МИА ФлешПакети

МИА Флеш

6 април 2021

6 април 2021 

Скопје – Владата денеска ќе одржи редовна седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа, а дел од нив се однесуваат на економијата и образованието, информира владината прес-служба. 

На седницата, на предлог на Министерството за образование и наука ќе се разгледуваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработниците во основните и средните училишта и Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование. 

Скопје – Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинение против 55-годишно лице од село Долна Бањица за злоупотреба на службена положба и овластување во гостиварската поштенска служба. 

-Обвинетиот 55-годишник од село Долна Бањица, во периодот од ноември до декември 2019 година, во својство на службено лице – картист-насочувач во Подружница ЦРПС Гостивар, присвоил поштенска пратка од Република Србија наменета за лице од село Добридол, во која имало банкарска картичка и пин број со која оштетениот требало да ја подигне пензијата. Потоа, обвинетиот неколкупати ја употребил картичката и од банкомат подигнувал готовина, при што вкупно противправно присвоил 15.000 денари, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.​​ 

Скопје – Премиерот Зоран Заев денеска на својот фејсбук-профил упати апел до граѓаните за почитување на мерките за заштита, кои, како што посочува се неопходни и побара максимална ангажираност на институциите со цел нивно доследно спроведување. 

-Вирусот во овој бран е многу поопасен и многу побрзо прогресира. Затоа клучно е да се ограничи бројот на контакти коишто ги правиме со други луѓе.Ова е момент кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје коешто е обврска на секој од нас. Повикувам на максимална одговорност од сите. Седете дома во наредниот период! Не излегувајте ако не е потребно и никако не се групирајте!, напиша премиерот Заев на Фејсбук. 

Скопје – Трајан Ангеловски, косопственик и извршен директор на компанијата за производство, трговија и развој на врзувачки елементи „Ариљеметал“ е новиот претседател на Индустриска комора при Сојузот на стопански комори. Ангеловски е долгогодишен член на Управниот одбор на Комората, а успешно раководи со „Ариљеметал“ повеќе од 10 години. 

На седницата на Собрание на Индустриската комора на која беше избран, Ангеловски истакна дека мандатот ќе го посвети на создавање подобра бизнис клима за компаниите од индустрискиот сектор, преку интензивирање на соработката со надлежните институции во поглед на прилагодување на законската регулатива и модернизирање на постапките и процедурите, како и преку унапредување и продлабочување на соработката со релевантни меѓународни институции и организации. 

Скопје – Првата детска амабасада во светот Меѓаши започна кампања на тема „Поттикни МИР“, што се фокусира на преземање акција и поттикнување промена на локално и индивидуално ниво. Кампањата ќе се одвива онлајн, преку објавување кратка  поттикнувачка содржина на социјалните платформи на детската амбасада. 

Целта на кампањата е да го подигне нивото на општествена одговорност, да се гради и одржува мирот, а како што порачаа од Меѓаши мирот се гради само ако прифатиме дека истиот не е во отсуство на војна, ниту моментална состојба, туку константен процес што директно зависи од нашите акции. 

Скопје – Климатските промени треба да се приоритет на сите институции како и за целата заедница, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“ на тема „Можности за попаметно греење“, во организација на Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ. 

-Апелирам институциите, државни и приватни, како и секој граѓанин директно да се вклучат во можностите за алтернативни решенија. Потребно е подобрување на состојбите со загадување на воздухот поради загревање домовите на некои локации во земјава, како и идентификување на можните поддржувачи на промената кон почисти и климатски поповолни опции преку интерактивна онлајн работа. Затоа ги охрабрувам сите општини и граѓани кои имаат идеи и проекти кои се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат, општините во своите идни програми и заложби да им биде приоритет, а граѓаните што повеќе да аплицираат за можностите кои се нудат, порача Милевски. 

Скопје – Писатели, преведувачи, драматурзи, поети, илустратори, уметници на графички новели и стрипови од земјава, Албанија, Косово, Србија и Турција можат да се пријават за  проектот „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“. 

Станува збор за регионален проект финансиран од ЕУ со цел да им овозможи на граѓанските активисти од регионот да придонесат кон интеркултурната толеранција и зајакнување на демократските вредности, со посебен фокус на младите. Проектот го имплементираат Гете-институт Скопје заедно со партнерските организаци: Асоцијација Крокодил (Србија), Центар за балканска соработка – Лоја (Северна Македонија), Институт за книги и промоција (Албанија), Калем културна асоцијација (Турција) и Центар за мултимедија (Косово). 

Скопје – Од денеска почнуваат нови рестриктивни мерки кои ќе важат следните две недели. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и здравствениот систем. Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет. 

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сега сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници. 

Скопје – Никогаш досега од лани кога започнавме со менаџирање на кризата мерките не биле политички мотивирани и секогаш сме се воделе од заштита на јавното здравје, како наш врвен приоритет. 

Ова е одговорот од министерот за здравство Венко Филипче, кој откако денеска го посети А1 Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје, од страна на новинарите беше прашан дали последните донесени одлуки се политички, со оглед на тоа што и пописот е одложен. 

Скопје –  Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека утрово е разговарано со српското Министерство за здравство за список на македонски граѓани кои се вакцинирале со „Астра Зенека“ во Србија, а откако ќе биде познат ставот на Европската агенција за лекови (ЕМА) дали таа ќе продолжи да им се дава на помлади лица, тие наши граѓани во земјава ќе ја добијат втората доза од оваа вакцина. 

Доколку по препорака на ЕМА нема да продолжи вакцинирањето кај помлади од 60 години со „Астра Зенека“, овие луѓе ќе бидат ревакцинирани со вакцина од друг производител. 

Скопје – Угостителски објект во Врапчишко поле, Гостиварско, вчера е затворен, а сопственикот е приведен поради непочитување на владините препораки за заштита од коронавирусот. 

Како што соопшти МВР, вчера, во периодот од 20.30 до 21.30, полициски службеници од Полициското одделение Галате – СВР Тетово извршиле контрола во угостителски објект во Врапчишко поле во близина на автопатот Тетово – Гостивар, сопственост на Р.Б.(46) од Гостивар. При контролата било констатирано дека во објектот има музика во живо, танчерки, како и 11 гости. Во објектот биле затекнати пет женски лица (четири македонски државјанки и една бугарска државјанка) кои работеле како танчерки и пејачки и едно машко лице кое работело како пејач. 

Скопје – Оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија, оцени во објава на Твитер луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, Флоријан Бибер. 

– Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму, наведе Бибер во објавата. 

Скопје – Корисниците од Усје утрово ќе останат без вода поради уличен дефект. Прекинот на вовоснабдувањето е од 09:40 часот, а ќе трае до санација на дефектот. 

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација –  Скопје, дефектот е на цевка ф-160 милиметри на улицата „5/43 Усје“, во близина на месната заедница. 

Тирана – Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, гостувајќи во емисија на СОТ7 телевизија, рече дека „не само што се чувствува Македонец, туку и дека сонува македонски“. 

– Јас секако дека се чувствувам Македонец. Не само што се чувствувам, туку и сонувам на македонски. Областа каде што сум роден во општина Пустец е област каде што 100 отсто се македонска заедница. Ние таму до седум години не го зборуваме албанскиот јазик. Албанскиот јазик почнуваме да го учиме на училиште. Сопругата исто така е Македонка од истото подрачје, не знам, слушам македонски песни. Сум во мојот свет. Но, сум албански државјанин. Јас сум лојален граѓанин, изјави Стерјовски одговарајќи на прашањето како се чувствува, како Албанец или Македонец. 

Скопје – „Конци на судбината“ од шпанската авторка Марија Дуењас е нова книга во издание на Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот Храбри нови зборови, прекрасни нови светови / Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS. Преводот од шпански е на Виолета Јагев. 

Ова е јубилејна 600. книга во издание на Антолог, а станува збор за дело што ја издигна Марија Дуењас на врвот на најчитаните автори во Шпанија и целиот хиспанојазичен свет. 

Атина – Ќе отвориме на 14 мај, ќе ги отвориме сите копнени премини, за да ги немаме тешкотиите што ги имавме лани, рече министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката на СИРИЗА, Кирјаки Малама, во врска со туристичката сезона, конкретно за Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина. 

Теохарис уште еднаш го објасни владиниот план во пет точки со предусловите за патување во Грција: или вакцинација или негативен тест, во комбинација со контроли при влезот за доколку има позитивни посетители да се откриваат, хотели- карантин за изолација на заразените, вакцинација на туристичките работници, како и строго почитување на здравствените протоколи, „кои лани ги чуваа безбедни и туристите и граѓаните“. 

Приштина – Новата претседателка на Косово, Вјоса Османи денеска официјално ја презеде должноста од досегашниот вршител на должноста на таа функција, претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Државната церемонија по тој повод беше одржана на плоштадот „Ибрахим Ругова“ во косовската престолнина, каде што Османи и Коњуфца извршија смотра на гардата на Безбдносните сили на Косово (ФСК). 

Лондон – Цените на акциите утрово на европските берзи забележаа раст, а индексот СТОХХ 600 достигна рекордно ниво, бидејќи инвеститорите се надеваат на забрзано закрепнување на економиите од корона криза. 

Индексот СТОХХ 600 на водечките акции во Европа порасна за 0,6 проценти, со што се елиминирани сите загуби од почетокот на пандемијата и го достигнаа највисокото ниво во историјата. 

Осло – Екипажот на холандски товарен брод вчера беше евакуиран од бурното невреме во близина на норвешкиот брег, соопштија денеска локалните власти, додека бродот останал да плови и му се заканува потонување. 

Некои од 12-те членови на екипажот скокнале во океанот пред да бидат спасени со хеликоптер, додека други биле спасувани директно од палубата, наведува Норвешкиот центар за координација за спасување. 

Париз – Движењето на претседателот Емануел Макрон, кое во меѓувреме беше преименувано во „Република во марш“ слави пет години од создавањето,  следбениците на Макрон вечерва ќе организираат „дигитален состанок“ на кој ќе говори генералниот делегат, Станислас Герини, јави дописникот на МИА. 

Тоа е можност да се осврнеме на првите години во Елисејската палата и пред се да го подготвиме „претседателското движење“ со зацврстување на редовите за 2022 година, објасни на РТЛ, Роланд Лескур, заменик и портпарол на „Републиката во марш“ (ЛРЕМ). 

Париз – Државата ќе може да го зголеми своето учество „на нешто помалку од 30 отсто“ од капиталот на „Ер Франс“, посочи министерот Бруно Ле Мер, откако планот за спасување на компанијата од страна на државата е потврден од Брисел и тој може да достигне четири милијарди евра, јави дописникот на МИА. 

Европската комисија денеска го одобри планот на Франција за доделување помош до четири милијарди евра и за докапитализација на авиокомпанијата. Како и целата авиоиндустрија и „Ер Франс“ е тешко погодена од пандемијата и колапсот во патничкиот сообраќај. 

Лондон – Употребата на вакцината на Астра Зенека во Велика Британија потенцијално може да биде запрена за помлади луѓе поради стравувања дека можеби е поврзана со редок вид на згрутчување на крвта, пишува британскиот портал Метро. 

Повикувајќи се на Чанел 4 Њуз (Channel 4 News) порталот информира дека Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (МХРА) разгледува предлози за ограничување на употребата на оваа вакцина кај помлади луѓе. Одлуката може да биде донесена уште денеска. 

Абуџа – Повеќе од  1.800 осуденици вчера избегаа од централниот затвор во нигерискиот град Овери, откако вооружена група со динамит разнесе дел од ѕидот на казнено поправниот дом. 

Нигериските власти потврдија дека побегнале 1.844 затвореници и дека за нападот врз затворот одговорна е групата Автентичен народ на Бијафра. 

Манила – Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска изјави дека спорот на неговата земја со Пекинг околу активностите во Јужнокинеското Море нема да влијае на „билатералните пријателски односи“, пренесува ДПА. 

„Ние ќе продолжиме да ги решаваме прашањата за (гребенот Витсун) преку дипломатски канали и преку мирни средства“, се наведува во изјавата на Дутерте. 

Џакарта – Најмалку 157 лица загинаа во Индонезија и соседен Источен Тимор, а десетици се водат како исчезнати по ударот на циклонот Сероџа, кој ја погоди југоисточна Азија и остави пустош, а многу семејства остаа без своите домови, соопштија денеска индонезиските власти. 

Индонезиската агенција за вонредни состојби соопшти дека се евидентирани 130 жртви на оддалечените острови недалеку од Источен Тимор, каде се потврдени уште 27 смртни случаи, пренесува лондонски „Гардијан“. 

Пекинг – Кинеската воена морнарица во непосредна близина на брегот на Тајван изведува поморски маневри, во кои е вклучена и ударната поморска формација – носачот на авиони „Лиаонинг“. 

Целта на маневрите е зачувување на кинескиот суверенитет, се наведува во официјалното кинеско соопштение, во кое се додава дека станува збор само за рутинска воена вежба. Но,  официјален Пекинг се почесто се заканува дека воено ќе го окупира Тајван, спроведувајќи воени вежби и прекршувајќи го неговиот воздушен простор со своите воени авиони, пренесуваат американските медиуми. 

Москва – Русија денеска ја отфрли идејата за воведување санкции против воената хунта во Мјанмар, оценувајќи дека се непотребни и може да предизвикаат „граѓански конфликт од големи размери“. 

„Во контекст на моменталната состојба во Мјанмар, заканите и притисоците, вклучително и воведувањето санкции врз сегашните власти, се залудни и крајно опасни“, оцени руското Министерство за надворешни работи. 

Непјидо – Владејачката воена хунта во Мјанмар ги укина сите Интернет услуги до ново известување, што претставува обид да се стават под контрола комуникацијата и пораките во земјата, јави Си Ен Ен. 

Демонстрантите кои секојдневно протестираат против воениот удар од 1 февруари користат Интернет за да ги организираат своите собири, а во петокот повеќето граѓани на Мјанмар останаа без пристап до Интернет откако телекомуникациските компании добија упатства од Министерството за транспорт и врски да ги запрат безжичните интернет услуги . 

Токио – Јапонија ги продолжи санкциите за Северна Кореја за уште две години, додека Пјонгјанг продолжува да развива нуклеарно оружје и не прави никаков напредок во решавањето на случајот со киднапирање на јапонски граѓани, соопшти денеска генералниот секретар на јапонската Влада. 

Санкциите значат забрана на трговија меѓу двете земји, воздушен сообраќај и влез на севернокорејски бродови во јапонските пристаништа, освен за хуманитарни цели. 

Јангон – Владеачката воена хунта во Мјанмар во дневниот печат објави потерници против повеќе јавни личности и со тоа ја засили својата кампања против познатите личности од земјата кои ги поддржуваат протестите, и притоа ги предупреди медиумите да не известуваат за нивната работа, бидејќи во спротивн ќе бидат кривично гонети. 

Овој потег следи по повеќенеделното засилено насилство од страна на безбедносните сили за сузбивање на уличните протести во врска со државниот удар со кој беше соборена демократската влада на премиерката Аунг Сан Су Чи. 

Лондон – По, според многумина – скандалозното интервју на британскиот принц Хари и Меган Маркл кај Опра и по губењето на своето работно место во „Ај-ти-ви“, водителот Пирс Морган во интервју за шоуто на Такер Карлсон првпат јавно проговори за тоа. 

– Не ѝ верувам на Меган Маркл. Е сега, она што не го знаев и што беше „фасцинантно“, го открив откако заминав, а тоа е дека Меган Маркл вечерта меѓу понеделникот и вторникот (пред отказот), поднела лична жалба до шефот на „Ај-ти-ви“… Значи – јас бев под напад од „госпоѓица“ Маркл, директно кај мојот шеф и кај владиното Регулаторно тело… Под напад за да ја поддржам нејзината приказна за настаните. Морав да ѝ верувам, и ако не ѝ верувам – тогаш сум безобразен расист и треба да бидам осуден и на крај, како што и се покажа подоцна дента – да ја загубам работата. И мислам дека тоа е прилично опасна бездна, вели Морган. 

Мадрид – Фудбалерот на Ливерпул, Диого Жота ги сподели своите очекувања за натпреварот против Реал Мадрид во четвртфиналето од Лигата на шампионите. 

– Овој натпревар ќе биде сериозен тест, мора да бидеме подготвени за ова. Противникот игра на таков начин што треба многу да трчате и да се борите. Реал Мадрид го држи рекордот за најмногу трофеи во Лигата на шампионите. Тие се навикнати на плејоф натпревари и ќе треба да го покажеме нашиот најдобар фудбал. 

Пјонгјанг – За прв пат од 1988 година и од бојкотот на Летните игри во Сеул, Северна Кореја, земја што тврди дека нема случаи на КОВИД 19, нема да се натпреварува на Олимпијадата. Олимписките игри во Токио, одложени минатата година поради пандемијата на коронавирусот, треба да се одржат од 23 јули до 8 август. 

Северна Кореја нема да учествува на Олимписките игри оваа година во Токио за да ги заштити своите спортисти среде пандемијата, соопшти денес тамошното Министерството за спорт. 

Скопје – УХМР најавува стабилазација на времето од четврток, но со ниски утрински температури кои на повеќе места ќе бидат и негативни, а дневните ќе бидат во пораст. Според УХМР, утринските температури во четврток ќе се движат -3 до три степени, а во петок ќе се спуштат на -6. Дневните, пак, ќе бидат од 6 до 18 степени. За викендот, во сабота и недела, утринските температури ќе бидат исто така под нулата, а дневните ќе достигнат 21 степен. 

Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, во северните делови значително постудено. Повеќе врнежи ќе има во западните делови каде на планините ќе врне снег. Кон крајот на денот во југозападните делови врнежите ќе преминуват во снег и на пониските места. Долж Повардарието ќе дува засилен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. 

Back to top button
Close
Close