МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 февруари 2021

23 февруари 2021

Скопје – Предлог-програмата за рамномерен регионален развој со која се уредува распределбата на средствата за оваа намена утврдени со годинашниот Буџет, ќе биде една од точките на денешната 47. владина седница.

Пред министрите е и Информацијата за Проектот „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективната социоекономска интеграција на (Ромите) повратници од Западен Балкан“. Целта на Проектот е унапредување на капацитетот на западнобалканските земји на централно и локално ниво за спроведување сеопфатни модели за реинтеграција на повратниците и предвидува поопширна агенда за социјална инклузија и надминување на изворните причини и фактори за миграција на Ромите и ранливите популации.

Скопје – Премиерот Зоран Заев денеска ќе присуствува на отворање на нова акцелераторска лабораторија на УНДП. Отворањето ќе се случи со конференција во хотел Хилтон (Diamond Ballroom), со почеток во 14:30 часот.

Конференцијата ќе ја отворат Заев, кој ќе се обрати од сцената во хотел Хилтон, и администраторот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Ахим Штајнер, чие обраќање ќе биде преку видео врска од неговата канцеларија во Њујорк.

Скопје – Комората на сметководители денеска ќе информира за состојбата во која се наоѓаат сметководителите поради кратките рокови за поднесување на финансиските извештаи и завршните сметки и ќе ги презентира проблемите што може да произлезат од операционализацијата на петтиот пакет економски мерки.

Сметководителите во неколку наврати досега бараа пролонгирање на роковите за поднесување на финансиските извештаи и завршните сметки согласно можностите што ги дава Законот за трговски друштва.

Скопје – Годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2020 година денеска ќе биде презентиран пред членовите на матичната собраниска Комисија.

Во Собранието ќе се одржи продолжение на 11. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која на дневен ред се Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, годишните извештаи за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2019,  на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во 2019 годинана Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во 2019 година, на Инспекцискиот совет за 2019 година и на Агенцијата за администрација за 2019 година. 

Скопје – Професионализација на уличните танци и култура, обезбедувајќи структуриран, долгорочен процес за едукација на младите и обезбедувајќи можност за издигнување на танцовата сцена кај нас на значително повисоко ниво се целите на проектот ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија кој започна викендов да се реализира во земјава.

Проектот е во креација на координаторката Ивана Балабанова од Битрикс Културно-уметнички Центар и Американската Амбасада во С.Македонија, а во кој како партнери се јавуваат КСП „ЦЕНТАР ЈАДРО“ (Јасмина Билаловиќ) и Младински Културен Центар (Ванчо Богоев), како и The Bureau of Educational and Cultural Affairs ( ECA) of the U.S. Department of State, American Voices и American Dance Abroad oд Соединетите Американски Држави.

Скопје – Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Скопје – Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера ги повика надлежните институции во најкус можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од денеска ќе престојува во работна посета на Франција, каде ќе оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

Како што соопшти МНР, покрај средбата со својот домаќин, Османи ќе ја посети и Елисејската палата, каде ќе оствари средба со советниците во Кабинетот на претседателот, Емануел Макрон, Изабел Думон, надлежна за Континентална Европа и Турција, и со советникот за Европа, Александар Адам.

Скопје – Здружението на граѓани „Младите можат“ денеска ќе ги презентира резултатите од истражувањето „Потребите на младите на локално ниво”, спроведено во општините Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров.

Истражувањето е спроведено во три скопски општини: Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, во декември минатата година, и како што информираат од „Младите можат“ ги сумира резултатите од квалитативната и квантитативната анализа во пет области: волонтерство и граѓански активизам; предизвици на младите во општината; младински политики и застапување; отвореност и поддршка на општините за млади и младите во време на пандемијата Ковид-19.

Скопје – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со американската амбасадорка Кејт Брнз денеска ќе го посетат армискиот полигон „Криволак“ каде ќе бидат брифирани во врска со претстојните активности за реализацијата на вежбата „Одлучен удар – 21“.

Вежбата „Одлучен удар – 21“ ќе се реализира во периодот од 17.05 – 02.06.2021 година на армискиот пологон „Криволак“ и на неа предвидено е да учествуваат околу 2000 припадници од армиите на САД, Грција, Бугарија и од Република Северна Македонија.

Скопје – Конференција за претставување на Регионалниот фонд за предизвици во Северна Македонија денеска ќе се одржи преку платформата „Зум“ со почеток во 11:30 часот. На настанот на кој свое обраќање ќе има и министерката за образование и наука Мила Царовска ќе биде најавено отворањето на првиот повик за изразување интерес.

Освен министерката Царовска, на конференцијата најавено е присуство на амбасадорот на Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн, Рене Ешеман, директор на канцеларија на KfW за Косово и Северна Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, извршен директор на Стопанска комора на Македонија, Фридер Верман, Регионален фонд за предизвици, Единица за управување со фондови, раководител на тимот, Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германската индустрија во Северна Македонија, Албанија и Косово и Курт Витрих, раководител на тим во Образование за вработување, Хелветас, Северна Македонија.

Скопје – Здружението на оштетени штедачи од Еуростандар банка,во пресрет на утрешната седница на Уставниот Суд, на којашто, како што наведуваат во соопштение, прва точка од дневниот ред иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, јавно изразува надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот.

Во соопштенето наведуваат дека членовите на Здружението се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата на крајот сепак ќе победи.

Скопје – Во текот на утрешниот ден во период од 9 часот, па се до 16 часот се предвидени технички зафати во електроенергетскиот систем во Скопје. Како што информираат од РЦУК Скопје, вакви зафати се предвидени на повеќе локации.

-Во периодот од 09 до 12 часот корисниците на дел од ул.Марко Орешковиќ 2 , дел од ул.Мариовска. (општина Центар); дел од Бул.Македонско Косовска Бригада(објектите околу Арена петрол),дел од ул.Стојко Ивановски, дел од ул.Лазар Личеноски, ул.Пере Тошев(објектите околу Арена Петрол), ул.Максут Садик, ул.Прохор Пчински, дел од ул.Славеј Планина, ул.380 (објектите околу Арена петрол) (општина Чаир) , во периодот од 10 до 11:30 часот корисниците на дел од ул.1 во с.Д.Лисиче. (општина Аеродром), во периодот од 11-16 часот корисниците од ул.Илија Димовски Гоче бр.5, 7 и 9, општина Аеродром.

Ереван – Неколку илјади луѓе синоќа протестираа во главниот град на Ерменија, Ереван, барајќи оставка од премиерот Никол Пашињан.

Демонстрантите блокираа неколку главни улици во Ереван, а протести се најавени и за денеска.

Тбилиси – Грузиската полиција со насилен упад во седиштето на главната опозициска партија „Обединето национално движење“ го уапси лидерот на партијата Ника Мелија, во живо пренесуваше телевизијата „Мтавари“.

Грузија се наоѓа во сериозна политичка криза од завршувањето на парламентарните избори минатата година.

Париз – Француската министерка за труд Елизабет Борн изјави денеска дека е најважно компаниите да го зголемат работењето од дома, со цел да се избегне ново заклучување на земјата во борбата против ширењето на коронавирусот.

– Изминатите денови податоците за Ковид-19 не се добри. Сите сакаме да избегнеме нов локдаун, а работата од дома е добро решение, истакна Борн.

Вашингтон –САД се очекува да ја надминат бројката од 500.000 смртни случаи како последица на Ковид-19, повеќе од каде и да било во светот, објави денеска универзитет Џонс Хопкинс.

Претседателот Џо Бајден, вечерва, од Белата куќа ќе зборува за изгубените животи во пандемијата, проследено со пет минути молк и церемонија на палење свеќи.

Вашингтон – За време на телефонскиот разговор меѓу државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Израел, Габи Ашкенази, Блинкен изјави дека решението на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на две држави би било најповолното за иднината на Израел, синоќа соопшти американскиот Стејт департмент

Во текот на разговорот, Блинкен ја „истакна увереноста на администрацијата на Бајден дека решението за создавање две држави е најдобриот начин да се обезбеди иднина за Израел како еврејска и демократска земја, која живее во мир покрај активна и демократска палестинска држава, истакнаа од Стејт департментот. 

Вашингтон – Сопругата на Хоакин Гузман Лоер -Ел Чапо, водачот на мексиканскиот нарко-картел од Синалоа, е уапсена синоќа во американската сојузна држава Вирџинија под обвинение за трговија со дрога, соопшти американското Министерство за правда.

Ема Коронел Аиспуро (31), која има двојно и американско и мексиканско државјанство, е уапсена на меѓународниот аеродром Далес и денеска треба да биде изведена пред Федералниот суд во областа Колумбија, но целата постапка ќе се спроведе преку видео врска.

Канбера – Австралискиот министер за финансии Џорџ Фриденберг најави дека Фејсбук ќе ги одблокира информативните страници и потврди дека Владата предложила отстапки и измени на спорниот закон, со кој е предвидено компанијата да им плаќа на издавачите за информативните содржини.

Австралија предложи четири амандмани на спорниот закон, а менаџментот на Фејсбук соопшти дека се задоволни со предложените отстапки на Владата.

Вашингтон – Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс соопшти дека изјавата на иранскиот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи за збогатувањето ураниум „звучи заканувачки“.

Најавата на Хамнеи дека Иран може да збогатува и до 60 отсто ураниум доколку за тоа има потреба, Прајс ја нарече „хипотетичка“ и „извештачена“.

Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден најави измени во програмата за федерална помош, со кои ќе бидат опфатени најмалите фирми и тие чии сопственици се жени и припадници на малцинставата.

Тој прецизира дека измените, кои ќе стапат во сила утре, ќе пружат долгорочна помош за малите фирми кои претрпеа загуби поради пандемијата со Ковид-19. Бајден истакна дека малите фирми во барањата за федерална помош на почетокот од пандемијата биле потиснати од големите компании.

Брисел – Европската унија соопшти дека размислува за воведување санкции против Мјанмар, а САД вчера ги проширија на уште двајца генерали поврзани со воениот удар во таа земја.

Истовремено, низ земјата се уште секојдневно се одржуваат протести поради превратот кој се случи на 1 февруари.

Њујорк – САД им оддадоа почит на повеќе од 500.000 жртви на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а претседателот Џо Бајден повика на единство во борбата против неа и нареди знамињата низ целата земја до петок да бидат спуштени на половина копје поради овој трагичен биланс.

Британските медиуми наведуваат дека претседателот Џо Бајден, првата дама Џил Бајден, потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Елмхоф со минута молк и 500 запалени свеќи, на скалите на Белата куќа им оддадоа почит на 500.000-те Американци починати од коронавирусот, а ѕвоната на Националната катедрала во Вашингтон симболично заѕвонија 500 пати во чест на мртвите.

Њујорк – Министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји вчера пред Советот за човекови права на Обединети нации изјави дека Ујгурите и дрругите малцинства во Ксинџијанг имаат верска слобода и работнички права.

Тој истакна дека во регионот има „социјална стабилност и силен развој“ и четири години не се забележани терористички напади.

Торино – Фудбалерот на Јувентус, Кристијано Роналдо беше двоен стрелец синоќа на мечот од 23. коло во италијанскиот шампионат против Кротоне. Така, Португалецот оваа сезона стигна до 25 погодоци. Роналдо ја достигна оваа граница во неговата 14. последователна сезона.

Тој ваква ефикасност покажува уште од сезоната 2007/08, кога сè уште играше за Манчестер јунајтед. Португалецот подоцна постигна најмалку 25 гола за неговите девет години во Реал Мадрид, по што серијата продолжи во Јувентус.

Рим – Тренерот на Лацио, Симоне Инзаги ги сподели своите очекувања за првиот дуел од осминафиналната пресметка со Баерн Минхен во Лигата на шампионите.

– Овој натпревар е кулминација на петгодишната работа со овој прекрасен тим. Ќе се обидеме да го покажеме нашиот најдобар фудбал и да уживаме во него. Баерн ја освои Лигата на шампионите, а потоа и Светското клупско првенство. Претпочитам да се фокусирам на мојот тим, а не на слабостите на противникот. Во текот на нашето патешествие, имавме многу финалиња, така што знаеме како да се подготвиме за вакви натпревари, го цитира Инзаги официјалната веб-страница на УЕФА.

Торино – Тренерот на Јувентус, Андреа Пирло, по синоќешната победа (3:0) против Кротоне на натпреварот од 23. коло на италијанскиот фудбалски шампионат, најави борба за титулата до самиот крај.

– Можеби последните порази не натераа малку да се изнервираме. Стартот на мечот со Кротоне не беше најдобар, но потоа дадовме голови. Беше важно да се освојат трите бода. Ќе се бориме за трофејот со Интер до самиот крај на првенството, изјави Пирло.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и потопло со слаб до умерен ветер од северозападен правец, особено вдолж Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 21 степен. Во Скопје, сончево со слаб, а попладне умерен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 17 степени.

Најмногу снег, според мерањата на УХМР изутрина во седум часот има на Попова Шапка, каде снежната покривка е 34 сантиметри, додека на Маврови Анови има осум сантиметри снег, шест во Крушево, три во Лазарополе.  Најниска температура, пак, е измерена во Берово -4 степени,  а  -3 во Скопје-Петровец, Битола, и Маврово, -2 Тетово, Струмица, Д.Капија и Лазарополе, -1 во Гевгелија. На останатите места се регистрирани температури над нулата.

 

Back to top button
Close
Close