоени трофеи за да одам на Европско со репрезентацијата, вели македонскиот фудбалски репрезентативец и член на Џенова, Горан Пандев за грчкиот спортски портал „Газета.гр“, во интервјуто во кое говори за историскиот пласман на Европското првенство, за натпреварите со Грузија и Германија, за неговата кариера и „закачувањето на копачките“, за понудите од грчките тимови во минатото, но и за односите меѓу двете соседни земји, јави дописничката на МИА од Атина. 

Открива дека бил блиску до договор со ПАОК, кога бил мал имал можност наместо во Интер да замине во Олимпијакос, објаснува дека по Европското, ќе реши дали ќе се „пензионира“, а се присеќава и на импресивната сезона во Интер, коментирајќи ги Мурињо и Камбиасо. 

Париз – Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар проговори за неговиот однос со соиграчот Килијан Мбапе. 

– Тој ме научи како е да се биде Французин. Ми раскажа за францускиот менталитет. Јас многу му ја должам за мојата адаптација и радоста што сум тука. Ме трогна типот на личноста. Килијан е многу внимателен, секогаш среќен, љубезен и пријатен во комуникацијата со сите. Тој е многу пријатна личност. Затоа, се согласуваме уште од  првата наша средба. Секако, тогаш имав можност да видам како тренира, да ја оценам неговата брзина, сет на активности, интелигенција и желба за развој. Тогаш си реков: „Тој е нашето златно момче! 

Лондон – Поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Рој Кин, зборуваше за работата на Жозе Мурињо како главен тренер на Тотенхем. 

– Тој очигледно е разочаран. Месецот се покажа тежок за тимот. Натпреварот со Манчестер јунајтед не беше толку лош, но не можеа да победат. Мурињо има добар учинок, тој дојде во овој тим да се бори. Шестото или седмото место не е она за што е поканет. Жозе отсекогаш имал одлични дефанзивци, вистински играчи за врска. Тотенхем не е доволно силен. Тие не се доволно силни, освен Сон и Кејн. Им фалат лидери, силен карактер. Одбраната не им е на ниво, истото важи и за голманот. 

Скопје – Нестабило време со пообилен и повремено проен дожд, засилен ветер и ретки грмежи се очекува денеска во одделни денови, а утре и задутре во претпладневните делови на планините ќе има врнежи до снег. Од УХМР информираат дека денеска и утре ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно со пообилен и повремено пороен дожд, засилен ветер и ретки грмежи. Утре и до четврток претпладне на планините особено на северозападот, врнежите ќе бидат од снег.Повеќе сончеви период се очекуваат во четврток и петок, а нов влажен и постуден бран со врнежи од дожд, на планините од снег ќе настапи за време на викендот. 

Утре минималната температура ќе се движи од нула до седум, а дневната од 5 до 21 степен. Во четврток, петок и сабота на места утринската ќе биде под нулата и ќе е спушти до минус три во четврток, минус пет во петок и минус еден во сабота. Во недела и понеделник ќе биде потопло и утринската ќе се движи од два до осум степени. Дневните ќе бидат од осум до 18 степени.

 

 

Back to top button
Close
Close