МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 јануари 2021

Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) – Повеќе од 14 илјади ученици пријавија државна матура, што укажува дека тие сакаат да полагаат државна матура, рече денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека Министерството и Владата имаат законска обврска да ја организираат, со цел да им го остварат на учениците законски гарантираното право да полагаат матура.

Царовска истакна дека се помал е бројот на ученици кои се приклучуваат на бојкотот и повторно апелираше до родителите, наставниците и училиштата да внимаваат на ученциите, кои се под притисок да се приклучуваат на бојкотот.

Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) – Национален регистар на вистински сопственици е во функција од денеска, со што и Централниот регистар се вклучува во борбата  против  против перењето пари и финансирањето тероризам.

Постоечките субјекти имаат рок од 90 дена да ги  внесат потребните податоци во регистарот, а потоа секоја промена на структурата на вистински сопственции се пријавува во рок од осум дена. Новооснованите субјекти, пак, ќе имат рок од осум дена да ги запишат вистинските сопственици. Во спротивно,  како што најавија надлежените институции, ќе се соочат со финансиски проблеми.  Уписите извршени во законските  рокови се бесплатни.

Скопје,  27 јануари 2021 (МИА) – Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 320 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот,  соопшти Министерството за здравство.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 20 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19, а во болницата во Штип се хоспитализирани 35 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 16 болни, а во Куманово 45 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 20, во ковид-центарот во Гостивар 17, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани четири, во Кичево 12, Кавадарци 16, во Гевгелија две лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на коронавирусот.

Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) – Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на првото овогодишно редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, во формат на началници на Генералштабови на Армиите на земјите членки на Алијансата.

Од Генералштабот информираат дека за време на состанокот на највисокото воено советодавно тело на Алијансата, началниците на Генералштабовите на Армиите на 30-те земји членки ќе разговараат за повеќе актуелни теми, кои се однесуваат на одбранбените политики и мировните операции предводени од НАТО, концептот за понатамошно дејствување на Алијансата како и дискусија за сегашните, идните предизвици и научените лекции поврзани со пандемијата предизвикана од „Ковид- 19“.

Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) – Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби одржа работен состанок со амбасадорот на Република Косово Ѓерѓ Дедај.

За време на состанокот тие разговарале за актуелните теми во земјата и за важни настани што се во интерес на Република Северна Македонија и Република Косово.

Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) – Холокаустот да не се повтори никогаш и никому повеќе. Сеќавањето на него и на шесте милиони Евреи кои биле жртви, како и на преживеаните е обврска, но и потсетник за човештвото каде може да води говорот на омраза, нетолеранцијата, дискриминацијата и колку малку е потребно да се уништи еден цел народ. Тоа е опомена човештвото да разбере дека Европа каква што ја познаваме сега не треба да се зема здраво за готово, туку дека треба сите да ја заштитиме, борејќи се за она што е важно за нас и во што веруваме, борејќи се и против националистичките тенденции, бранејќи ја толеранцијата и разбирањето.

Ова се дел од пораките на учесниците на комеморативното одбележување по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, што се одржа денеска онлајн во организација на Министерството за надворешни работи.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Владата јавно да ги објави податоците за искористеноста на средствата од финансиската помош во угостителството, како по број на субјекти, така и во апсолутни суми, бара Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Според Комората, само така може да се добие реална слика за димензијата на поддршката која се дава и за очекувањата во наредниот период.

Тирана, 27 јануари 2021 (МИА) – Познатиот албански инфектолог и заменик директор на Институт за јавно здравје, Дритан Улќинаку, потврди дека во земјата циркулира мутација на коронавирус, но оти сè уште не е прецизно идентификувана.

-Тоа е коронавирус, но различен од коронавирусот што циркулираше досега во нашата земја. Но, се уште не сме во можност да кажеме дали е од Бразил, или од Јужна Африка или Англија. Имаме капацитет, сè уште не сме ја достигнале последната фаза, но сме на пат за целосна идентификација на овој вирус, изјави Улќинаку за Еуроњуз Албанија.

Брисел, 27 јануари 2021 (МИА) – Еврократите, поборниците за слободната трговија, сакаат да го избегнат протекционизмот, но се соочуваат со силни политички ветрови, пишува бриселски „Политико“, додавајќи дека Европа има три дена да одлучи колку ќе биде тешка глобалната борба за ограничување на извозот на вакцини.

Лути што ќе им пропаднат испораките на вакцини од англо-шведскиот фармацевтски гигант „АстраЗенека“, европските власти најавуваат можност за ограничен извоз на вакцини против коронавирусот произведени во ЕУ, додека Брисел ветува механизам „до крајот на неделава“, но прашањето е како тој механизам ќе функционира.

Лондон, 27 јануари 2021 (МИА) – Производителот на вакцини АстраЗенека одби да се сретне со највисоките претставници на ЕУ за да разговара за проблемите со производството на вакцини против коронавирус.

Средбата беше откажана по експлозивното интервју на извршниот директор на „АстраЗенека“, Паскал Сорао, кој рече дека компанијата нема договорна обврска, но се согласила „да даде се од себе“ и да ја снабди ЕУ со својата вакцина.

 

 

Back to top button
Close
Close