МИА ФлешПакети

МИА Флеш

1 февруари 2021

Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) – Со сослушување сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, предложени од одбраната на Спиро Ристовски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) – Новоизбраниот народен правобранител Насер Зибери денеска ќе даде свечена изјава пред претседателот на Собранието Талат Џафери. 

Зибери беше избран за омбудсман на седницата на Собранието на Република Северна Македонија на 25 јануари годинава.

Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) – Mинистерката за образование и наука Мила Царовска денеска ќе учествува на консултативни состаноци со претставници од компаниите, локалните самоуправи и средните стручни училишта во Свети Николе и Штип.

Состаноците се дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“ чија основна цел е да се идентификува потребата од отворање на одредени профили и паралеки, во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната година. Со унапредување на стручното образование ќе може да се одговори на потребите на реалниот сектор со соодветен стручен кадар, но и да се овозможи поголема вработливост на младите, соопшти МОН.

Берлин, 1 февруари 2021 (МИА) – Германската авиокомпанија „Луфтханза“ вчера тргна на најдолгиот лет без застанување во својата историја, од Хамбург до Фокландските Острови, што е лет долг 13.700 километри.

Овој лет би требало да трае 15 часа и 35 минути, истакна портпарол на авиокомпанијата.

На летот во воената база Маунт Плезант се наоѓаат истражувачи од германскиот Институт „Алфред Вегенер“ и новиот екипаж на германскиот истражувачки мразокршач, Поларстерн.

Атина, 1 февруари 2021 (МИА) – Околу осум часот утрово по локално време, во морскиот дел во близина на грчкиот остров Лезбос беше регистриран земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтерова скала, а една минути подоцна уште еден од 4,8 степени, според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Во период од час и половина, во морскиот дел на 46 километри југозападно од Лезбос биле регистрирани шест земјотреси меѓу 2,9 и 4,9 степени.

Париз, 1 февруари 2021 (МИА) – Франција ја повика Германија да се откаже од големиот проект за гасовод со Русија во знак на протест поради апсењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во Москва.

– Отсекогаш сме велеле дека имаме најголеми сомнежи во врска со овој проект, истакна францускиот министер за европски прашања Клемент Бон, мислејќи на Северен поток 2.

Брисел, 1 февруари 2021 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ја осуди денеска воената интервенција и преземањето на власта во Мјанмар, барајќи да се ослободат оние кои војската ги уапсила во извршените рации низ земјата.

– Исходот од изборите мора да се почитува и демократскиот процес треба да се однови, напиша Мишел на Твитер.

Никозија, 1 февруари 2021 (МИА) – По карантинот и полицискиот час воведени на 10 јануари, од денеска на Кипар започнува постепеното ублажување на мерките со отворање на берберниците, фризерските и козметичките салони и зголемување од 25 на 50 отсто на бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, и понатаму во сила е полицискиот час од 21 до пет часот наутро, како и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.

Јангон, 1 февруари 2021 (МИА) – Премиерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, која е уапсена денеска, го повика населението да „не го прифаќа“ воениот преврат, се наведува во писмото кое го објави нејзината партија на социјалните медиуми.

Лидерот на Националната лига за демократија, Вин Хтеин напиша на Фејсбук дека шефицата на Владата, Аунг Сан Су Чи „ја оставила оваа порака до народот“.

Њујорк, 1 февруари 2021 (МИА) – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш најостро ја осуди воената акција и апсењето на премиерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи и други политички лидери, повикувајќи го военото раководство да ја почитува волјата на народот изразена на последните избори.

– Овие случувања претставуваат сериозен удар врз демократските реформи во Мјанмар. Сите релевантни лидери во државата треба веднаш да започнат дијалог и да се воздржат од какво било насилство, целосно почитувајќи ги човековите права и основните слободи, истакна портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close