МИА ФлешПакети

МИА Флеш

3 март 2021 

Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.312 тестирања, а регистрирани се 807 нови случаи со Ковид-19.

Најмногу новозаболени има во Скопје – 359, по што следат Куманово и Охрид со по 38, Кавадарци, Струмица и Неготино по 36, Гевгелија – 35, Тетово и Прилеп – по 34, Гостивар – 29, Битола – 25, Велес – 24, Крива Паланка – 12, Кочани и Крушево – по 11, Ресен – 6, Струга, Кичево и Валандово – по 5, Пробиштип и Богданци – по 4, Штип, Дебар, Берово и Демир Хисар – по 3, Делчево и Радовиш – по 2, Свети Николе, Виница, Кратово и Демир Капија – по 1.

Атина, 3 март 2021 (МИА) – Сега сме надвор, бидејќи тресе цело време. За време на земјотресот беше морничаво, прво бучеше, а потоа тресеше, раскажува Виолета Димкова, Македонка која живее во Лариса, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по силниот земјотрес од шест степени што го погоди денеска централниот дел на Грција.

Димкова објаснува дека на централниот плоштад во Лариса има собрано луѓе, а во градот со оглед на тоа дека се тесни уличките, има заглавени возила.

Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Работниците ќе можат телефонски или електронски, преку меил, да пријавуваат или да поднесуваат жалби и барања доколку им се прекршени правата. Ова е целта на новата кампања на ССМ која предвидува поедноставен пристап до бесплатната правна заштита за работниците.

Кампањата е под мотото „Правна заштита – сигурност на работничките права“.

Струга, 3 март 2021 (МИА) – Во Заводот за нефрологија во Струга хоспитализиран е пациент од Битола, позитивен на Ковид -19, кој се вратил од Занзибар.

Директорот на Заводот, Александар Попоски информира дека лицето било примено во понеделникот вечерта, препратено од Битолската болница, како позитивен на коронавирусот, со покачени врендости, кои покажуваат бубрежно оштетување и без податоци дека престојувал во Африка.

Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Вакцина против Ковид-19 заклучно со денеска примиле 2.860 здравствени работници, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје, а се врши со вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Пратеничката група на СДСМ смета дека денеска поднесениот Предлог закон за поништување на Законот за попис, по итна постапка од страна на ВМРО-ДПМНЕ, претставува обид за политичка манипулација и дека тоа не може да влијае на процесот на попишување.

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска во изјава за медиумите рече дека пописот е во тек и оти Државниот завод за статистика и другите институции ги спроведуваат своите активности.

Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни болести ќе предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји.

До овој момент во земјава, како што се посочува, се уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот.

Подгорица, 3 март (МИА) – Пратеничката на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Александра Вуковиќ изјави дека сегашниот претседател на државата и претседател на партијата, Мило Ѓукановиќ „сакал да си замине“, но не му дозволиле.

Како што пренесува „Вјести“, таа ова го соопшти на една од предизборните трибини на ДПС во Никшиќ, на која присуствуваше и Ѓукановиќ.

Лондон, 3 март 2021 (МИА) – Велика Британија го осуди убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги и бара да се спроведе целосна истрага за причините на неговата смрт, изјави денеска премиерот Борис Џонсон.

– Ние го осудивме убиството на Џамал Кашоги и продолжуваме да бараме целосна истрага за причината на неговата смрт, истакна Џонсон одговарајќи на прашањето дали Велика Британија ќе ја суспендира продажбата на оружје на Саудиска Арабија, со оглед на судирот и хуманитарната криза во Јемен.

Нејпјидо, 3 март 2021 (МИА) – Најмалку 13 лица загинаа денеска откако безбедносни сили отворија оган врз демонстрантите во Мјанмар. Меѓу загинатите, според локалните медиуми, е и еден тинејџер.

Во мјанмарскиот централен град Монива убиени се пет лица, додека во градот Мингјан убиен е тинејџер. Загинати демонстранти има и во другите градови ширум Мјанмар каде се одржуваат протести.

Париз, 3 март 2021 (МИА) – Голманот на Пари Сен-Жермен, Кејлор Навас се осврна на периодот кога настапуваше за Реал Мадрид.

– Во Шпанија имав чувство дека дел од клубот не веруваа целосно во мене. Кога дојдов во Реал Мадрид, не се обидував да докажам дека сум подобар од Касиљас, дека мојата кариера ќе биде поуспешна од неговата. Само што се обидов да ја искористам можноста што ми беше дадена, вредно и понизно обидувајќи се да дадам се од себе. Во Париз не е така. Овде имам поддршка од сите. Јас секогаш ќе бидам вечно благодарен на навивачите на Реал Мадрид за нивната безрезервна поддршка и за тоа како ме поддржуваат денес, и покрај фактот што го сменив тимот. Моите соиграчи во Реал Мадрид отсекогаш веруваа во мене. Работите се малку поинакви во ПСЖ. Секој верува во мене, и јас се обидувам да ја оправдам довербата на секој натпревар, истакна Навас.

 

 

Back to top button
Close
Close