МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 февруари 2021 

23 февруари 2021 

Скопје – Судот ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.  За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.   

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, заедно со судијата Осман Шабани и тројца портоници, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. 

Скопје – По повод Програмата за економски реформи 2021-2023 година, која се достави до Европската комисија на 29 јануари 2021 година и која има за цел преку конкретни реформски мерки да дејствува на клучните предизвици за конкурентноста на земјава, во рамки на дијалогот со Европската Унија за исполнување на економските критериуми, денеска се одржа состанок на високо ниво помеѓу министри од Владата на Република Северна Македонија и директори во генералните директорати за проширување и соседска политика и за труд и социјална политика, како и претставник од Директоратот за економија и финансии на Европската комисија. 

Како што соопшти Министерството за финансии, фокусот во 2021 година ќе биде справувањето и надминувањето на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и поставување основи за забрзан и одржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството. 

Скопје – Ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” проф. д-р Никола Јанкуловски и главниот извршен директор на М6 Едукативниот центар Елена Младеновска-Јеленковиќ потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е остварување и јакнење на потребната врска помеѓу деловната заедница и академската средина, како и постојана размена на искуства, знаења и податоци во насока на општествен развој, охрабрување и поддршка за вмрежување помеѓу компаниите, студентите и стартап-заедницата. 

– Компаниите од една страна сè повеќе се соочуваат со недостиг на кадар како резултат на масовното одлевање кадар од нашата земја, а од друга страна младите кои се желни да стекнат реално искуство немаат можност лесно да пристапат и да остварат контакти со бизнис-заедницата. Преку оваа соработка, М6 ќе овозможи спој на двете засегнати страни како и можност за практична работа во М6 и компаниите соработници. Студентите ќе добијат шанса да посетуваат и обуки за развивање меки вештини и останати обуки од различните програми на Едукативниот центар, соопшти Скопскиот универзитет. 

Скопје – Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, во соработка со Институт за дизајн и технологија (ИДТ), преку проектот „Образованието е повеќе од просек 5.0“ ќе доделат пет целосни стипендии за новата сезона обуки. 

Како што соопшти тимот на Џолев и уметностите и Институт за дизајн и технологија, секој средношколец со просек под 3.9, ќе може да аплицира за целосна стипендија најдоцна до 2 март 2021, приложувајќи свидетелство од последната година и мотивациско писмо на линкот. 

Скопје – Под силно полициско обезбедување денеска во Кривичниот суд Скопје, почна последното рочиште за петкратно убиство кај Смилковско eзеро на 12 април 2012 година. 

За кривичното дело „тероризам” во овој судски предмет се обвинети Халил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ. Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, за овие обвинети од судот побара да име се изречат максимални казни. Додека за обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката Фетаи, посочи дека висината на казните треба да биде до 15, односно до 9 години затвор.  Во недостиг на докази дека го извршил кривичното дело „тероризам” од обвинение е ослободен Сами Лута. 

Скопје – Сашо Мијалков не може да помине граница, затоа што му е одземена патната исправа. Дали има уште некоја патна исправа не ми е познато, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал Вилма Русковска, во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ. 

Прашана во однос на некои извештаи дека Сашо Мијалков има чешки и хрватски пасош, Русковска рече дека таа нема такви информации. 

Скопје – Министерствата за финансии и за економија да ги искористат своите надлежности и да ги пролонгираат роковите за годишни сметки. Ако тоа не се случи, ќе добиеме најнеточни завршни сметки какви што не памти историјата на државата и искривена слика за целата економија, предупредија денеска сметководителите. 

Барањето, како што беше речено на прес-конференција, е директно поврзано со петтиот сет мерки, а за него досега се немало слух поради игнорантскиот однос на одредени структури во двете министерства. 

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници од Националниот сојуз на слепи лица со кои разговараа за моменталната состојба  во смисла на правата кои ги користат и можностите за нивно унапредување. 

-Како  ресорно Министерство на кои на врвот на агендата е грижата за најранливите категории на лица, со посебен акцент на лицата со попреченост продолжуваме посветено да работиме на унапредување на правата и услугите и обезбедување на подобри услови за живот на оние на кои тоа им е неопходно. Оттука и нашите заложби за измените во Законот за социјалната  заштита во делот на личната асистенција, односно спуштање на возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст, за деца со потешка или најтешка телесна попреченост како и потполно слепи лица. Ова законско решение е во собраниска процедура и очекуваме  наскоро да го види светлото на денот, истакнала министерката Шахпаска на средбата. 

Скопје – Вкупно 638 стипендии се доделени на ученици Роми запишани во прво и второ одделение во учебната 2020/2021 година во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“.   

Стипендијата е за период од една учебна година и во износ од 400 евра годишно во денарска противвредност. Наменета е за покривање на трошоците за школување на децата, за храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата.   

Скопје – Идејата за отворени и безбедни граници за сите е еден од столбовите на кои се потпира Европската Унија. Јакнењето на националните капацитети во делот на интегрираното гранично управување е од исклучителна важност за нашата земја на нејзиниот пат кон исполнување на ЕУ и Шенген стандардите, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната презентација на Предлогот за организациска структура, човечки ресурси и управување со човечки ресурси за Одделот за гранични работи и миграции и Регионалните центри за гранични работи, подготвен во рамки на твининг проектот „Усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген барањата за гранично управување“ – ИПА 2016. 

Како што информираа од МВР, станува збор за проект што веќе се реализира во рамки на реформските зафати во Министерството и треба да биде завршен до средината на оваа година. 

Скопје – Државниот завод за статистика денеска објави конкурс за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и реонски инструктори кои во периодот од 1 до 21 април ќе го спроведуваат попишувањето на терен во рамките на Пописот 2021. 

На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Северна Македонија кои се невработени, кои имаат завршено најмалку средно образование и имаат компјутерски вештини. 

Скопје – Девизните резерви се во сигура сона, а расположливите податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија, оценува Народната банка во објавената месечна информација. 

-Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходните оцени. Девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Остварувањата заклучно со крајот на 2020 година се подобри од очекувањата, а остварувањата заклучно со јануари ја одразуваат динамиката на раздолжување на државата кон странство и сѐ уште слабата понуда на девизи поради пандемијата. Падот на економската активност во првите три квартали од 2020 година е во рамките на очекувањата од октомвриските проекции, при значително забавување на падот на бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал. Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија во споредба со претходниот квартал и на натамошно забавување на падот на БДП, согласно со очекувањата, стои во информацијата на Народната банка. 

Скопје – Акцискиот план  е усогласен 99 отсто и дава надеж дека можеме во овие неколку следни седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред разговорите за кои не крие нашиот премиер дека посакуваме да се случат во мај или јуни, по промовирањето на новата бугарска влада, вели специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски. 

-Идејата што сега ја промовираше нашето МНР, а го прифати бугарското МНР со одговорот на нашиот акциски план е да имаме еден заеднички документ кој би го усвоиле на заедничката владина конференција која ние претендирамве да се одржи што е можно побрзо. Од друга страна, треба да имаме предвид дека на 5 март почнува кампањата за бугарските избори. Така што, она што го вели министерот Османи дека 99 отсто е усогласен акцискиот план дава надеж дека можеме во овие неколку следни седмици да ја имаме таа меѓувладина конференција која ќе биде многу битна во подготовката на поповолна атмосфера пред оние разговори за кои не крие нашиот премиер дека посакуваме да се случат во мај или јуни по промовирањето на новата бугарска влада, вели Бучковски во разговор за  „360 степени“ запрашан дали е можен исчекор во односите меѓу двете земји  пред парламентарните избори во Бугарија и што би бил тој . 

Скопје – На магистралниот пат Штип – Кочани, кај Облешево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а возилата се пропуштаат наизменично, соопшти Автомото сојузот. 

Од АМСМ информираат дека сообраќајот се одвива по една коловозна лента поради јавен собир на оризопроизводителите. 

Скопје – Сообраќајот на магистралниот пат Штип – Кочани, кај Облешево, е нормализиран, соопшти Автомото сојузот. 

Сообраќајот претходно, како што информираа од АМСМ, се одвиваше по една коловозна лента поради јавен собир на оризопроизводителите. 

Скопје – Без вода утре од 9 часот ќе бидат корисниците на улиците „Светозар Марковиќ“, „Цицо Поповиќ“, „Истарска“ и дел од „Битолска“ и „Крушевска“ и Веро Џамбо. 

Прекинот во водоснабдувањето е поради дефект на затварач од ф100мм на улица „Светозар Марковиќ“, раскрсница со „Цицо Поповиќ“. 

Скопје – „Матица македонска“ објави книга со наслов „Светската критика за делото на Конески – 100 години од раѓањето на великанот од Небрегово“, во која се презентирани триесет текстови од истакнати писатели, критичари и научници од други земји кои во суперлативи пишуваат за творештвото на Блаже Конески. 

Меѓу нив се Англичаните Ана Пенингтон и Андрју Харви, според кои Конески, како писател на македонски јазик, има привилегија да наследи богата фолклорна традиција, и тоа со толкава непосредност каква што тешко може да постигне некој писател од Запад, Манфред Јенихен во поезијата на Блаже Конески го потенцира финото чувство на национално достоинство, а пак Јон Милош неговото орфејско чувство за поезија. 

Подгорица – Црна Гора, по 12 години, конечно може да им дозволи на своите граѓани двојно државјанство – црногорско и српско, најави премиерот Здравко Кривокапиќ на Твитер. 

– Голем број граѓани кои со години живеат во Црна Гора, но не добиле државјанство на нашата земја, заслужуваат ова прашање конечно да се реши. Владата на Црна Гора ќе започне со решавање на овој проблем во следниот период, истакна Кривокапиќ. 

Приштина – Синот на политичарот од редовите на српската заедница во Косово, Ненад Рашиќ, 18-годишниот Никола, е нападнат и претепан од група од околу 30 лица, на излегување од училиштето во Лапље Село во општина Грачаница, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Случајот денеска го потврди косовската полиција, наведувајќи дека Никола Рашиќ се здобил со телесни повреди и е пренесен во грачаничката болница. 

Брисел – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи на Европска Унија, покажа интерес за европското соседство, а потенцира дека САД се подготвени да работат и на стабилизација на Западен Балкан, објави денеска бриселскиот попртал Политико. 

Порталот повикувајќи се на дипломатски извори наведе дека самиот факт што Блинкен толку брзо се согласил да учествува на вчерашниот состанок на Советот за надворешни работи претставува добар знак. 

Атина – Штрајк во траење од 48 часа, започнаа 13 грчки поморски синдикати, со што поголем дел од бродовите во Грција, два дена ќе останат закотвени на пристаништата, јави дописничката на МИА од Атина. 

Штрајкот започна на една минута по полноќ и ќе трае до утре на полноќ, додека пак, според грчката новинска агенција АНА-МПА, синдикатите, меѓу другото бараат укинување на регулативите што им штетат на колективните договори, но и што се однесуваат на работното време и одморите. 

Атина – Во знак на поддршка и солидарност за осудениот терорист од организација „17 ноември“, Димитрис Куфодинас , кој веќе 47 дена штрајкува со глад, непознати лица синоќа, со бои и летоци ја нападнаа грчката телевизија „Αction24“ и испишаа слогани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција, Ники Керамеос. Двата одвоени случаи ги осуди портпаролот на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина. 

На влезот од телевизија била фрлена црна боја и едно шише, кое веројатно бил молотов коктел што не експлодирал, но и летоци на кои се испишани пораки за солидарност на Куфодинас. 

Софија – Лидерот на ГЕРБ и актуелен бугарски премиер, Бојко Борисов, на прашање од Бугарската национална телевизија (БТВ) изјави дека „премиерот е секогаш премиер“, јави дописникот на МИА од Софија. 

Борисов искоментира дека се уште не размислувал за тоа кој ќе го замени на функцијата и потсети дека Маријана Николова, која е вицепремиерка и министерка за туризам, ќе биде одговорна за спроведувањето на парламентарните избори. 

Софија – Во Бугарија во последните 24 часа се регистрирани нови 1.925 случаи на инфицирани со коронавирус, од извршени 13.695 тестови, покажуваат податоците на специјализираниот портал за информации. 

Од изнесените податоци се гледа дека има 14 отсто позитивни примероци, а повеќето од новозаразените се идентификувани со брзите анализи на антиген. 

Брисел – Европската унија ќе воведе санкции за четворица Руси поради труењето на најистакнатиот критичар на Владимир Путин, Алексеј Навални, тврдат три лица запознаени со случајот, цитирани од Блумберг. 

Според едно од лицата, на списокот ќе има високи службеници за спроведување на законот во Москва и Санкт Петербург. 

Лондон – Принцот Филип, 99-годишниот сопруг на британската кралица Елизабета седум дена е хоспитализиран и добро се чувствува, јавија британските медиуми. 

Војводата од Единбург минатиот вторник беше хоспитализиран во лондонската приватна болница „Крал Едвард Осми“. 

Лондон – Стапката на невработеност во Велика Британија се зголеми во четвртото тромесечие од минатата година на 5,1 отсто, покажуваат денешните податоци на Националниот завод за статистика. 

Тоа е највисока стапка уште од првиот квартал во 2016 година, но е сепак значително пониска отколку што би била без владината програма за поддршка за зачувување на работните места за време на пандемијата на Ковид-19. 

Вашингтон – Американскиот производител на авиони Боинг соопшти дека истрагата утврдила „абење на металот“ на нивниот авион 777, на кого му откажа еден од моторите набрзо по полетувањето во Денвер и препорача привремено приземјување на сите латала од тој тип. 

Истрагата докажа дека една од перките на вентилаторот откажала поради абење на металот. 

Буенос Аирес – Во Аргентина избувна скандал со вакцинирање познати личности откако Министерството за здравство објави список со 70 лица кои незаконски примиле вакцина против коронавирусот. 

На списокот се претседателот Алберто Фернандез и членовите на неговиот кабинет, како и министерот за економија Мартин Гузман, аргентинскиот амбасадор во Бразил, поранешниот претседател Едуардо Дуалде, неговата сопруга и нивните деца, како и службеници кои не се меѓу приоритетните за првите 1,8 милиони дози вакцини. 

Техеран – Официјален Техеран од денеска почна со ограничување на меѓународните инспекции на своите нуклеарни постројки, јави иранската државна телевизија, 

Американските медиуми соопштуваат дека извештајот на државната телевизија не дава повеќе детали за постапката, освен што потврдува дека Иран ја спровел својата најава за намалена соработка со инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). 

Пекинг – Кина денеска излезе со остра осуда на постапката на канадскиот Парламент, што вчера како геноцид го оцени третманот на властите во оваа азиска земја кон муслиманското национално малцинство Ујгури, пренесуваат британските медиуми. 

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, денеска изјави дека неговата земја изразува силно незадоволство и силно противење на предлогот за кинеската провинција Синџијанг, што го изгласа канадскиот Парламент. 

Лондон/Сингапур – Цената на биткоинот падна денеска за 17 проценти, што предизвика распродажба на пазарите со крипто валути. 

Најголемата криптовалута во светот претрпе најсилен дневен пад во последниот месец, паѓајќи на 45.000 долари. 

Делчево – Делчевските кик-боксери со пет медали ја започнаа новата натпреварувачката сезона. На последно одржаното Државно првенство викендот, еден златен медал освои Кик-боксинг клубот „Тигар“, додека младите кик-боксери од клубот „АС“ од Делчево освоија четири медали. 

За тренерот на кик-боксинг клубот „АС“, Љупчо Стојчевски ова е голем успех, ако се има предвид дека поради пандемијата тренинзите во клубот се сведени на минимум. 

Мадрид – Напаѓачот на Реал, Винисиус Жуниор изјави дека сака да ја помине целата своја кариера во мадридскиот клуб. 

– Јас сум 100% сигурен во Реал Мадрид, во Зидан, во сите играчи и во Флорентино Перез, кој се нарекува мој главен навивач по моите родители. Сакам да останам засекогаш во Реал Мадрид, сакам да му помогнам на клубот да гради историја, да постигнува повеќе голови, да правам повеќе асистенции, да играм и да победувам, истакна Винисиус за шпанското издание на „Спорт“. 

Њујорк – Кошаркарот на Бруклин, Кевин Дурант нема да игра против Сакраменто на средбата закажана за вечер по полноќ. Така, тој ќе го пропушти петтиот натпревар по ред поради истегнување на тетивата на левата нога. 

Откако пропушти три натпревари според барањата на протоколот за коронавирус во НБА, Дурант се врати на теренот на 13 февруари против неговиот поранешен тим Голден Стејт. „Нетс“ победија со 17 поени разлика, но Дурант повторно предвреме излезе со повреда на тетивата. 

Скопје – УХМР соопшти дека продолжува периодот на стабилно, сончево и топло време. Утре ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Во деновите од викендот во утринските и претпладневните часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла и ниска облачност. Утринските температури на места ќе се спуштат под нулата, а дневните ќе бидат над просекот за овој период од годината. Топлото време ќе предизвика натамошно топење на снежната покривка на планините. 

Утре минималната утринска темшература ќе се движи од -3 до 3 степени, а максималната дневна ќе достигне 20 степени. Во четврток дневната температура ќе биде максимум 19 степени,а во петок и сабота 20. Во недела ќе има постепено намалување, на 16 степени, додека за понеделник се прогнозираат максимални 14 степени. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close