МИА ФлешПакети

МИА Флеш

2 февруари 2021

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Вицепремиерот  за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе ја посетат компанијата „Раде Кончар ТЕП“.

Министрите ќе имаат состанок со раководниот тим на компанијата и ќе се запознаат со производниот процес.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Услови за увоз на вакцини за Ковид-19 во земјава се овозможуваат со дополнетиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, што вчера беше усвоен со консензус во Собранието.

Во Законот, поддржан и од опозициските пратеници, се прецизира дека за ставање вакцина за SАRS COV 2 во промет, покрај претходно предвидените правни лица, барањето може да го поднесе и производител на лекови со регистрирано седиште надвор од територијата на државава, правен застапник на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на државава,  подружница на странски производител со регистрирано седиште надвор од земјава и  трговско претставништво на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на земјава.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Интензивно течат разговорите за новиот, петти антикризен пакет мерки што треба да обезбеди финансиска поддршка за граѓаните и стопанството. Отворена е широка дебата во која се вклучени синдикатите, коморите, работодавачите. Даваат предлози, сугестии и мислења кои би се разгледале од страна на Владата со цел поефективна распределба на државната помош.

Според најавите, угостителството, транспортот, туризмот, тутунарите и медиумите ќе бидат во фокусот на петиот сет мерки, како директно најпогодени сектори на кои им е неопходна помош.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе одржи продолженија на две седници, на 28-та и на 29-та седница.

На продолжението на 28-та седница преостанати се неколку предлог закони од областа на економијата – изменувања и дополнувања на Законот за даночна постапка, на Законот за регистрирање на готовински плаќања и на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри – сите во прво читање. На дневен ред на седницата е и Предлогот на закон за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби, кој се носи по скратена постапка.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Амбасадорот на Чешката Република во земјава Мирослав Томан денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информират од собраниската прес-служба, амбасадорот Томан ќе се сретне со претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Чешката Република, Ненад Коциќ.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) годинава за инвестиции, отплата на кредити и трошоци планира средства во вкупен износ од 23.011.500.000 денари, покажува Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 на ЈПДП, објавена на веб страницата на државното претпријатие

Инвестициската програма на ЈПДП изнесува 16.010.500.000 денари.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Времето денеска ќе биде умерено до значително облачно, понекаде со сончеви периоди, а на места со слаб дожд особено во планинските региони. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде умерено до значително облачно со слаб претежно јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 13 степени.

Атина, 2 февруари 2021 (МИА) – Од вчера, во државниот сектор во Грција повеќе нема да се користи пластика за една употреба, додека пак од јули, ќе се воведе во целата земја, согласно законот изгласан минатата година, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, државниот сектор повеќе не смее да набавува пластични производи за еднократна употреба како што се прибор за јадење, чинии, сламки, чаши, производи од стиропор, кутии за храна од стиропор, стапчиња за уши, капаци за чаши итн.

Берлин, 2 февруари 2021 (МИА) – Германската канцеларка Ангела Меркел застана во одбрана на својата Влада од критиките дека вакцинацијата во земјата е забавена, истакнувајќи дека постоела добра причина за умереното темпо на Европа во споредба со другите региони.

Барајќи трпение од јавноста, Меркел го задржа ветувањето на својата Влада дека ќе им овозможи вакцинација против Ковид-19 на сите возрасни Германци до крајот на третиот квартал оваа година.

Њујорк, 2 февруари 2021 (МИА) – Обединетите нации стравуваат дека државниот удар извршен во Мјанмар ќе влијае на влошување на ситуацијата за стотици илјади луѓе од муслиманската заедница Рохинџи, кои живеат во северниот дел на оваа држава.

– Околу 600.000 Рохинџи останаа да живеат во таа држава, вклучувајќи ги и оние 120.000 кои се затворени во кампови, не можат слободно да се движат и ограничен им е пристапот до основните здравствени и образовни потреби. Стравуваме дека актуелните случувања би можеле да предизвикаат влошување на ситуацијата за нив, истакна портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.

Бразилија, 2 февруари 2021 (МИА) – Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро изјави дека клиничките испитувања на руската вакцина „Спутник V“ против коронавирусот покажале дека таа е 100 проценти ефикасна.

Во интервју емитувано на неговиот профил на Твитер, Мадуро изјави дека не се забележани сериозни компликации по вакцинирањето со „Спутник V“, која е регистрирана во Венецуела.

 

Back to top button
Close
Close