МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 февруари 2021

24 февруари 2021

Скопје – Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет и за здравство.

Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка – второ читање, поднесен од група пратеници.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на АД „Национални енергетски ресурси“ Бајрам Реџепи денеска ќе извршат увид во изградбата на магистралниот гасовод од делницата Скопје – Тетово – Гостивар, во близина на населбата Пинтија во Скопје.

По завршување на увидот во градежните работи, предвидено е да дадат изјави за медиумите.

Скопје – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Скопје – Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, обвинет во предметот „Таргет – Тврдина“, кој од неделата беше недостапен за органите на прогонот, и по кого полицијата распиша национална и меѓународна потерница, вчера се појави пред Јавното обвинителство за да го подигне решението за домашен притвор што му го одреди Кривичниот суд.

Мијалков тврди дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини. Имал висока температура и симптоми на корона, а за ситуацијата што настанала околу него дознал вчера изутрина. Тој им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани. Кажа и дека нема да бега и останува во државата.

Скопје –  Министерството за образование и наука со поддршка на Швајцарската амбасада и градот Скопје денеска ќе организира консултативна средба со раководствата на скопските средни стручни училишта и со претставници на бизнис-заедницата.

На средбата, која ќе се одржи во Музејот на современа уметност, се поканети и претставници на меѓународните организации и институции.

Скопје – Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе одржи онлајн втора сесија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27) на тема „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“.

Целта на оваа сесија, според Европското движење во Република Македонија, е да се дискутираат прашањата поврзани со актуелните состојби во поглед на загревањата на домаќинствата во земјава и предлагање препораки во насока на подобрување на системите за загревање на домаќинствата.

Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска до четврток престојува во работна посета на Брисел, во рамки на која ќе оствари средби со комесарот за соседски политики и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, со комесарот за економија, Паоло Џентилони, комесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и со заменик-генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, Мачеј Поповски.

За време на посетата, како што информираат од Министерството за финансии, ќе се дискутира за планот за економски раст, за економските реформи, како и за економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, а во чии рамки e и Република Северна Македонија.

Скопје – Онлајн денеска ќе биде претставен новиот Гео портал на Националната инфраструктура за просторни податоци.

Новиот Гео портал ќе го претстават вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и директорот на Агенција на катастер на недвижности, Борис Тунџев.

Скопје – Фондот за иновации и технолошки развој денеска ќе ја презентира новата Програма за корпоративна иновативност.

ФИТР информира дека примарната цел на воведувањето на новата Програма е зајакнување и продлабочување на соработката меѓу докажаните компании на пазарот и стартап-компаниите кои имаат иновативни идеи (производи).

Скопје – Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска ќе ги промовира наодите од работата на СОС-телефонот за деца и млади за 2020 година.

„Меѓаши соопшти дека извештајот дава преглед на дојавите во текот на 2020 година, за проблемите поврзани со правото на заштита од насилство, правото на образование и правото на пристап до други институции, за кои се обратиле јавувачите и со нив поврзаните права на детето кои биле загрозени или прекршени, како и улогата на волонтерите во работата на СОС-линијата за деца и млади.

Скопје – Советот на Скопје вчера ја усвои листата на регистарот на имињата на улиците во главниот град, објави доцна синоќа на Фејсбук градоначалникот Петре Шилегов.

– Заврши седницата на Советот на Град Скопје. Усвоена листата на регистарот на имиња на улиците во Скопје. „Мексичка“, „Ленинова“, „Железничка“… се враќаат во нашето Скопје, напиша Шилегов.

Белград – Министерот за здравство Венко Филипче ќе биде домаќин на министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, на граничниот премин Табановци, со цел да ја преземе втората донација од 8000 дози вакцини од компанијата Фајзер/Бионтек, соопшти Танјуг.

Првиот контингент од 4680 дози од Србија пристигнаа на 14 февруари, кога српскиот претседател Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце му предаде вакцини на премиерот Зоран Заев.

Загреб – Хрватска за само седум години, од 2013 година кога стана членка на ЕУ па до крајот на 2019 година, остана без околу 200.000 жители, покажуваат податоците на државниот Завод за статистика.

Според податоците, Хрватска кон крајот на 2012 година, пред нејзиното приклучување во Унијата, имала малку повеќе од 4,26 милиони жители, а кон крајот на 2019 година населението изнесувало помалку од 4,06 милиони.

Будимпешта – Унгарските власти пред утрешниот старт на имунизација со кинеската вакцина против Ковид-19, Синофарм, ги повикаа граѓаните да веруваат во вакцините.

Унгарскиот државен секретар Иштван Џорџи најави дека лекарите од општа пракса ќе имаат на располагање по 55 дози вакцина на Синофарм, која треба да ја примат највозрасните лица. Тој додаде дека кинеската вакцина неделава ќе ја примат 275.000 граѓани.

Келн –  Информатичарите од Окружниот суд во Келн во петокот активирале дополнителни датуми и рокови за напуштање на Католичката црква, по што серверот веднаш „паднал“.

„Дојче веле“ пренесува дека сите дополнителни рокови веднаш биле „заграбани“.

Берлин – Во германските медиуми објавен е планот на канцеларката Ангела Меркел за отворање на економијата, јави Дојче Веле.

Меркел на онлајн конференција со членовите на парламентарната група ЦДУ/СЦИ изјави дека отворањето мора да биде „внимателно и постапно“ ако земјата сака да избегне ново затворање.

Бејрут – Светска банка (СБ) се закани дека привремено ќе го прекине финансирањето купување вакцини против Ковид-19 за Либан бидејќи поединци ги прекршиле правилата и се вакцинирале без претходно да се најават.

Генералниот секретар на либанскиот Парламент Аднан Дахер ги негираше наводите дека 16 пратеници се вакцинирале преку ред, истакнувајќи оти приоритет за вакцинацијата имаат здравствените работници и лицата постари од 75 години.

Вашингтон – На синоќешната виртуелна средба американскиот претседател Џо Бајден и канадскиот премиер Џастин Трудо се обврза заеднички да се спротивстават на кинеското влијание и на климатските промени.

– САД немаат поблизок пријател од Канада, изјави Бајден на првата билатерална средба со Трудо.

Каракас – Парламентот на Венецуела побара од Владата да ја прогласи амбасадорката на ЕУ во оваа земја, Изабел Бриланте Педросо за персона нон грата, како одговор на санкциите на Унијата против Каракас.

– Гласам со двете раце амбасадорката на ЕУ да биде прогласена за персона нон грата и да се преразгледаат условите под кои работи мисијата на ЕУ во Венецуела, изјави претседателот на Парламентот, Хорхе Родригез.

Јангон – Повеќе од 100 организации за заштита на правата на човекот повикаа на глобално ембарго за оружје во Мјанмар, како одговор на воениот удар и притворањето на демократски избраните лидери на земјата, што предизвика секојдневни протести низ земјата, јави ДПА.

Лидерот на воениот удар, генералот Мин Аунг Хлаинг, власта насилно ја презеде на 1 февруари и ги приведе премиерката Аунг Сан Су Чи и претседателот Вин Маинт, појаснува ДПА.

Јангон – Во Мјанмар и денеска продолжуваат протестите, а дипломатската иницијатива на Индонезија и другите земји од Југоисточна Азија засега не дава резултати.

Индонезија се обиде да испрати набљудувачка мисија составена од претставниците на Асоцијацијата на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН), чија задача би била да надгледува дали воената хунта ќе се придржува до даденото ветување за одржување на фер и регуларни избори.

Нион – Фудбалерот за врска на Баерн Минхен, Џошуа Кимих, синоќа учествуваше на првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите со Лацио. Дваесет и шестгодишниот Германец стигна до 38 победи на првите 50 натпревари на турнирот, соборувајќи го рекордот во елитното натпреварување.

Кимих ги надмина соиграчот Томас Милер и играчот за врска на Реал Мадрид, Каземиро, кои имаат по 36 победи на своите први 50 средби во Лигата на шампионите.

Мадрид – Челзи синоќа во Букурешт како гостин го победи Атлетико Мадрид со 1:0 во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Единствениот гол го постигна Оливие Жиру со т.н. ножички удар.

Во историјата на елитното фудбалско натпреварување ова беше прв пораз на Атлетико како домаќин со Диего Симеоне на тренерското место.

Атланта – Кошаркарот на Бруклин, Џејмс Харден ќе игра на НБА „Ол-стар“ деветта година по ред. Покрај него, резервисти на Источната конференција ќе бидат: Џејлен Браун и Џејсон Тејтум (двајцата Бостон), Зак Лавин (Чикаго), Џулиус Рендл (Њујорк), Бен Симонс (Филаделфија) и Никола Вучевиќ (Орландо).

Плејмејкерот на Феникс, Крис Пол, ќе биде 11-кратен „Ол-стар играч“. Покрај него на резервната клупа во тимот на Западната конференција ќе бидат и: Ентони Дејвис (Лејкерс), Пол Џорџ (Клиперс), Руди Гоберт, Донован Мичел (двајцата од Јута), Демијан Лилард (Портланд) и Сион Вилијамсон (Њу Орлеанс).

Лондон – Премиерлигашот Челзи го победи Атлетико Мадрид со 1:0 во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Под водство на тренерот Томас Тухел, сините од Лондон примија само два гола на осум натпревари.

Ова е втор најдобар резултат во историјата на клубот.

Скопје – Времето ќе биде сончево и топло. Претпладне со мала до умерена локална облачност, особено во североисточните подрачја. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степени. Во Скопје, претпладне со мала до умерена облачност, преку денот сончево. Ќе дува умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 18 степени.

Back to top button
Close
Close