МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 февруари 2021

17 февруари 2021

Скопје – Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи својата 13-та седница.

На дневениот ред на оваа седница преостануваат за разгледување предлозите на законите за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование и кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“.

Скопје – Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по барање на одбраната на Љ.Б. претходно осуден во предметот во јавноста познат како „Кампања“, го уважи барањето за повторно судење на предметот.

– Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата  на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот Јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе се сретне известителот во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е во дводневна посета на земјава.

– Посетата се реализира во пресрет на гласањето за Нацрт-резолуцијата за Република Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент, што ќе биде и централна тема на сите средби. Ќе бидат отворени европските перспективи на земјава, како и севкупните состојби со процесот на проширување на Унијата, информира Министерството за надворешни работи.

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази очекување дека во наредните денови ќе продолжи комуникацијата со бугарската страна и оти ќе се финализира текстот на Акцискиот план, кој е фокусиран на секторската соработка помеѓу линиските министерства. Во исто време, неговата бугарската колешка Екатерина Захариева повтори дека не е точно оти Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, апелирајќи на враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.

Османи нагласи дека е во постојана комуникација со Захариева, како и дека се работи на финализирање на текстот на планот.

Скопје – Министерката за одбрана Радила Шекеринска, денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво – министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска.

Шекеринска заедно со министрите за одбрана на 29-те сојузници во Алијансата ќе разговараат за клучните активности на Алијансата и глобалните предизвици. Воедно, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе ги започнат и подготовките за Самитот на НАТО кој се планира да се одржи до крајот на годинава, соопшти Министерството за одбрана.

Скопје – Дваесет и девет мерки во вредност од 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра содржи петтиот пакет за поддршка на стопанството и граѓаните што го презентираше вчера Владата. Таа е со очекувања дека мерките ќе помогнат за ублажување на ефектите од кризата и за закрепнување на економијата и видливи проценти на раст во втората половина од годината. Наспроти владиниот кабинет, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека новиот пакет мерки е неразвоен и нема да ја даде потребната поддршка на стопанството и граѓаните.

За поддршка на плати во февруари и март 2021 година се обезбедени 1,92 милијарди денари. Ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари.

Скопје – Со вакцинација на двајца здравствени работници, денеска во 10 часот во модуларната болница во Скопје ќе почне процесот на имунизација во земјава. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

За министерот за здравство Венко Филипче, со почетокот на вакцинацијата против Ковид-19 почнува последната фаза во битката со пандемијата.

Скопје – Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАР) и Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска преку платформата ЗУМ ќе ги презенитараат резултатите од анализата „Далечинско учење или далеку од учење? Анализа на спроведувањето на моделот на далечинско учење во средните училишта во учебата 2020/2021 година“.

На презентацијата ќе се обрати официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во земјава Даниел Браун, а наодите и заклучоците од анализата ќе ги презентираат Иван Јованов и Илија Станковски од ЛЕАД.

Загреб – Во Хрватска во следните недели можно е да пристигнат до два милиона дози на руската вакцина „Спутник V“, а се чекаат само регулаторни фактори што мора да се исполнат за да се увезе вакцината, објави порталот Индекс.

Порталот се повикува на извор близок до врвот на владата, кој рече дека деталите за соработката со Русија ги договориле вчера хрватскиот министер за здравство Вили Берош и рускиот амбасадор во Хрватска.

Атина – Земјотрес со интензитет од 5,1 степен беше регистриран утрово во Грција, соопшти Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот бил на 22 км североисточно од Патра, на длабочина од 2 км.
Во моментов нема податоци за жртви или штети.

Тирана – Претседателката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата и заменик министер за здравство, Мира Ракацоли, не ја исклучува можноста за второ затворање на Албанија поради влошената состојба со пандемијата, која во моментов ја оценува за како критична.

-Во предлозите што ги дадовме не го сторивме тоа гледајќи го искуството на другите земји, но во согласност со ситуацијата. Значи, секоја мерка што е донесена во согласност со бројот и епидемилошката анализа. Мерките секогаш биле преземани во согласност со нивото на инфекции и во согласност со она што епидемиолошката наука го сугерира за тие бројки, какви мерки треба да се преземат, изјавила Ракацоли.

Љубљана – Повеќе од стотина таксисти во Љубљана синоќа возеа низ центарот на градот и о свирење протестираа против одлуката на Владата секои 72 часа да се тестираат за коронавирусот.

Нивниот синдикат предупреди дека протестот ќе ескалира доколку Владата не ја повлече одлуката, која за нив е нелогична и претерана, во време кога се укинуваат некои ограничувања против епидемијата.

Париз – Француските локални избори, закажани за март се одложени за јуни поради епидемиолошката состојба во државата. Тоа го одлучи синоќа Сенатот на францускиот Парламент.

Гласањето ќе се одржи на 13 и 20 јуни.

Велингтон – Нов Зеланд ќе го заврши своето 20-годишно воено присуство во Авганистан до мај. Тоа го објави премиерката Џaсинда Ардерн.

Мисијата беше една од најдолгите во историјата на Нов Зеланд. Десет новозеландски војници загинаа во Авганистан.

Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобри продажба на оружје за речиси 200 милиони долари на Египет, но најави притисок врз прашањата за човековите права, откако американски активист спомена случај на вознемирување на неговото семејство.

Вашингтон одобри продажба на 168 тактички ракети на Египет.

Техеран) – Иран и порача на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека значително ќе ја намали соработката во рок од седум дена, стои во извештај на агенцијата наменет за нејзините членови.

Во изминатите неколку месеци, Иран го забрза кршењето на договорот постигнат во 2015 година со светските сили, кој предвидуваше ограничување на иранскиот нуклеарен договор во замена за укинување на санкциите против Иран.

 Далас – Најмалку 21 човек го загуби животот поради снежно невреме во САД додека милиони се без струја во централниот и јужниот дел на државата.

Најголемите проблеми со снабдувањето со електрична енергија има во Тексас, каде повеќе од четири милиони домаќинства и деловни активности се без електрична енергија. На други места повеќе од 250.000 луѓе, исто така, немаат пристап до електрична енергија. Четири милиони луѓе се без електрична енергија и во Мексико. Други 250.000 луѓе се без електрична енергија по ледената бура во северозападен Орегон.

Берлин – Претседателот на Светската медицинска асоцијација, Франк Улрих Монтгомери, смета дека медицинскиот персонал не треба да се вакцинира со вакцината на АстраЗенека.

Монтгомери за германскиот дневен весник „Рајнише пост“ изјави дека вакцината е безбедна како и другите вакцини, но нејзината помала ефикасност не може да се игнорира.

Женева – Високозаразната мутација на Ковид-19 што се појави во Велика Британија во септември, минатата недела е откриена во уште осум земји, со што вкупниот број на земји кои пријавија британска мутација е 94, соопшти Светската здравствена организација.

Кога станува збор за јужноафриканскиот сој, тој е регистриран во уште две земји, така што бројот на земји што го откриле 501Y.V2 на нивна територија сега е 46.

Барселона – Напаѓачот на Барселона, Антоан Гризман, е многу разочаран по поразот од Пари Сен-Жермен. Каталонците синоќа загубија на домашен терен со 4:1 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите и се пред елиминација.

– ПСЖ одигра одличен натпревар. И ние имавме шанси, но не реагиравме на најдобар начин. Ова дефинитивно не е впечаток што сакавме да го оставиме. Барселона требаше да одигра скоро совршен натпревар, но тоа не се случи. Ќе биде тешко да се постигнат четири гола на реваншот во Париз, изјави Гризман за „Sport.es“.

Мелбурн – Руските тенисери Данил Медведев и Аслан Каратсев се пласираа во полуфиналето на Австралија опен. Првпат во историјата на Грен слемот, има двајца Руси помеѓу четворицата најдобри.

Во четвртфиналето Медведев го совлада сонародникот Андреј Рубљев со 3:0, додека Каратсев се покажа како посилен од Григор Димитров (Бугарија) со 3:1.

Париз – Фудбалерот на Пари Сен-Жермен, Килјан Мбапе, го престигна поранешниот играч за врска на Реал Мадрид и Јувентус, Зинедин Зидан, по бројот на постигнати голови во плејофот во Лигата на шампионите, објави прес-службата на УЕФА.

Благодарение на хет-трикот синоќа на првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите против Барселона (4:1), 22-годишниот Мбапе заврши на третото место меѓу француските фудбалери по број на голови во нокаут фазата.

Скопје – Времето во земјава изутринава ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со појава на слаба магла. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Во вечерните и ноќните часови облачноста ќе се зголеми и во североисточните делови ќе има повремен слаб снег.

Утринската температура ќе се движи од -16 до -7, а дневната од -2 до 6 степени. Во делови од Пелагонија утринската температура ќе биде околу -20, а максималната околу -7 степени. Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност, во утринските часови со слаба магла. Утринската температура ќе се спушти до -13, а дневната ќе достигне до нула степени.

Back to top button
Close
Close