МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 февруари 2021

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) – Потребно е зголемување на соработката за активно промовирање на позитивни примери на родова рамноправност, посебно во делот на рушење на традиционалните норми и еднаков пристап на мажите и жените за сопственост на земјоделско земјиште и имот, воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за нивен економски и социјален развој.  Ова беше потенцирано на денешната oнлајн конференција „Пристап на жените од руралните средини до правото на имот“, организирана од Националната федерација на фармери.

Конференцијата е дел од активностите на регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ поддржана од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа“ и Отворениот Регионален Фонд на ГИЗ за Југоисточна Европа – Правни Реформи.

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА)  – Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на итна седница со која претседаваше претседателот на Комисијата Нора Алити поради измамнички и манипулативни дејствија донесе Решение со кое трајно му ја одзема дозволата на  Друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, чиј управител е Виктор Мисовски. Комисијата трајно му ја одзема дозволата за работење и на лицето Дејан Делимитов, кој е овластен инвестиционен советник во  друштвото.

-Управителот на Друштвото Виктор Мисовски противзаконски преправал оригинална исправа и таквата исправа ја употребувал како вистинска, со што има  основано сомневање дека сторил кривично дело фалсификување на исправа. Истовремено, друштвото не ја одржувало основната главнина и потребните ликвидни средства во секое време, што е негова обврска согласно член 149 од Законот за хартии од вредност. Исто така, друштвото склучувало договори за непосредно  управување со портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на индивидуален клиент за што нема дозвола од Комисијата, со што го прекршило член 172 од Законот за хартии од вредност и се вклучило во активности со кои ги доведувало во заблуда клиентите или пак имаат за цел нивна измама, појаснуваат од КХВ.

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) – Организаторите по испорачаните барања го прогласија протестот за „Монструм“ за завршен. Дел од учесниците во протестот одбиват да се повлечат и фрлаат со различни предмети кон полицискиот кордон. Поединци од протестот се обидуваа да предизвикаат инциденти. Екипата на МИА беше нападната на протестот, по што привремено беше прекинат преносот во живо.  Полицијата се обидува да ги растури насилните групи.

Учесниците во протестот се на дистанца од стотина метри од полицискиот кордон и се наоѓаат на локацијата на Бит Пазар.

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) – Интензивирањето на соработката на полето на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните со Соединетите американски држави, преку унапредување на институционалната и бизнис соработка, беа дел од темите на разговор на денешниот работен состанок меѓу директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски и Ендрју Мофад, офицер за политички и економски работи во Американската амбасада.

На состанокот, информираат од АХВ,  беше истакната досегашната добра соработка на Агенцијата со стручните служби на САД, соработката во рамки на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Codexs alimentarius и регионалните проекти, а разгледана беше и иницијативата за унапредување на институционалниот капацитет на АХВ на полето на здравствената заштита и лабораториските капацитети.

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) – На иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, денеска се одржа координативен состанок по повод усвојувањето на Националната програма за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, чиј покровител е претседателот Пендаровски, а носители на проектот се Министерството за култура и Министерството за образование и наука.

-Современиот македонски литературен јазик е од непроценливо значење за нашата култура, книжевност и идентитет. Затоа имаме морална должност да го чуваме наследството што ни го остави Блаже Конески како современо културно наследство и достојно да го чествуваме јубилејот на личноста која е парадигма за нашата современост, еманципација и прогресивност. Ми претставува голема чест и задоволство што сум покровител на Националната програма која ја посветуваме на великанот на македонската култура и книжевност, истакна шефот на државата Пендаровски, соопшти неговиот Кабинет.

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) – Од 1-ви следниот месец започнува функционирањето на платниот промет во АД Пошта на РСМ пошта преку кој граѓаните ќе можат повторно да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.

Согласно договорот потпишан меѓу националната Пошта и Халкбанк АД Скопје, која беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет на Пошта, Халкбанк соопшти дека ја исполниле својата обврска според која до 1 март требаше да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта.

Подгорица, 26 февруари 2021 (МИА) – Црна Гора и Унгарија се на четврто место во светот според стапката на смртност во последните седум дена на 100.000 илјади жители.

На прво место е Гибралтар со стапка на смртност од 12, следи Словачка 11, Чешка 10 и Црна Гора и Унгарија по седум.

Виена, 26 февруари 2021 (МИА) – Во Австрија, повеќе од половина од сите нови инфекции со коронавирус моментално се предизвикани од новиот сој.

– Мутациите, бидејќи се посилни, се чини дека многу брзо се наметнуваат, истакна денеска министерот за здравство Рудолф Аншобер.

Вашингтон, 26 февруари 2021 (МИА) – Панел експертски советници од американската Управа за храна и лекови (ФДА) се очекува денеска да препорача одобрување на еднократната вакцина против Ковид-19 од производителот Џонсон енд Џонсон, отворајќи го патот за милиони дополнителни дози за целата земја од следната недела.

По добивањето на препораката, ФДА веројатно ќе ја одобри вакцината за итна употреба во рок од еден ден, што ќе ја направи трета достапна вакцина во САД и единствена за која е потребна само една доза.

Нион, 26 февруари 2021 (МИА) – Во седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во швајцарски Нион, попладнево се извлечени двојките за осминафиналето во Лигата на Европа. Најмногу внимание привлекува пресметката Милан – Манчестер јунајтед.

Другите двојки се:
Ајакс – Јанг Бојс
Динамо Киев – Виљареал
Рома – Шахтјор
Олимпијакос – Арсенал
Динамо Загреб – Тотенхем
Манчестер јунајтед – Милан
Славија – Глазгов Ренџерс
Гранада – Молде.

Првите средби се закажани за 11 март, реваншите седум дена подоцна (18 март).

 

 

Back to top button
Close
Close