МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 февруари 2021

22 февруари 2021

Скопје – Не смееме да дозволиме несериозност и во следните десет години да немаме попис на наслението, порача премиерот Зоран Заев, додека опозицијата низ градовите во државата собира потписи за поништување на Законот за попис.

– Ако сме држава којашто 20 години нема попис, тоа треба да го направиме час поскоро. Убеден сум дека ќе имаме успешен попис од 1 до 21 април, онака како што е предвидено, изјави Заев вчера во Пробишти, коментирајќи ја иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за предлагање на Закон за поништување на Законот на попис.

Абу Даби – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја продолжува дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати со средба со неговиот емиратски колега Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Во текот на денешниот ден, Османи во Абу Даби ќе се сретне и се државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија Ахмед Али Ал Сајег, како и со извршниот директор на  Меѓународниот центар за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам Хедаја, Ахмед Ал Касими.

Скопје – Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација, додека неделава се очекуваат и првите информации за вакцини од Европската Унија, од директниот договор со „Фајзер“ и од Ковакс механизмот, а неделава се очекуваат и вакциналните дози од Кина.

Во земјава во тек е вакцинирање на првата група – здравствените работници што работат во ковид центрите. Близу 95 илјади граѓани се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, од кои 44 илјади се граѓани на возраст над 70 години со хронични болести, што се во прва приоритетна група на граѓани која треба да бидат вакцинирани по медицинскиот кадар.

Скопје – Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд.

Од МВР за МИА потврдија дека му е одреден куќен притвор и оти се преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.

Скопје – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник“. На претходното рочиште беше најавено дека денеска ќе бидат сослушани повеќе сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Скопје – Поради дефект на водоводна цевка Ф 2, денеска со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од село Матка.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација – Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 8:50 часот до завршување на дефектот.

Скопје – Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска ќе учествува на две одделни консултативни средби со претставници од компаниите, локалните самоуправи и средните стручни училишта од Кочани, Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица.

Средбите ќе се одржат во Кочани и во Берово, а се дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“, чија основна цел е да се идентификува потребата од отворање на одредени профили и паралеки, во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната година.

Сребреница – Кандидатот на коалицијата „Заедно за Сребреница“ за градоначалник на општината, Младен Грујичиќ, освои 5.189 гласови или 67,22 проценти од гласовите на избирачите на вчера повторените локални избори, соопшти претседателот на ЦИК, Желjко Бакалар.

Според првичните резултати, кандидатот на коалицијата „Мојата адреса е Сребреница“, Алија Табаковиќ, освои 2.433 гласови или 31,70 проценти, пренесува порталот РТРС.

Атина – Задолжителниот седумдневен домашен карантин за сите кои во Грција ќе влезат на било кој начин и со било кое средство е продолжен уште две седмици, односно до 8 март 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука од надлежните грчки министерства и новите одлуки на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција, и понатаму во сила е задолжителната потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето, за сите оние кои до 8 март ќе пристигнат во Грција, а паралелно, при пристигнувањето, ќе се спроведуваат и брзи тестови за дел од патниците согласно предвидениот процес според податоците внесени во специјалниот формулар (Passenger Locator Form) за патување во Грција.

Барселона – Протестите во Барселона во знак на поддршка на шпанскиот рапер Пабло Хасел, кој е обвинет за навреда на монархијата и величење на тероризмот, продолжија и синоќа, шеста ноќ по ред.

Како и претходните денови, вчера во Барселона почнаа мирни протести, а уметниците нацртаа мурал со кој го го критикуваа шпанскиот крал Филипе Шести и неговиот тратко, поранешниот шпански крал Хуан Карлос и искажаа солидарност со Хасел.

Москва – Руското беспилотно летало „Орион“ извршило 38 летови во Сирија, од кои 17 пати гаѓало објекти на терористи, објави телевизијата „Русија 1“.

Во репортажата за „Орион“, телевизијата го покажа леталото во пустинска камуфлажа која се користи во Сирија. Според традицијата на воената авијација, на леталото се означени ѕвезди кои го претставуваат бројот на извршени борбени мисии.

Варшава – Полска оваа недела треба да најави ново правило, а тоа е дека секој странски државјанин пред да влезе во земјата ќе треба да приложи негативен тест на коронавирус, изјави денеска полскиот министер за здравство Адам Ниједијелски.

– Патниците кои ќе покажат негативен тест на Ковид-19 нема да мора да заминат во карантин по влезот во Полска, истакна Ниједијелски.

Вашингтон – Поради снежните бури, екстремниот студ и прекинот во снабдувањето со електрична енергија затворија повеќе од 2.000 пунктови за вакцинација и ја пролонгираа испраката на шест милиони дози вакцини во сите 50 американски сојузни држави минатата недела, изјави високиот советник на Белата куча, Енди Салвит.

Тој истакна дека заостанатите дози вакцини против Ковид-19 ќе бидат испопрачани следната недела, а поголемиот број ќе бидат доставени во следните неколку дена.

Техеран – Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) постигнаа времен договор за продолжување на активноста за верификација на таа агенција во иранските нуклеарни постројки, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси по разговорот со ирански претставници во Техеран.

– Интензивните консултации доведоа до добар резултат. Постигнат е времен технички договор. МААЕ ќе ја продолжи неопходната верификација и надзор во Иран, напиша Гроси на Твитер.

Кабул – Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави дека во земјата се појавил „прозорец на можности за забрзување на мировниот процес“ по најавата на НАТО дека не е донесена конечна одлука за повлекување на своите трупи.

НАТО има речиси 10.000 војници во Авганистан. Според договорот меѓу САД и Талибанците, тие требаше да бидат повлечени до мај годинава. Но постои опасност дека насилството на талибанските бунтовници може да се зајакне.

Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден, заедно со потпретседателката Камала Харис, вечерва ќе одржат церемонија на која со едноминутно молчење ќе им оддадат почит на околу 500.000 жртви на коронавирусот во САД, соопшти Белата куќа.

Бајден и Харис ќе запалат свеќи во спомен на граѓаните кои починаа од Ковид-19, а шефот на државата ќе одржи говор.

Лондон – Првиот човек на светската организација, Антонио Гутереш, изјави дека една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот светот покажа дека се соочува и со пандемија на кршење на човековите права.

„Пандемијата со Ковид-19 ги ​​продлабочи постојните поделби, слабости и нееднаквости и отвори нови прашања, вклучувајќи ги и прашањата за човековите права“, напиша Гутереш во авторскиот текст за лондонски „ Гардијан“.

Крива Паланка – Кошаркарките Крива Паланка синоќа остварија важна победа на гостински терен во Скопје, совладувајќи ја екипата на МЗТ со резултат 64:50. Натпреварот е од осмото коло од Првата женска кошаркарска лига, прв од вториот дел на сезоната 2020/21.

Резултатот во дуелот беше на страната на кривопаланечкиот табор уште од првите минути од првата четвртина, а остана така до крајот на мечот.

Загреб – Вчеравечер на 60-годишна возраст во Копривница почина Златан Сарачевиќ.

Сарачевиќ е носител на златен медал со Хрватска од Олимиските игри во Атланта 1996 година, а беше дел и од репрезентацијата на поранешна Југославија која го освои третото место на ЛОИ во Сеул 1988 година.

Торино – Голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон е подготвен да го продолжи договорот со тимот од Торино, објави новинарот Николо Шира.

Според добриот познавач на италијанскиот фудбал, Јувентус работи на продолжување на договорот со 43-годишниот Италијанец до 2022 година.

Париз – Тренерот на Пари Сен-Жермен, Маурисио Покетино, рече дека причина за поразот (0:2) синоќа во дербито со Монако е слабата игра на неговиот тим во нападот.

– Не создадовме доволно шанси. Не бевме доволно добри, па изгубивме. Ја поседувавме топката многу повеќе, но никогаш не најдовме начин да ја разбиеме нивната одбранбена линија. Секако, тие добро се бранеа, нема што повеќе да се каже. Честитки за Монако. Мораме напорно да работиме за да ја смениме ваквата состојба, го цитира Покетино официјалната веб-страница на клубот.

Скопје – Времето денеска ќе биде претежно сончево со слаб променлив ветер и со појава на магла и ниска облачност по котлините во претпладневните часови. Максималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17 степени.

Во Скопје и околината претпладне ќе има појава на магла и ниска облачност, а во текот на денот ќе биде претежно сончево. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.

 

Back to top button
Close
Close