МИА ФлешПакети

МИА Флеш

2 февруари 2021

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Единствен проблем што се уште не можат да се пререгистрираат возилата со странски таблици кои се возат низ државава беше донесувањето на правилникот за Поединечно одобрување на возила кој е веќе донесен. Убеден сум дека денеска или утре ќе биде објавен во Службен весник и ќе стапи на сила, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Во законското решение кое го усвоивме предвидено е Законот да стапи на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник. Токму во одредени членови од Законот е предвидено да се донесат соодветни правилници, а вчера Министерството за економија го донесе правилникот за Поединечно одобрување на возилата. Сега Бирото за меторологија и другите институции  како што е Царинската управа може слободно да почнат со регистрација на возилата кои се предвидени со последното законско решение, рече Бектеши во одговор на прашање по посетата на скопската компанија Раде Кончар ТЕП.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Министрите за финансии, за труд и социјална политика и за образование и наука, Фатмир Бесими, Јагода Шахпаска и Мила Царовска, како и претставници од канцеларијата на претседателот на Владата и од Министерството за здравство одржаа онлајн состанок со директорот на Светска банка за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи и експертски тим на Светската банка.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се дискутираше за начинот на отпочнување на „Стратегија за развој на човечкиот капитал“, како еден од приоритетите на Владата, особено во пост ковид периодот. Беше истакнато дека човечкиот капитал е исклучително важен за секоја земја и вложувањето во истиот треба да биде одговорност за секоја Влада, но и пошироко, да постои општоприфатен консензус за структурните реформи во оваа област.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Очекуваме февруари да биде клучен за реализација на мерките од петтиот пакет економски мерки и им порачувам на пратениците во Собранието да ја усвојат грантната шема за да може да се спроведат, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Убеден сум дека наредните законски решенија кои ќе произлегуваат од петтиот сет на економските мерки ќе бидат поддржани и од страна на опозицијата, бидејќи јавно кажуваат дека се за поддршка на граѓаните и на стопанството во целина, изјави Бектеши во одговор на прашање по денешната посета на скопската компанија Раде Кончар ТЕП.

Скопје, 2 февруари 2021  (МИА) – Организаторот на протестот за поддршка на обвинетите од случајот „Монструм“, Блерим Ахмеди е повикан на службен разговор во полициската станица Бит пазар, информираат од Министерството за внатрешни работи за МИА.

Распитот е договорен за денеска во 12:00 часот.

Имено, во МВР беше пријавено дека ќе се одржи мирен протест за случајот „Монструм“, но демонстрациите завршија со инциденти.

Белград, 2 февруари 2021 (МИА) – Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, по разговорот со претседателот на Комитетот за надворешна политика на ЕП, Дејвид Мекалистер, изјави дека меѓупартискиот дијалог во Србија ќе продолжи во март, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ кажа дека со Мекалистер е постигнат принципиелен договор за продолжување на дијалогот и дека во следните десет дена ќе бидат договорени темите, начинот на работа и форматот.

Атина, 2 февруари 2021 (МИА) – За девет месеци рестриктивни мерки во Грција и два карантини, процените, според грчкиот весник „Катимерини“ се дека малопродажбата загубила околу четири милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот пишува дека според податоците од Службата за статистика, во првите девет месеци од 2020 година загубата е над три милијарди евра, но објаснува дека ако се одземе профитот на супермаркетите кои имаа зголемување од 10 отсто во споредба со лани, тогаш штетата за малопродажбата е многу поголема и над четири милијарди евра.

Софија, 2 февруари 2021 (МИА) – Палестинскиот претседател Махмуд Абас му додели највисок орден на палестинските власти – Големата Ѕвезда на Ерусалим на поранешниот специјален координатор на ОН за решавање на израелско-палестинскиот конфликт и поранешен министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Младенов.

– Му благодарам на него и на сите со кои работевме последните години за оваа голема чест. Шест години имавме одлични моменти на соработка, имавме и сериозни разлики, но секогаш ги надминувавме пречките во име на мирот, напиша Младенов на Фејсбук.

Техеран, 2 февруари 2021 (МИА) – Иранскиот министер за надворешни работи предложи Европската унија да посредува меѓу Иран и САД за зачувување на нуклеарниот договор, јави Си Ен Ен.

„Можно е да се најде механизам“ двете земји да се вратат во рамките на договорот, изјави Мохамад Џавад Зариф за Си-ен-ен Интернешнл.

Кабул, 2 февруари 2021 (МИА) – Во серијата експлозии денеска во Авганистан, најмалку три лица загинаа, а седуммина се повредени, соопшти полицијата.

Првата експлозија во Кабул погоди џип, при што загинаа две лица, вклучувајќи го и Мохамад Атиф, шеф на невладината организација Џамиат-и-Ислах, соопшти полицијата во авганистанскиот главен град.
Во уште две експлозии во главниот град, во кои беа погодени силите кои се борат против дилери на дрога, но и едно цивилно возило, повредени се неколку лица.

Џакарта, 2 февруари 2021 (МИА) – Вулканот Семеру во провинцијата Источна Јава во Индонезија денеска исфрли вреа пепел и други материјали на два километра по нејзините падини, изјави официјален претставник, пренесува ДПА.

Нема извештаи за жртви како резултат на ерупцијата, изјави Ваван Хади Сисвојо, официјален претставник на локалната агенција за цивилна заштита.

– Врнеше пепел, рече тој.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close