Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“, продолжува на 22 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството.

На следното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Комисијата за хартии од вредност (КХВ) денеска и наложи на Македонската берза АД Скопје привремено да го прекине тргувањето со акциите издадени од ЗК Пелагонија АД Битола.

Како што соопшти КХВ, тргувањето со акциите од издавачот ЗК Пелагонија АД Битола и другите инволвирани берзански субјекти веќе извесен период се предмет на надзор од страна на КХВ согласно сите закони од нејзина надлежност и за исходот како и досега јавноста ќе биде благовремено известена.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да биде оставена на историчарите. Важен дел од секоја рамка се добрососедските односи. Потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да изградиме здрави добрососедски односи за идните генерации.

Ова денеска го изјави известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Претседателот на државата Стево Пендаровски не се согласува етничката припадност да биде во личните карти. Тоа, вели, го нема во ниту една демократија во светот.

-Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и ако законот биде донесен во регуларна постапка, јас немам многу големи аргументи контра таквиот став за да не потпишам указ. Но, лично не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти. Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Мене не ми пречи, не мислам дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата, ниту дека ќе има негативни последици. Лично не се согласувам, но ако го изгласаат во таков облик, јас ќе го потпишам указот иако не се согласувам тој детаљ да стои во личните карти, вели Пендаровски во интервју за порталот мкд.мк.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Вкупно 53.070 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 24.958 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Софија, 17 февруари 2021 (МИА) – Првпат во својата 14-годишна историја, владејачката партија ГЕРБ достави документи за регистрација како коалиција за парламентарните избори во Бугарија, кои се закажани за 4 април. Ова се случи на последниот ден за регистрација.

Партијата на Бојко Борисов ќе учествува во изборната трка заедно со Унијата на демократски сили, најстарата демократска формација од соборувањето на Тодор Живков во 1989 година, јави дописникот на МИА од Софија.

Брисел, 17 февруари 2021 (МИА) – Триесетина полицајци во Белгија се дијагностицирани позитивни на Ковид-19, од кои кај еден е потврдена бразилската мутација, јави дописничката на МИА од Брисел.

Информацијата ја пренесуваат белгиските медиуми денеска.

Полицаецот кај кого е потврдено дека е инфициран со бразилскиот вид на Ковид-19 се наоѓа во карантин, а се прават испитувања врз триесетте други позитивни полицајци.

Тел Авив, 17 февруари 2021 (МИА) – „Светскиот шампион“ во вакцинација, Израел, почнува контроверзен проект на ковид-беџ, кој со својата боја ќе покаже дали некое лице е вакцинирано или не, со што ќе се овозможи да влегува во ресторани или на концерти.

Владата објави систем на беџови – виолетова за оние кои не се вакцинирани или примиле само една доза и зелена за оние кои примиле втора вакцина или прележале Ковид-19.

Мелбурн, 17 февруари 2021 (МИА) – Грчкиот тенисер Стефанос Циципас попладнево го совлада Шпанецот Рафаел Надал и се пласира во полуфиналето на Грен слемот Австралија опен. Во меч што траеше четири часа и осум минути, Гркот беше пред пораз по првите два сета (3:6 и 2:6), но потоа направи резултатски пресврт 7:6, 6:4 и 7:5 и стигна до триумф со 3-2 во сетови.

Циципас мечот го заврши со 17 аса, Надал со 15. Шпанецот направи две двојни грешки, Гркот ниту една, кај неизнудени грешки билансот е 37:34, додека кај „винерите“ 48:59.

Back to top button
Close
Close