МИА ФлешПакети

МИА Флеш

3 февруари 2021 

3 февруари 2021 

Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) – Математичко-информатичката гимназија во Скопје од „УНИ Банка“ доби донација од 50 компјутери за подобрување на условите за настава во новото државно средно училиште, каде што се едуцираат ученици талентирани за математика, информатика и физика.

Министерката Мила Царовска и директорката на гимназијата Јулија Гајдаџиева му се заблагодарија на извршниот директор на „УНИ Банка“, Владислав Хаџидинев при денешната посета на МИГ, каде што беше промовирана опремената училница.

Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) – Во Собранието денеска почна расправата по интерпелацијата за работата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата истакна дека очекува таа да биде прифатена поради, како што рече, тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство.

Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) – Со вкупен буџет од 3,2 милиони евра  обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2 на Европската унија, Владата започнува со реализација на проекти за домување на Ромите со кои се очекува да се подобрат условите за живеење на овие граѓани.

Проектите ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево. Со нив ќе се опфати легализација на ромските домови, ќе се подобри инфраструктурата во ромските населби, ќе се изградат нови живеалишта за Ромите, но исто така проектите вклучуваат и вработување на младите Роми и поддршка на учениците Роми со туторство.

Атина, 3 февруари 2021 (МИА) – Во последните две седмици од јануари сообраќајот во Атина бил на исто ниво како и лани за истиот период, иако оваа година во сила се посебни рестриктивни мерки, покажуваат податоците од Центарот за управување со сообраќај на периферијата Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

Врз основа на податоците од 1.000 мерни точки на главните патишта и булевари во областа Атика, во последната седмица од јануари, односно во периодот кога се отворија продавниците, сообраќајот бил за 0,5 отсто поголем од лани, додека пак меѓу четвртата и третата седмица има зголемување на сообраќајот за 0,3 проценти.

Загреб, 3 февруари 2021 (МИА) – Нема простор за олеснување на епидемиолошките мерки, изјави денеска министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош и ги повика граѓаните да бидат трпеливи.

– Здравјето е на прво место и без тоа, се паѓа во вода. Не смееме да бидеме нестрпливи и да направиме погрешен потег. Сите сме сведоци на она што може да се случи на краток рок, нагласи Берош на прес-конференција на Националниот штаб.

Киев, 3 февруари 2021 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски со декрет забрани три опозициски информативни телевизиски канали.

Забраната опфаќа одземање на дозволите за радиодифузија, ТВ фреквенциите и блокирање на сметките во почетен период од пет години, соопшти денеска претседателскиот кабинет.

Мадрид, 3 февруари 2021 (МИА) – Бројот на странски туристи кои ја посетиле Шпанија во 2020 година падна за повеќе од 80 проценти, односно на 19 милиони туристи. Официјалните податоци покажуваат дека бројот на странски туристи одговара на нивото од 1969 година.

Туристичките пристигнувања паднаа за 85 проценти на годишно ниво во декември откако властите воведоа нови ограничувања поради коронавирусот. Туристите потрошиле 86,1 процент помалку во декември во споредба со истиот месец во 2019 година, според ИНЕ. Во 2020 година, туристите потрошиле 19,7 милијарди евра, што е за 78,5 отсто помалку.

Москва, 3 февруари 2021 (МИА) – Повеќе од 10.000 лица се приведени за време на протестите во Русија за поддршка на опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави групата за набљудување на политичкиот прогон ОВД-Инфо.

Стотици излегоа на улиците на Москва во вторникот вечерта откако судот го осуди 44-годишниот Навални на повеќе од две години затвор под обвинение за злоупотреби.

Копенхаген, 3 февруари 2021 (МИА) – Данската Влада денеска соопшти дека ги здружува силите со бизнисите за да развијат дигитален пасош што ќе покажува дали луѓето се вакцинирани против коронавирус, што би им дозволило да патуваат, а воедно ќе помогне да се намалат ограничувањата во јавниот живот.

Во блиска иднина, граѓаните на Данска ќе добијат официјален документ со кој се докажува дека се вакцинирани против Ковид-19.

Back to top button
Close
Close