МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 февруари 2021

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) – Обвинението е неосновано, конфузно и не е поврзано. Не е поткрепено со вистински докази, кои би го потврдиле кривичното дело кое ми се става на товар и не може да истрпи елементарна правна критика, а не пак осудителна пресуда, порача денеска во завршниот збор за случајот „Таргет-Тврдина“, екс-началникот на Одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски.

Јакимовски побара од Судот да донесе ослободителна пресуда, бидејќи, како што рече, кривичните дела за кои се обвинува, не се кривични дела според закон.

Прилеп, 19 февруари 2021 (МИА) – Тачко Локвенец, доајен на прилепското и на македонското новинарство почина како последица од коронавирусот во 79-тата година од животот. Целиот професионален новинарски работен век го помина како дописник на „Нова Македонија“, а еден дел и во редакцијата на весникот „Вечер“.

Ќе останат запаметени неговите записи: „Прилепскиот дневник“, „Во Прилеп се зборува и молчи“, „Засипи од судот“, „Кои се тие што најмногу заработуваат во Прилеп“.

Битола, 19 февруари 2021 (МИА) – Очекуваме конечно решавање на статусот на нашата Македонска православна црква, односно добивање автокефалност од Вселенската патријаршија, изјави за МИА митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар коментирајќи го изборот на досегашниот митрополит загрепско-љубљански Порфириј за нов патријарх на Српската православна црква-СПЦ.

Според митрополитот г. Петар, очекуван бил изборот на Порфириј за патријарх затоа што во епархијата од каде доаѓа како митрополит, односно загребско-љубљанската, покажал сеопшта прифатеност, пред се од клирот на римо-католичката црква и од другите вероисповеди кои постојат во Хрватска и Словенија.

Скопје, 19 февруари (МИА) – Градоначалниците имаат законска обврска по службена должност да контролираат што се гради и навреме да се спречи, потенцира на денешната седница Нури Бајрами, член на ДКСК, по повод предмет за бесправна градба, кој требало да се урне.

– Нема логика да се гради зграда на диво и градоначалникот тоа да не може да го спречи. Тоа е директно кривично дело што градоначалниците ги прекршуваат одредбите од Законот за градење и не преземаат мерки. Ако во случај да следи, да спречува и можеби не успеал да стигне на време, нека објави оглас за фирма, ако не се пријавува двапати согласно Законот за јавни набавки преку договарање, а ако и тоа не може да се случи нека го извести и нека бара од Државниот градежен инспекторат, нека извести други органи. Нема шанса тоа е изговор бидејќи самите градоначалници кога доаѓаат на почеток се растрчуваат да спречат да не градат други, кога почнува притисок од нивни луѓе, условно речено, ќе попуштат, ќе дозволат и после нема да постапуваат. Тврдам морално и под одговорност дека е така. Има исклучоци, рече меѓу другото Бајрами.

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) – Некои од дејностите треба „да се извлечат“ од законското решение за недела неработен ден, а токму работата на трговските и туристичките центри е стратешки приоритет на нашата држава и треба да работат и во недела, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

– Имајќи го предвид трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои се прават во таа дејност и приливот на странски туристи во викендите во нашата држава, а посебно од соседните држави, мислам дека многу внимателно треба се разгледа ова прашање и трговските центри да работат и во недела, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Софија, 19 февруари 2021 (МИА) – Осум невработени лица се борат за едно работно место во Бугарија, покажуваат податоците на Институтот за пазарна економија за односот помеѓу бројот на невработени и бројот на слободни работни места заклучно со 31 јануари 2021 година, објави репортерот на БГНЕС.

„Индикаторот е важен затоа што го зафаќа степенот на конкуренција на локалните пазари на труд и е чувствителен на двата главни фактори – понудата на работни места во канцелариите за вработување и побарувачката од страна на регистрираните невработени“, наведува Институтот.

Париз, 19 февруари 2021 (МИА) – Во писмото упатено до премиерот, пратеници од левото крило на владејачката Република во Марш (ЛРЕМ) потсетуваат дека „вонредната состојба не може да стане правило“ и тие бараат да се укине вонредната состојба, што беше продолжена до 1 јуни, јави дописникот на МИА.

„Сметаме дека вонредната состојба не може да стане правило, освен со нарушување на нашите институции и поткопување на правилното функционирање на нашиот демократски живот…Затоа е наша одговорност да ве предупредиме на она што ни се чини дека претставува вистинска опасност за нашата демократија: преседаните, дури и легитимните, создаваат навики“, предупредуваат тие.

Сиднеј, 19 февруари 2021 (МИА) –  Веб-сообраќајот кон австралиските новински страници опадна за 13 отсто во државата и за 30 отсто од странство откако оваа недела Фејсбук ја блокираше содржината на вестите на својата платформа за австралиските корисници. Информацијата ја објави „Политико“, повикувајќи се на веб-аналитичка компанија „Chartbeat“.

Информациите, собрани од 255 австралиски страници и пренесени од локални медиуми, како што е Еј-Би-Си, го откриваат влијанието на забраната како одговор на предлогот на австралиската влада да ги принуди технолошките компании да им плаќаат на издавачите за нивната содржина.

Кортина д’Ампецо, 19 февруари 2021 (МИА) – Французинот Матие Февр е победник на денешната велеслаломска трка која се возеше во рамките на Светското првенство во алпско скијање.

Февр по првото возење беше четврти, но по второто возење оствари вкупно време 2:37.25 минути, доволни за највисокот место на подиумот.

 

Back to top button
Close
Close