МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 февруари 2021

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.

– МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Конфедерацијата на слободни синдикати денеска обвини дека судијата Санде Зиков постапува нестручно и непрофесионално по постапки поднесени од страна на синдикални претставници.

На денешната прес-конференција пред Апелацискиот суд во Скопје, синдикални претставници  рекоа дека Зиков носи одлуки на штета на работниците и синдикалните претставници.

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Кај сите органи што потфрлиле ќе мораме да бараме и политичка, но од некои луѓе ќе мора да бараме и кривична одговорност. Ова не се случило само заради некој  превид, се случило очигледно заради тоа што некој од малкумината што знаеле, ја споделил таа информација со човекот кој требаше да се соочи со правдата, порача денеска од армискиот полигон министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во врска со случајот на Сашо Мијалков.

–  Пред ова бегство ниту Владата , ниту правосудните органи, ниту државата не смее и нема да затвори очи и реакциите во јавноста и во институциите покажаа дека сите ќе бараме одговори, решителна акција од страна на сите институции што се повикани да обезбедат акција, ќе бараме одговорност затоа што веќе прашањето е како државата да обезбеди луѓе што бегаат од правдата да се соочат со правдата, во исто време органите ќе мора да дадат одговор на прашањето кој го информираше Мијалков, кој го обезбеди и овозможи неговото бегство. И двете работи и очекувања се целосно оправдани и очекувани и ние мораме да дадеме одговор. Кога велам ние зборувам и за извршната власт, меѓутоа и за правосудните органи, кои по овие прашања не можат ниту да молчат, ниту да бегаат од одговорност, изјави Шекеринска.

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Остануваме посветени на реформите, на развојот на добрососедските односи и на унапредување на довербата со Бугарија. Ние се гледаме себе како дел од ЕУ и тоа ќе го оствариме пред се за да обезбедиме успешна иднина на нашите граѓани, но и како наш влог за успех на иднината на Европа, порача денеска во Париз министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во рамки на посетата, Османи се сретна со неговиот француски колега Жан-Ив Ле Дриан со кого разговараше за европската перспектива на земјава, билатералната соработка, сојузништвото во НАТО, реформската агенда во земјава и регионалните предизвици.

Гевгелија, 23 февруари 2021 (МИА) – Поради изобилството храна и топлата езерска вода, јато од стотина кадроглави пеликани секоја година во периодот од ноември до март уживаат на Дојранското езеро каде претставуваат атракција за посетителите.

Богатата флора и фауна на нашиот југоисточен бисер, како и присуството на многу видови птици меѓу кои и кадроглавите пеликани, се најдобра потврда дека не случајно регионот на Дојранското езеро е прогласено за клучно подрачје на биолошката разновидност на медитеранот.

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Тодоров, е задоволен од изданието на неговите избраници на квалификацискиот турнир во Перм и покрај тоа што „црвено-жолтите“ не изборија пласман на Евробаскет 2022.

– Ми беше задоволство да работам со оваа група на играчи, независно од крајниот резултат. Ако се осврнеме наназад на овие шест натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП, и вториот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години, истакна Тодоров.

Тирана, 23 февруари 2021 (МИА) – Пандемијата, која минатата година, неочекувано го погоди целиот свет, во Албанија промени многу планови, како и многу демографски индикатори во земјата.

Карантинот што траеше од средината на март до почетокот на мај целосно го парализираше животот во земјата. Но и следните месеци не беа идентични со изминатите години, со дополнителна грижа и ограничено движење.

Сето тоа секако свое влијание имаше и во бројот на бракови во земјата, кој е значително помал споредено со претходната година.

Киев, 23 февруари 2021 (МИА) – Украина денеска ја доби првата пратка од 500.000 дози од вакцината АстраЗенека против Ковид-19, што ќе овозможи почеток на вакцинацијата, а први во редот ќе бидат здравствените работници кои се на фронтот за борба против болеста и војниците.

Локалните медиуми посочуваат дека Украина заостанува зад соседите во обезбедувањето вакцини за своите 41 милион жители. Таа побара од Европската унија да и помогне откако ја одби руската вакцина Спутник V.

Јоханесбург, 23 февруари 2021 (МИА) – Невработеноста во Јужна Африка достигна 32,5 отсто од работната сила во периодот помеѓу октомври и декември 2020 година, соопшти Националната агенција за статистика.

Ова е највисоко ниво од почетокот на документацијата во 2008 година.

„Бројот на невработени е зголемен од 701.000 на 7,2 милиони во споредба со третиот квартал на 2020 година“, се наведува во соопштението на „Статс СА“ и се додава дека официјалната стапка на невработеност од 1,7 е зголемена на 32,5 проценти.

Каиро, 23 февруари 2021 (МИА) – Најмалку девет лица се удавија кога брод, кој бил на семејна екскурзија, потона во езерото Мариут, јужно од египетскиот крајбрежен град Александрија, соопшти денеска канцеларијата на гувернерот.

„Седум лица ја преживеаја несреќата, од кои пет добија лекарска помош“, се наведува во соопштението.

Во тек е потрагата по можни преживеани.

 

Back to top button
Close
Close