МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 февруари 2021

17 февруари 2021

Скопје – Нема промена на нашите позиции во преговорите со Бугарија – за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. Апелираме да не се влегува во круг на навреди и обвинувања и говор на омраза кои нема да донесат добро за никого, најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ, порача денеска портпаролот на Владата Душко Арсовски.

-Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Република Бугарија. Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација, а министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции. Тоа на некој начин е дополнителен поттик на процесот, рече Арсовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Скопје – Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со вакцинација на „Фајзер“ вакцинирани се докторка и главна медицинска сестра од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а следи и вакцинација на останатите од таа јавна здравствена установа.

– Ја првимив вакцината, се чувствувам добро. Ја препорачувам на сите да ја примат, изјави една од вакцинираните.

Скопје – За сега планот е вакцинацијата да се одвива тука во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот очекува за период од една недела до најмногу 10 дена да се вакцинираат сите здравствени работници.

Скопје – Македонското кредитно биро речиси 13 години  нуди можност на физичките и правни лица брз и точен увид за статусот на долговите и подмирувањето на истите, безбедно деловно опкружување и сигурно чекорење низ процесот на деловното одлучување.

Во соопштението до медиумите, наведуваат дека услугите на МКБ можат да ги користат сите физички и правни лица кои сакаат да имаат личен увид во сопствената задолженост.

Скопје – Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организатори на протестите за случајот „Јавна соба“, денеска на прес-конференција најавија дека на 8 март повторно ќе одржат марш на кој ќе ги изнесат своите очекувања од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство.

Тие бараат итна испорака на конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 март и да покажат дека конечно преземаат мерки и започнуваат со нивна реализација. Очекуваат и кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Скопје – Оваа недела се очекува да биде формирана работната група за измени на Законот за борба против корупцијата по барање на ДКСК за што е веќе задолжен министерот за правда Бојан Маричиќ, а утре пред собраниската Комисија за политички систем ќе се најде Стратегијата за борба против корупцијата која долго време чека да дојде на дневен ред, рече денеска вицепремиерот Љупчо Николовски.

Николовски на прес-конференција во Царинската управа по повод запленетиот тутун што бил нелегално пуштен во промет, уште еднаш порача дека борбата против корупцијата ќе биде бескомпромисна и дека законите ќе важат еднакво за сите. Во ова насока, нагласи, активностите интензивно течат.

Скопје – Членките на Асоцијацијата ИВАП кои се директно вклучени во организацијата на настани не се задоволни од петтиот пакет економски мерки што вчера го презентираше Владата.

Мерката 11 од овој пакет која е наменета токму за овој сектор, според Асоцијацијата, не е воопшто помош, ниту пак може да помогне во надминувањето на сегашната состојба во која се наоѓа оваа индустрија.

Скопје – Подобрено е користењето на дигиталните алатки во реализирање на наставата на далечина во средните училишта во првото полугодие од 2020/2021 за разлика од трите месеци од претходната 2019/2020 откако училиштата беа затворени поради пандемијата. Таков став имаат 67 отсто анкетирани наставници во истражувањето колку е подобрена онлајн-наставата од лани, кое го спроведе Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој-ЛЕАД“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје.

Иван Јованов од ЛЕАД на онлајн-презентирање на резултатите соопшти дека за разлика од претходното истражување за трите месеци лани, во првото полугодие од оваа учебна година е забележливо намалено задоволство од далечинската настава, така што само една третина или 35,9 отсто ја оцениле како многу добра или одлична. Од анкетираните (55 проценти од средношколците  и 87 проценти од наставниците) оцениле дека далечинското учење им одзема уште повеќе време за разлика од второто полугодие лани.

Атина – Поради пад на над 800 дрвја врз кабли на грчката електродистрибуција, според процените во грчките медиуми, околу 250.000 домаќинства во областа Атика, особено во северниот дел, имаат проблеми со струјата, а надлежните утрово рекоа дека до вечер ќе се санираат дефектите во снабдувањето со електрична енергија, јави дописничката на МИА од Атина.

Снегот во Атина што го донесе невремето „Мидија“, полека се топи, но зад себе остави сериозни проблеми кои надлежните од вчера се обидуваат да ги санираат.

Атина – Намерата 50 отсто од трошоците за ПЦР тестовите за туристите чија дестинација е Халкидики да бидат покриени од членовите на Сојузот на хотелиери на Халкидики и на туристичката организација на полуостровот, ја изразува претседателот на двете организации, Григорис Тасиос говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасиос, кој воедно е и претседател на Грчката федерација на хотелиери, вели дека тоа е иницијатива која била спроведена и лани во август.

Атина – Со чартер-лет од грчкиот остров Лезбос, 116 бегалци меѓу кои 30 семејства со деца, заминаа за Хановер, во рамките на договорот меѓу Грција и Германија за релокација на бегалци по катастрофалниот пожар во кампот Мориа, а се спроведува од Министерството за миграција и азил на Грција во соработка со Меѓународната организација за миграција и со финансиска поддршка од Европската комисија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкиот остров за германскиот град заминаа бегалци од Авганистан, Иран и Ирак, а ова е првиот директен лет од Лезбос до земја членка на ЕУ.

Вашингтон – Американскиот Стејт департмен ги предупреди државјаните на САД да не патуваат во Црна Гора поради пандемијата со Ковид-19.

Во предупредувањето, од највисокиот четврти степен, се наведува дека граѓаните кои ќе патуваат во Црна Гора можат да се соочат со затворање на границите и аеродромите, забрана за патување, наредби да не го нашутаат домот, затворање на бизнисите и други вонредни услови поради Ковид-19.

Рим – Вулканот Етна на островот Сицилија повторно еруптираше, исфрлајќи лава и пепел, по вторпат во последните неколку дена.

Локалните власти соопштија дека околните населени места не се загрозени, и оти ја следат ситуацијата.

Њујорк – Германскиот производител на спортска опрема Адидас планира да го продаде или да го издвои од компанијата помалку успешниот бренд Рибок.

Адидас соопшти дека одлучи да почне формален процес со цел дезинвестирање на Рибок во рамките на петгодишната стратегија, што ќе ја претстави на 10 март, кога ќе ги објави деловните резултати за 2020 година.

Брисел – Европската унија ќе почне програма за проучување на мутации на коронавирусот и производство на вакцини од „втора генерација“ против идни мутации, соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Програмата „ХЕРА инкубатор“, што се очекува да почне денеска, ќе ги обедини фармацевтската индустрија, лабораториите, здравствените власти и истражувачите, изјави Фон дер Лајен за францускиот дневен весник Лес Ехос.

Москва – Официјална Москва денеска соопшти дека одбива да издаде виза за кандидатот за шеф на мисијата на НАСА во Русија, бидејќи претходно САД одбиле да издадат виза за руски претставник.

– Во прашање е принцип на реципроцитет, изјави заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рбјаков.

Њујорк – Откако направи една од „најголемите грешки во историјата на банките“, на Ситибанк нема да и биде дозволено да си врати речиси половина милијарда долари случајно префрлени на позајмувачи на Ревлон, пресуди судија на американски окружен суд, јави Си-Ен-Ен.

Ситибанк, што дејствуваше како агент за кредити на Ревлон, планираше да испрати околу 8 милиони американски долари камата до доверителите на компанијата за козметика. Наместо тоа, Ситибанк случајно ја зголеми таа сума речиси 100 пати, додавајќи 175 милиони долари на хеџ фондот. Се на се, Сити случајно испрати 900 милиони долари на кредиторите на Ревлон.

Јангон – Во Мјанмар денеска се одржуваат досега најголемите демонстрации против воениот удар, а протести има во градовите Јангон, Мандалај и Најпидау.

Специјалниот известувач на ОН за ситуацијата во Мјанмар, Том Ендрус предупреди дека кон Јангон патуваат засилувања од војници што може да значи дека постои зголемен ризик од сериозно насилство.

Токио – Јапонија и САД се договорија да го продолжат договорот според кој Токио ќе продолжи да плаќа за одржување на американските бази што се на јапонска територија.

– Во истовреме, Јапонија и САД разговараат за нов договор, изјави шефот на јапонската дипломатија Тошимицу Мотеги.

Вашингтон – Русија претставува закана за сите сојузници на НАТО, но во исто време Вашингтон очекува да работи со Москва, каде што постои заеднички интерес, изјавил на брифинг висок американски воен претставник, јавија американски медиуми.

Според него, американските власти планираат намера да разговараат за темата Русија на видеоконференција на министрите за одбрана на Алијансата, на која ќе присуствува шефот на Пентагон Лојд Остин.

Милвоки – Најдобриот кошаркар на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо, по поразот од Торонто ноќеска на домашен терен 113:124, четврти последователен, изјави дека нема потреба од паника.

– Имам чувство дека сите се во паника, а нема потреба за такво нешто. Треба да продолжиме да се подобруваме, да играме добра кошарка, да гледаме видеа за да ги воочиме грешките и на крајот треба да излеземе и да се бориме. Во НБА нема лесни противници и нема лесни победи. Загубивме четири натпревари по ред, но сè уште не си одиме дома. Сè уште сме тука. Ова не е плејоф. Се разбира, ова е непријатно, ние сакаме да победиме, особено во натпревари како овој. Но, секогаш треба да гледате на светлата страна. Ова не е крај на светот, има уште многу да се игра, рече Адетокумбу за „ESPN.com“.

Скопје – Слаб снег во одредени делови од земјава се очекува уште вечерва и утре претпладне по што ќе следува период на повремено сончево и тивко време со пораст на дневните температури.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека повремено слаб снег ќе има во вечерните и во ноќните часови во северните и во источните делови од државата, како и утре претпладне во крајните североисточни делови. Утринските температури уште во петок ќе бидат до -10 степени.

 

Back to top button
Close
Close