Скопје, 4 март 2021 (МИА) – Вакцина против Ковид-19 заклучно со денеска примиле 3 028 здравствени работници, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје, а се врши со вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

Тирана, 4 март 2021 (МИА) – Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, упати честитка до лидерот на „Единствена горанска партија“, Адем Хоџа, за неговиот избор за пратеник во новиот косовски законодавен дом.

-Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво „Илинден”-Тирана, и во име на македонското национално малциство во Албанија да Ви го честитам изборот за пратеник во косовското Собрание. Ви посакувам голем успех, и убави дела, честа и достоинственоста да Ве следат и да се постојано со вас. Ви ги упатам изразите на нашето највисоко почитување, стои во честитката.

Скопје, 4 март 2021 (МИА) – Во Министерството за внатрешни работи денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски одржа официјална средба со амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија Андреа Силвестри, на која се говореше за досегашната одлична билатерална соработка и можностите да биде продлабочена во иднина.

На средбата, како што соопшти МВР, била нагласена важноста на борбата против корупцијата, организираниот криминал, трговијата со дрога и илигалната миграција, како и можностите за нивно сузбивање преку соработка меѓу двете земји.

Скопје, 4 март 2021 (МИА) – Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за уште едно лице, за кое е поведена постапка за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Осомничениот, на возраст од 21 година, на 26 февруари учествувал на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тој бил дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Имено, осомничениот и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници, се вели во соопштението од ОЈО.

Скопје, 4 март 2021 (МИА) – Со вчерашната аукција Република Северна Македонијa покажа дека за инвеститорите е многу попривлечна од многу економии во регионот, како и дека имаат доверба во политиките кои се спроведуваат, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на прес-конференција за вчера издадената еврообврзница.

Република Северна Македонија вчера ја издаде осмата еврообврзница во вредност од 700 милиони евра. Со неа ќе се врати долгот по основ на третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 милиони евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит. Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата.

Скопје, 4 март 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.323 тестирања, а регистрирани се 721 нов случај со Ковид-19 во: Скопје – 357, Прилеп – 72, Кавадарци и Гевгелија – по 42, Неготино – 30, Охрид – 26, Велес – 20, Гостивар – 18, Куманово – 17, Битола – 16, Кочани – 12, Крушево – 10, Струга – 8, Штип и Богданци – по 7, Крива Паланка – 5, Кичево, Ресен и Валандово – по 4, Тетово и Виница – по 3, Струмица, Делчево, Демир Капија и Пехчево – по 2, Свети Николе, Радовиш, Пробиштип, Кратово, Македонска Каменица и Дојран – по 1.

Пријавени се вкупно девет починати лица. Починати се по тројца пациенти од Скопје (85г, 80г, 69г,), двајца пациенти од Куманово (81г, 74г) и по еден пациент од Прилеп (75г), Велес (73г), Крива Паланка (73г) и Валандово (71г). Осум пациенти се починати во болнички услови, додека еден пациент е починат во домашни услови, соопшти Министерството за здравство.

Софија, 4 март 2021 година (МИА) – Бугарија најверојатно нема повторно да достигне бројки од 5.000 заразени лица дневно, коментира д-р Трифон Валков од Инфективната болница во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.

Валков за Нова ТВ изјави дека „лицата кои прележаа Ковид-19 се многукратно повеќе од официјално пријавените. Реалната бројка на лица кои ја имале болеста е најмалку 2,5 милиона“.

Брисел, 4 март 2021 (МИА) – Европската комисија го повтори повикот до сите земји-членки да се придржуваат кон заеднички договорените мерки за ограничувањата што важат на границите во рамките на Европската унија.

Комисијата минатата недела испрати писма до Германија, Белгија, Унгарија, Данска, Финска и Шведска, во кои изрази загриженост за едностраните мерки на границата во врска со влезот и излезот од овие земји, што се воведени заради спречување на ширењето на коронавирусот.

Брисел, 4 март 2021 (МИА) – Европската унија ја суспендираше развојната поддршка за проектите во Мјанмар за да го избегне обезбедувањето финансиска помош за армијата што минатиот месец  насила ја презеде власта во земјата, соопштија денеска официјални претставници на Унијата.

Британските медиуми, повикувајќи се на неименуван функционер на СТО, пренесуваат дека ЕУ го известила комитетот на Светската трговска организација дека ги суспендира сите форми на развојна соработка што би ги поддржала воените власти во оваа азиска земја.

Скопје, 4 март 2021 (МИА) – На вонредното Собрание на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) одржано вчера, девет клубови од вкупно 17 со право на глас, го избраа Огњан Циговски за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на СФМ. Покрај тоа, избрани се и другите органи и тела за редовно функционирање на федерацијата, соопшти СФМ.

Back to top button
Close
Close