МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 февруари 2021

19 февруари 2021

Скопје – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска две последователни седници ќе одржи Комисијата за здравство.

Единствена точка на дневниот ред на првата седница е Предлог-законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби, по скратена постапка во второ читање.

Скопје –  Република Северна Македонија годинава ќе претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Денеска амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир и министерот за економија Крешник Бектеши, ќе ги презентираат приоритетите за 2021 година за ЦЕФТА под претседателство на земјава.

Преземањето на водството во спроведување на приоритетните активности се планира да се изврши преку спроведување на Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар (ЗРП) 2021-2024, усвоен за време на Самитот во Софија во ноември 2020 година и поддржан од Европската комисија.

Скопје – Со завршни зборови на одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи предметот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“.

Судењето по овој предметот започна на 22 декември 2017 година.

Скопје – Денешната расправа и расправата закажана за 26 февруари 2021 година за предметот „Тортура“ нема да се одржат, информираат од Основен Кривичен суд Скопје.

Оттаму дополнуваат дека сите наредби и покани ќе бидат отповикани со оглед на тоа што дел од обвинетите и нивните бранители се опфатени во предметот „Таргет-тврдина“ закажан за посочените термини и кој е во фаза на завршни зборови.

Скопје – Премиерот Зоран Заев придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Богданци и Струмица ќе учествува на јавни расправи за реформите во средното стручно образование, заедно со градоначалници, претставници на Министерството за образование и наука, директори на средни стручни училишта и претставници на компании.

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, МОН овој месец почна процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година и за дизајнирање на наставните програми и уписните политики според барањата на пазарот на трудот.

Скопје – Наместо три екстерни и еден интерен, средношколците во завршна година ќе полагаат два екстерни и два интерни испита и проектна задача на државната матура, а согласно со постигнатиот договор со Владата, најдоцна до 5 март треба повторно да ги регистрираат испитите што ќе ги полагаат односно имаат можност да ги променат тие што ги пријавиле.

На средбата со премиерот Зоран Заев, Средношколски сојуз договори да имаат два наместо три екстерни испити, со тоа што третиот екстерен испит се симнува на ранг на интерен, заедно со другиот интерен што веќе го имаат за полагање. Наместо од 29 мај, полагањето на државната матура е одложено за една недела и испитната сесија ќе почне од 5 јуни.

Скопје – Во државата има различни ставови од политичките субјекти дали етничката припадност треба да стои во новите лични карти или не. За едни тоа е потребно, за други, пак, не постои такво нешто во светската практика.

Додека претседателот на државата Стево Пендаровски не се согласува етничката припадност да биде во личните карти зашто вели тоа го нема во ниту една демократија во светот, премиерот Зоран Заев смета дека е логично понекогаш да имаат различни ставови со претседателот за некои прашања иако веруваат во исти вредности.

Скопје – МВР најавува посебен режим на сообраќајот на крстосницата помеѓу бул.„Александар Македонски“, ул. „16-та Македонска бригада“ и ул. „Интернационални бригади“.

Како што најавуваат од Министерството, ова следи по најавениот протест во временскиот период од 14 до 17 часот во текот на денешниот ден, како и во понеделник и вторник следната недела.

Скопје – Вакцинацијата во земјава се одвива веќе два дена. Се вакцинира првата група, здравствените работници, со вакцините од Фајзер, донација од Србија. Вакцинацијата се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а интерес за вакцинирање изразиле 70 отсто од здравствените работници.

Интерес за вакцинација има и кај возрасната група граѓани. Податоците објавени од Министерството за здравство  покажуваат дека од 85 179 лица  кои се заинтересирани да примат вакцина, 38 илјади се над 70-годишна возраст.

Загреб –  Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, изјави дека во случај на вонредна состојба, би купил вакцини против коронавирусот „и од чеченската мафија”.

– Сите се измамени, но вакцините повторно доаѓаат сега и мислам дека лекарите по улици ќе бараат луѓе да се вакцинираат. Не мора да го слушаме Брисел за се… Но, ова не е суверенизам туку елементарна должност на државата кон граѓаните. Исто така, би купил вакцини од чеченската мафија, доколку се достапни. Ако станува збор за мои граѓани. Работиш во свој интерес, изјави хрватскиот претседател синоќа за хрватската телевизија Нова.

Белград – Новиот поглавар на Српската православна црква патријархот Порфириј ќе биде востоличен денеска на молитвена свеченост во Соборната црква Св. Архангел Михаил во Белград.

Литургијата ќе почне во 9 часот  и со чинот на востоличување новиот патријарх ги презема сите права и должности штому припаѓаат по каноните и црковниот Устав.

Париз – Франција развива нови нуклеарни подморници од трета генерација што можат да носат балистички ракети. Тие ќе бидат нарачани од француската морнарица во 2036 година. Ова го објави министерката на француските вооружени сили Флоренс Парли во интервју за весникот „Фигаро“.

„Влогот е голем затоа што зборуваме за нуклеарно спречување – огромно достигнување на Франција“, наведува таа.

Киев – Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко го купи украинскиот ТВ канал „Прајамој“, што претходно беше во сопственост на поранешниот шеф на градската администрација во Киев, Владимир Макеенко.

Порошенко истакна дека платил за телевизијата „многу пари што можеле да одат во добротворни цели“.

Париз – Францускиот производител на автомобили „Рено“ забележа рекордна загуба во 2020 година, бидејќи пандемијата на коронавирусот се одрази на нејзините резултати и оваа година ќе тежнее кон неговите перспективи.

Во соопштението на Рено се наведува дека минатата година забележал нето загуба од 8,05 милијарди евра (9,7 милијарди долари), во споредба со добивката од 19 милиони евра во 2019 година.

Рим – На италијанскиот премиер Марио Драги вчера му е изгласана доверба во Долниот дом на Парламентот, со што ја отстрани и последната пречка на патот кон преземање на власта.

Претставничкиот дом му изгласа доверба со големо мнозинство од 535 гласови „за“ и 56 „против“, а крајната десница, односно партијата „Браќа на Италија“ е единствената голема партија која се спротивстави на поранешниот претседател на Европската централна банка.

Вашингтон –  САД се подготвени да преговараат со Иран за двете страни да се вратат на усогласеноста со условите од нуклеарниот договор од 2015 година, што има за цел да го спречи Иран во развој на нуклеарно оружје, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред своите француски и британски колеги, за време на видео конференција.

Блинкен им рекол на министрите за надворешни работи од европската тројка вклучена во договорот, познат како Заеднички сеопфатен план за акција, дека владата на американскиот претседател Џо Бајден ќе се врати на договорот доколку Иран продолжи со целосно почитување.

Вашингтон –  САД се во процес на повторна проценка на пристапот кон Кина, но царините наметнати за кинески стоки од страна на владата на поранешниот претседател Доналд Трамп засега нема да се променат, изјави за телевизијата Си-Ен-Би-Си, американската секретарка за финансии, Џенет Јелен.

– Засега ги одржуваме тарифите што беа воведени од администрацијата на Трамп…и понатаму ќе процениме што сметаме дека е соодветно, изајави министерката, додавајќи дека САД очекуваат Кина да се придржува до своите трговски обврски.

Вашингтон –   Американскиот претседател Џо Бајден ќе вети, за време на самитот на Г-7, дека САД ќе одвојат четири милијарди долари за програмата за дистрибуција на вакцините против Ковид-19, „Ковакс“, соопшти Белата куќа.

Првата транша од две милијарди долари ќе биде исплатена „многу брзо“, изјави висок американски функционер. Втората транша од уште две милијарди американски долари постепено ќе се пренесува во текот на две години, во 2021 и 2022 година.

Лондон –   Видео-самит на седумте најразвиени земји во светот ќе се одржи денеска,во ек на пандемијата на коронавирусот и очекувања дека најбогатите ќе го одржат ветувањето дека вакцините ќе бидат достапни за граѓаните од најсиромашните земји

Со самитот, на кој ќе учествуваат лидерите на Франција, Германија, Италија, Канада, Јапонија и САД, ќе претседава британскиот премиер Борис Џонсон, а на него ќе доминира пандемијата, во која скоро 2,5 милиони луѓето досега ги загубија своите животи.

Киев –  Четириесет и три белоруски службеници добија забрана од САД за влегување на нивна територија затоа што, како што беше најавено во Вашингтон, „ја поткопуваат демократијата во Белорусија“.

Визните ограничувања се однесуваат на високи судски службеници и владини службеници.

Ерусалим – Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рано изутринава соопшти дека е завршена размената на затвореници со Сирија, благодарејќи на посредувањето на Русија.

Целта била во Израел да се врати една негова државјанка, која случајно ја преминала границата со Сирија. Како што се наведува, таа била ослободена неколку часа откако Израел објави дека и ги вратил на Сирија двајцата овчари кои неодамна преминале на израелска територија.

Нион – Во четвртокот, на 18 февруари, беа постигнати 59 гола во 1/16 финалето од Лигата на Европа. Ова е најефикасниот ден од плејоф фазата откако турнирот беше преименуван во 2009 година.

Претходно, второ по квалитет клупско европско натпреварување беше Купот на УЕФА.

Вашингтон – На официјалната веб-страница на НБА денес се објавени имињата на кошаркарите кои ќе бидат дел од стартни петорки на „Ол-стар“ натпреварот.

Западната конференција ќе ја претставуваат Леброн Џејмс (ЛА Лејкерс), Стеф Кари (Голден Стејт), Лука Дончиќ (Далас), Никола Јокиќ (Денвер) и Кавај Ленард (Клиперс).

Лондон – Играчот за врска на Тотенхем, Сон Хеунг Мин, го пофали соиграчот Герет Бејл по натпреварот против Волфсбург во Лигата на Европа (4:1).

-Бејл и јас имаме навистина блиски односи. Мило ми е што доби време за игра и беше во можност да постигне гол и да асистира денес. Навистина уживам да играм со него, изјави Сон.

Скопје – Времето денеска во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен, а во југоисточните делови умерен ветер од југоисточен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Утринската температура ќе се движи од -10 до -2, а дневната од 4 до 14 степени.

Во Скопје, претпладне со слаба магла и ниска облачност, а во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Утринската температура ќе се спушти до -6, а дневната ќе достигне до 8 степени.

Back to top button
Close
Close