МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 февруари 2021 

24 февруари 2021 

Скопје – Портпаролот на Владата Душко Арсовски денеска уште еднаш го повтори ставот на Владата во врска со случајот со Сашо Мијалков, дека институциите ги превзеле сите редовни и вонредни мерски за неговото бегство и оти тој веќе е во домашен притвор. Потенцираше дека Владата нема да толерира ситуации коишто ја уриваат довербата во системот. 

-Институциите ги превзедоа сите редовни и вонредни мерки за бегството на Сашо Мијалков. Тој се пријави во обвинителството и обезбеден е неговиот домашен притвор. Координацијата на сите институции со сите активности што се презедоа во изминатите два дена дадоа резултат. Владата потврди дека нема да толерира ситуации коишто ја уриваат довербата во системот. Правдата е обезбедена. Тоа е најважно и премиерот Зоран Заев синоќа ги објасни деталите од овој случај, рече Арсовски. 

Скопје – Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје. 

Во клучните препораки упатени до АДССДП стои дека е потребно ажурирање на единствената евиденција, податоците за објектите во изградбата и за недвижностите за продажба во базата на податоци, да се целосни и навремени, како и да се врши целосен попис согласно прописите.   

Скопје – Државниот завод за статистика вчера го објави јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори кои ќе учествуваат во спроведувањетона пописот на населението, домаќинствата и становите во периодот од 1 до 21 април годинава. Главен услов е тие да немаат засновано работен однос и да завршиле средно образование. 

Заводот за статистика од пријавените ќе одбере 5.055 попишувачи и 506 реонски инструктори, кои во март ќе бидат обучени за попочнување на апликацијата за попис, а обуките ќе ги спроведат 150 државни инструктори кои први ќе поминат низ обука наредната недела. 

Скопје – Централниот регистар на Република Северна Македонија информира дека ќе врши прием на годишни сметки и финансиски извештаи за 2020 година во хартиена форма на 27 феврурари во сабота од 08.00 до 16.00 часот и на 1 март 2021 година од 08.00 до 21.00 часот. 

Како што информираат од Централиот регистар на 1 март од 08:00 – 16:00 часот Централниот регистар на РСМ овозможува прием на годишните сметки за 2020 година, во хартиена форма за правните субјекти и во Кратово во објектот на Општината, Демир Хисар во објектот на Општината и Крушево во објектот на Уни банка, каде нема свои канцеларии. 

Скопје – Во моментот Сашо Мијалков е на издржување на мерката домашен притвор во неговиот дом. Тој овие денови не ја напуштил државата и цело време бил во Скопје. Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и подвлече дека тој лично немал контакт со Мијалков пред неговото враќање. Потенцира дека ако покаже истрагата одговорност на кого било, треба да има не морална , туку кривична одговорност. 

Спасовски во гостувањето на Утрински брифинг изјави дека се води истрага во Јавното обвинителство и назначен е јавен обвинител. До вчера, подвлече, МВР работело со ОЈО во Скопје, со дежурните обвинители во однос на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во бегството, дали се тоа членови на неговото семејство или неговото опкружување, односно обезбедувањето. Важно беше, истакна Спасовски, да се одземат сите телефони и други електронски уреди и документи кои ќе можат да бидат дел од истрагата при претресот на неговата резиденција. 

Скопје – Со сослушување на сведоци предложени од одбраната на Миле Јанакиески денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжува судењето за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година. 

Сведокот Оливер Дерковски, рече дека во периодот 2016-2017 година немал партиска функција и само бил член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 

Скопје – Десеттина од 29-те мерки од петтиот економски пакет треба да се реализираат со носење на законски решенија, а сите кои се поврзани со Развојната банка се веќе во собраниска процедура, како што се законот за инвестициски фондови и законот за државна гаранција. Во собраниска процедура се и некои други законски решенија кои ќе ги операционализираат мерки од четвртиот и петтиот пакет, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

Инструментите, како што потенцира, се исти и мерките ќе се операционализираат кога тие ќе бидат донесени. 

Скопје – Независниот академски синдикат (НАкС) реагира што Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почнала постапка за изработка на нов Етички кодекс, а нацрт-текстот деновиве е доставен само до дел од вработените на единиците на УКИМ. Исклучени од процесот се и синдикалните организации, иако приложениот Нацрт-Етички кодекс, како што велат, експлицитно уредува права и обврски кон нив. 

Поради тоа, НАкС вчера доставил мислење за Нацрт-Етичкиот кодекс до органите на УКИМ, а во допис до јавноста наведува кои се клучните проблеми со текстот и процесот на изработка на Кодексот. Според овој синдикат,  нејасно е зошто Ректорската управа почнала со изработка на нов кодекс, без претходна анализа и став со образложение од Управа или одлука на Сенатот. На голем дел од наставниците и вработените во единиците на УКИМ, посочува НАкС, не им е доставен нацрт-текстот, ниту пак се известени за започнатиот процес. 

Скопје  – Министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе е на пат кон Софија, каде што ќе има посебна средба со неговата бугарска колешка Екатарина Захариева, потврди денеска на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски. 

-Очекувано централна точка на преговорите е да биде  Акцискиот план, штом се врати од оваа посета ќе имаме повеќе информации во МНР и во Владата во однос на тоа што е постигнато. Инаку, знаете дека од претходно, усогласеноста на двата документа коишто ги доставија двете страни е во финална фаза, така што се очекува попрецизно по оваа средба околу идните чекори, рече Арсовски. 

Скопје  – Среќен сум што традиционални улици во нашиот град, коишто се поврзани со битието и функционирањето на урбано Скопје ќе ги вратиме, затоа што тие се уште разговорно помеѓу скопјани се викаат на тој начин, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. 

Советот на Скопје вчера на седница ја усвои листата на регистарот на имињата на улиците во главниот град, со што се вратени некои претходни, како „Мексичка“, „Ленинова“, „Железничка“… 

Скопје – Македонскиот стартап „Trident Peak“ се пласираше меѓу 8-те најдобри старт-ап од целиот свет на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. 

Оваа стартап ќе почне преговори за идни инвестиции со глобалните инвеститори присутни на Форумот. 

Скопје –Отворен сум за средби, бев отворен и пред да се донесе петтиот пакет на економски мерки, а и сега сум  отворен за да седнеме и да разговараме со угостителите и да изнајдеме решение, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи непосредно пред отпочнувањето на за денеска закажаниот протест на угостителите за организирање свадби и други свечености пред Владата. 

-Мислам дека  решенијата се веќе изнајдени само треба соодветно да ги искомуницираме. Во овој момент битно е дали и колку ќе излеземе помалку погодени од кризата, а не дали сме погодени. Сите сме погодени од кризата, некој е погоден здравствено, а некој економски, но на крај од кризата ќе треба сите заедно да седнеме и да видиме како да заздравиме од кризата. Затоа сум  отворен да седнам да разговарам со секој еден кој смета дека има потреба за разговор, рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата на која беше презентиран Националниот геопортал за просторни податоци. 

Скопје – Со стратегијата за родова еднаквост на Град Скопје 2021 – 2025, која беше усвоена на последната седница на Советот, предвидено е да се примени родов пристап при планирање и доставување на сите јавни услуги од областите на: урбанизмот, социјалната здравствена и детска заштита, културата, спортот, сообраќајот, животната средина, комуналните дејности, локалниот економски развој, образованието, како и во работата на јавните претпријатија и културните установи во главниот град. 

Од Град Скопје информираат дека акцискиот план за родова еднаквост (2021-2025), кој е дел од оваа стратегија, предвидува преземање краткорочни и среднорочни активности од повеќе области планирани за период од четири години, а имплементирани преку годишните оперативни програми. 

Скопје – „Клупата на Горан Стефановски“, малото, но сепак големо спомен обележје на македонскиот литературен лауреат, го започнува патешествието од Лондон до Скопје, информираат од Општина Центар. 

Симболичната клупа-споменик, е излеана и се наоѓа во Лондон, а ќе биде поставена во паркчето спроти бараките на Општина Центар, веднаш до чинарот, кој на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература. 

Скопје – Режимот на домашен роаминг на Западен Балкан од 1 јули 2021 година значи чекор поблиску до намалување на цените на роамингот со Европската унија, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на состанокот на Работната група за роаминг на Западен Балкан. 

-Потпишувањето на Договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан во април 2019 година беше историско достигнување и еден од главните резултати на Дигиталната агенда за регионот што ја стави на тест нашата посветеност и доверба во регионалниот дијалог, истовремено носејќи им конкретни придобивки на граѓаните. Убедена сум дека регионот повторно ќе има резултати и дека, кога ќе заврши пандемијата, нашите граѓани ќе уживаат во сите придобивки од регионот без роаминг, оцени Брегу по повод укинувањето на роамингот за Западниот Балкан што статртува за нешто повеќе од четири месеци. 

Скопје – Пелагонискиот регион, според очекувањата на надлежните институции, ќе може да се приклучи на преносниот систем за гас годинава, а во втората половина од наредната година поголемиот дел од скопскиот регион да може да се снабдува со гас. 

Министерот за транспорт и врски денеска порача дека остануваат на определбата да се донесе гас до сите крајни корисници. Магистралните делници Скопје-Тетово-Гостивар, како и Битола-Неготино треба да бидат завршени годинава, а се очекува да биде избран и партнер за секундарната гасификација. 

Атина – Еден од основачите на Златна зора и вториот човек во партијата, осуден на 13 години затвор за формирање криминална организација Христос Папас, според грчката телевизија Стар, се крие во манастир во Србија, каде што нелегално стигнал преку Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. 

Откако во октомври минатата година судот ја соопшти пресудата во процесот против Златна Зора, Папас беше недостапен за властите, а издадена е и европска потерница. 

Подгорица – Митрополитот на Црногорската православна црква (ЦПЦ) Михаило го понуди сертификатот за крштевање на оваа верска заедница на сите православни христијани крстени во Српската православна црква, врз основа на кој нивната националност ќе се смени во православен Црногорец или православна Црногорка. 

Како што пренесува РТЦГ, Михаило вели дека, на пример, во колоната „националност“, во крштеницата на таа црква, наместо православен Србин или православна Србинка, ќе се внесе православен Црногорец или православна Црногорка, и сето тоа, како што наведе, „поради одбрана од духовниот окупатор, СПЦ“. 

Атина – Обвинителството во грчкиот град Ламија издаде наредба до надлежните лекари да му пружат секаква медицинска помош на осудениот терорист од организацијата „17 ноември“, Димитрис Куфодинас за да се спаси неговиот живот по 48 дена штрајк со глад и два дена одбивање да прима течности, јави дописничката на МИА од Атина. 

Според медиумите во Грција, одредбата е издадена по претходно барање на лекарите, откако Куфодинас одбил секаква помош. 

Тирана – Јавниот долг на Албанија на крајот на 2020 година достигна рекордно ниво од 77,8 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) што е највисока стапка забележана досега за албанските финансии, како одраз на тешките последици од кризата. 

Според Министерството за финансии, вкупниот долг достигнал 1,22 трилиони леки од 1,11 трилиони во 2019 година, што претставува раст од 111 милијарди леки. 

Приштина – Косовската полиција денеска изведе акција во Агенцијата за развој на земјоделството при Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово, при што уапси четворица вработени, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Според првичните информации од полициски извори, акцијата е изведена по налог на обвинител, поради сомневања за земање поткуп при доделувањето субвенции за земјоделците. 

Рим – Италија побара од Обединетите нации (ООН) да започнат истрага и да се расветлат околностите околу смртта на италијанскиот амбасадор во Демократска Република Конго во нападот врз конвојот на Светската програма за храна, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо. 

– Ние официјално побаравме од Светската програма за храна и ОН да отворат истрага за да разјаснат што се случило, причините што го оправдуваат воспоставениот безбедносен систем и кој е одговорен за тие одлуки, рече Ди Мајо во Парламентот. 

Берлин – Германски суд денеска го осуди Ејад Ал-Гариб, поранешен припадник на тајната полиција на сирискиот претседател Башар ал-Асад за овозможување тортура врз затворениците. 

Ал-Гариб е осуден за соучество во злосторства против човештвото и осуден во државниот суд во Кобленц на четири и пол години затвор. 

Њујорк – Бројот на гладни луѓе во Салвадор, Гватемала, Хондурас и Никарагва речиси четири пати повеќе се зголемил во изминатите две години, соопштија ОН во момент кога тие земји се борат против економската криза. 

Новите податоци на Светската програма за храна на ОН покажуваат дека со глад се соочуваат речиси осум милиони луѓе во овие четири држави, што претставува значаен пораст во однос на 2018 година, кога тој број изнесувал 2,2 милиона. 

Женева – Соединетите Американски Држави ќе бараат избори и учество во работата на Советот за човекови права на ООН (УНХЦР) подоцна оваа година, најави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен. 

Претходно беше соопштено од Вашингтон дека администрацијата на Џо Бајден ќе работи на отстранување на „непропорционалниот фокус“ ​​на УНХЦР кон американскиот сојузник Израел. 

Лос Анџелес – Членот на „Салата на славните“ и НБА легенда, Меџик Џонсон ги вброи тимовите на Бостон селтикс, Далас маверикс и Милвоки бакс како најголеми разочарувања оваа сезона. 

– Најголемите разочарувања досега оваа сезона се Селтикс, Маверикс и Бакс. Селтикси немаат доволно напредок, Маверикс не се добри во одбраната, а Бакс се бавни и непривлечни, напиша на Меџик на Твитер. 

Билбао – Шпанскиот фудбалски прволигаш Атлетик денес објави продолжување на договорот со играчот од средниот ред Раул Гарсија. 

Новиот договор со 34-годишниот Шпанец ќе важи до крајот на јуни 2022 година. 

Скопје – Натпросечното топло време ќе се задржи до сабота, по што метеоролозите најавуваат намалување на дневните темпратури за шест до осум степени. Утре максималната температура ќе се движи од 14 до 20, задутре од 15 до 20 степени, во сабота од 15 до 23 степени, во недела ќе се спуштат дневните температури и ќе се движат од осум до 16 степени, во понеделник од 7 до 13 и во вторник од 7 до 14 степени.  

Од УХМР информираат дека продолжува периодот на стабилно време. До сабота ќе се задржи натпросечно топло, а од недела ќе има намалување на температурата за 6 до 8 степени. Од сабота попладне ќе почне да дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, а ќе има и извесно зголемување на облачноста. Топлото време до сабота ќе предизвика натамошно топењена снежната покривка на планините. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close