МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 февруари 2021

18 февруари 2021 

Скопје  – Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари разговор преку видео-врска со Ситонг Читнхотинх, новоименуван амбасадор на Народна Демократска Република Лаос за Република Северна Македонија, со седиште во Виена, по повод предавањето на акредитивните писма кои, поради пандемијата на Ковид-19, ги достави по писмен пат. 

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја нагласи важноста на промовирање на позитивна агенда за соработка меѓу двете држави, вклучително и во контекст на  регулирање на договорната рамка, притоа реафирмирајќи го интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес во кои постојат многу можности особено во економската сфера, фармацевтската индустрија и во областа на културата. 

Скопје – Членовите на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска без дискусија со осум гласови „за“ и ниту еден против и воздржан го определија коефициентот за утврдување на платата на претседателот и на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Платата на претседателот ќе се пресметува по коефициент 3, а платата на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по коефициент 2.7. 

Претседателот на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата Костадин Костадинов истакна дека ова собраниско тело е надлежно за одредување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот и на членовите на Комисијата согласно Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица. 

Белград – Сите ние во регионот имаме вкрстени истории, интереси и иднина и наш став е дека треба да соработуваме во процесот на европската интеграција и паралелно да ги решаваме отворените прашања, без едното да го условува другото, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за белградска „Политика“, дадено во пресрет на неговата денешна работна посета на Србија. 

Говорејќи за односите со Софија и за бугарската блокада на европскиот пат на земјава, Османи посочува дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија воведе нова динамика во односите, засилен политички дијалог, зголемување на трговијата и проширување на соработката во многу области, како културата, образованието, европската интеграција, одбраната, локалната самоуправа, внатрешните работи. 

Скопје  – За ангажирање на механизација, работници, сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови, оваа сезона ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра, стои во анализата со база на податоци што ја подготви Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на  Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).  

Од ЦГК соопштија дека тендери за оваа намена имале 41 општина и Градот Скопје, шест локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Ова претпријатие има склучено договори за јавни набавки за зимско одржување за сезонава во вредност од 5,7 милиони евра што е две третини од сите пари што ќе се потрошат за оваа намена. 

Скопје – Важно е компаниите, кои покажале позитивни резултати, да ги инвестираат нивните средства за да ги развијат бизнисите, за што следува  дополнителна помош од државата. Со мерката „Кредити со 0 проценти камата за најпогодените сектори“ овие компании ќе имаат можност 30 проценти од кредитната линија да ја трансформираат во грант, доколку ја прошират нивната економска активност или го зголемат бројот на вработени, вели министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Доколку компаниите годинава го прошират својот бизнис за најмалку 10 проценти во споредба со минатата година, како што појаснува, тогаш 30 проценти од кредитот се претвора во грант. Доколку пак го зголемат бројот на вработени за 5 проценти споредено со минатата година, тогаш 50 проценти од кредитната линија станува неповратен,  односно грант, рече Бесими во гостувањето во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат телевизија. 

Скопје – Ќе се отпишуваат каматите на долговите на граѓаните направени до ноември 2020 година, а обврска на граѓаните е да ја платат главнината на долгот. 

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска изјави дека законското решение се подготвува, а граѓаните ќе бидат навремено информирани и повикани поединечно во јавните претпријатија со цел да не се прават гужви и да се заштити нивното здравје. 

Скопје – Повеќе од 12 милиони евра ќе инвестира турската компанија „Пурпласт“ која отвора фабрика во ТИРЗ Скопје 2. Првата фаза од инвестицијата, вредна 5,1 милион евра, предвидува вработувања на 40 – 50 лица со почетна плата од 21.000 денар. Повеќето вработени, околу 90 проценти, ќе бидат со средна стручна спрема, а останите 10 отсто со високо образование. 

Како што беше речено на денешното потпишување на Договорот за државна помош во Владата, „Пурпласт“ е децениски успешен семеен бизнис од областа на автомобилската индустрија кој извезува во 36 земји. 

Скопје –  Велешката компанија „Брако“ ја доби наградата на Стопанската комора на Македонија за иновативност и развој во услови на пандемија за 2020 година. Наградата се доделува за успешното работење на компанијата и за реализираниот инвестициски циклус од 8 милиони евра, кој опфаќа иновативна технологија на CNC-управувачки машини, нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема за лин-производство. 

Една од најзначајните инвестиции од овој циклус е развојот на новиот иновативен модел на еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини од брендот „Грин машинс“ (Green machines), кој од октомври 2019 година е сопственост на „Брако“. Наградата на претседателот на „Брако“ Кочо Анѓушев, му ја врачи претседавачот на Собранието на Комората  Антони Пешев. 

Скопје – СИЗ Македонија Сообракај АМЕРИТ апелира да им се помогне на  возачите од товарниот транспорт кои, како што велат, поради новите мерки со денови се заглавени во Германија на минусни температури чекајќи групирани во стотици да направат тест на одредени пунктови. 

Управителот на СИЗ Македонија Сообракај АМЕРИТ Лефтер Андонов вели дека реагирале кај сите надлежни институции, да заземат единствен став пред Европската Комисија да се изземат возачите од обврската за негативен тест и да не се нарушува меѓународниот товарен транспорт.  

Скопје – Без вода денеска ќе бидат улиците „Крсте Асенов“ 7/2 во Чаир и „Радишанска“ 11 во Радишани, информираат од ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје. 

Како што информираат од претпријатието, прекинот на водоснабдувањето на улицата „Крсте Асенов“ 7/2 е поради дефект на затворач ф-80мм на истата улица и ќе трае до санацијата на дефектот. 

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска ќе имаат дел од корисниците од населба Керамидница. Корисниците ќе бидат без вода од 10:10 часот се до завршување на активностите. 

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради дефект на приклучна цевка ф-2 на улица „512/4 Керамидница“. 

Скопје – Граничниот премин Евзони на македонско-грчката граница, утрово е повторно отворен за секаков вид сообраќај за влез и излез од земјата. 

Министерството за внатрешни работи соопшти дека според информациите добиени од Република Грција граничниот премин кој поради штрајк на грчките цариници беше затворен од вчера од 5 часот, е отворен утринава од 05.30 часот. 

Скопје – Најновиот проект инспириран од фолклорна музика „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески, доби пофалби од американскиот магазин специјализиран за рецензии „Америкен Рекорд Гајд“ и двомесечникот „Фанфер“, специјализиран за класична и џез музика. 

Како што соопштија денеска од КултурОп, во рецензијата на „Америкен Рекорд Гајд“ на читателите им се препорачува овој „амбициозниот проект предводен од пијанистот Симон Трпчески“, појаснувајќи дека самиот наслов „Македонисимо“ значи „мошне македонски“. 

Софија – Вкупно 31 партија и 8 коалиции, доставија документи за учество на парламентарните избори во Бугарија на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија. Ова вчера го објави портпаролот на Централната изборна комисија Тања Цанева по истекот на рокот за прифаќање на документите. 

Изборната кампања во Бугарија ќе почне на 5 март и ќе заврши на 2 април. 

Атина  – Група од околу 60-70 млади лица рано утрово упадна во Министерството за здравство на Грција, фрлија летоци, закачија пано и извикуваа слогани за поддршка на барањата на Димитрис Куфодинас, осудениот терорист од организација „17 ноември“, кој веќе 42 дена штрајкува со глад, јави дописничката на МИА од Атина.  

„Солидарност до борецот Димитрис Куфодинас“ и „Штрајк со глад во ќелиите за достоинство и слобода“, беа дел од слоганите што ги извикуваа откако влегоа во  министерството, а не ги спречија вработените да влезат во објектот за да стигнат на нивните работни места. 

Подгорица –  По одложувањето на дебатата за усвојување на судските закони, на што се спротивстави Демократскиот фронт, кој е дел од владејачката коалиција, специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, изјави дека е среќен што црногорската влада одлучи интеграцијата да стане приоритет. 

– Мило ми е што новата Влада ја стави интеграцијата во ЕУ како свој приоритет. Сега е важно да се претвори она што е во документите во конкретни чекори. Затоа е важно законите да бидат донесени во јавна и конструктивна дискусија и соработка со ЕУ и со Европска комисија , ако е потребно и со Венецијанската комисија, изјави Лајчак за утринската програма на Телевизија Црна Гора. 

Подгорица – Во црногорското Министерство за внатрешни работи е откриена измама од над еден милион евра од донации на ЕУ, изјави потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ. 

Тој на прес-конференција истакна дека станува збор за злоупотреба на донации од ЕУ наменети за набавка на опрема за надзор на морската граница кон Хрватска и Албанија. 

Загреб –   Бразилската мутација на коронавирусот е идентификувана првпат во Хрватска, потврди научниот тим од Лабораторијата за напредна геномика на Институтот „Руѓер Бошковиќ“. 

Според Институтот, од вкупно 50 анализирани примероци собрани во изминатите три месеци, тимот предводен од Оливер Вугрек кај еден примерок пронашол мутација на протеинот каков што постои во бразилскиот вид на коронавирус, односно варијанта Б. 1.1.28. 

Париз – Тројца џихадисти се осудени од Специјалниот суд за кривични дела на Париз со казни од 22 до 30 години затвор, јави дописникот на МИА. 

Осудени се двајца Французи и еден Мароканец и на сите тројца им се судеше за „здружување со цел подготовка на терористички напади“. 

Берлин –  Припадници на специјалните единици на германската полиција упаднаа утрово во повеќе од 25 објекти во Берлин и Бранденбург, како дел од акцијата против криминалниот арапски клан Ремо. 

Кланот е осомничен за трговија со наркотици, што ги чувале во магацин во Бранденбург, ги префрлале во буриња и ги превезувале во Берлин. 

Мадрид – Шпанската полиција се судри со демонстрантите во Мадрид и Барселона, кои протестираа поради апсењето на раперот Пабло Хасел кој е обвинет за навреда на монархијата и поддржување на тероризмот. 

Полицијата во Мадрид употреби солзавец и гумени куршуми. 

Виена – Во касарната Радецки во австрискиот град Хорн 29 припадници на Гардата на австриската армија се заразиле со Ковид-19. 

Гардата „служи“ на претседателот на државата и нејзина задача е да ја претставува Австрија односно да ги пречекува странските државни претставници. 

Берлин –  Германските медиуми ги повикуваат политичарите да се вакцинираат против Ковид-19 и со тоа да ги поттикнат граѓаните бидејќи е видлива  воздржаноста на Германците кон вакцините. 

Билд ја повика канцеларката Ангела Меркел да се вакцинира и со тоа да биде пример за другите. Весникот наведува дека кај Германците пред се постои недоверба во вакцините на АстраЗенека. 

Минск – Белоруски суд денеска осуди две новинарки од телевизијата Белсат на по две години затвор поради снимање протести против претседателот Александар Лукашенко. 

Катерина Бахвалоа (27) и Дарја Хулцова (23) беа приведени во ноември минатата година во стан од каде ги снимаа протестите поради убиство на еден демонстрант. Тој загина претходниот ден на антивладините протести. 

Канбера  –  Профилите на австралиското Биро за метеорологија, на државни здравствени установи, на лидер на опозиција од Западна Австралија, на хуманитарни и други организации, се помеѓу блокираните по забраната на Фејсбук да објавува вести на таа социјална мрежа во Австралија, објави британскиот весник Гардијан. 

Социјалната мрежа дури блокираше и свои профили. 

Перм – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров е задоволен од она што неговите избраниците го одработија во седумдневните подготовки и очекува добар натпревар денес со Италија. 

– По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се „носиме“ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден, изјави Тодоров пред почетокот на „балонот“ во руски Перм. 

Лондон – Поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер изјави дека „топчиите“ можеле да потпишат со напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, кога тој играше за Монако. 

– Бев во неговиот дом кога тој одлучуваше дали ќе го продолжи договорот со Монако. Тој можеше да оди бесплатно во Арсенал. Мислам дека секој клуб е полн со такви приказни. Во Милано, Манчестер, Арсенал, Челзи, има вакви приказни насекаде, изјави Венгер за „beIN Sports“. 

Мелбурн – Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по деветти пат се пласира во финалето на Грен слемот Австралија опен. Тој претпладнево го совлада Русинот Аслан Каратсев со 6:3, 6:4 и 6:2. 

Воедно Србинот има максимален ефект во досегашните девет полуфиналиња во Мелбурн, а во деветте мечеви за трофејот секогаш победувал. 

Скопје –  Следува период на стабилно и сончево време со пораст и на утринските и на дневните температури што ќе предизвика забрзано топење на снежната покривка. Дневните температури до среда ќе достигнат до 18 степени. По одделни котлини можна е појава на утринска магла и ниска облачност. 

Управата за хидрометеоролошки работи за сабота во текот на ноќта кон недела најавува зголемена облачност и слаби врнежи од дожд и снег на планините во источниот дел од државата. 

Back to top button
Close
Close