МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 јануари 2021

Брисел, 26 јануари 2021 (МИА) – Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и очекувањата во периодот што претстои, беа главни теми на денешната средба во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбат едногласен беше заклучено дека Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија, при што беше потенцирано дека земјата е успешна европска приказна во регионот, а со тоа и пример за другите држави од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја.

Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) –  Поради интензивни врнежи од снег воведена е забрана за движење на тешки моторни возила на планинскиот премин Стража, информира ЈП „Македонија пат“.

„Македонија пат“ апелира да се употребува задолжителна зимска опрема за лесни моторни возила и автобуси на овој патен правец.

Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) – На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери со новоименуваниот амбасадор на Државата Катар, Јасим Бин Хамад Ал-Тани, биле разменети мислења за досегашната и идна соработка меѓу двете земји, особено на планот на унапредување и интензивирање на билатералната комуникација на сите нивоа, со посебен акцент на економската и трговската соработка.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, претседателот на Собранието изрази надеж дека соработката и односите меѓу двете страни ќе се продлабочуваат во наредниот период, особено економската соработка и во тој контекст, упати апел до бизнис заедницата како и до стопанските комори на двете земји да продолжат со интензивната комуникација и во понатамошниот период.

Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) – Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорот на Холандија во земјава Дирк Јан Коп, на која изрази благодарност за холандската поддршка на политиката на проширување на ЕУ, како и за силната поддршка на земјава во процесот на спроведувањето на реформите.

Џафери, како што соопшти собраниската Прес-служба, изрази жалење што во текот на германското претседателство со Европската Унија не беа надминати разликите со Бугарија и со тоа не беше отворен патот до првата меѓувладина конференција.

Белград, 26 јануари 2021 (МИА) – Граничната фитосанитарна инспекција на Србија врати пратка од 17,8 тони сусам од Индија, поради присуството на етилен оксид во количина поголема од дозволеното, соопшти денеска Министерството за земјоделство за Танјуг.

За предметната пратка донесена е одлука за забрана за увоз и во тек е постапката за враќање на сусамот на добавувачот.

Брисел, 26 јануари 2021 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ инвестирала милијарди евра во развој и производство на вакцини против Ковид-19 и дека сега со право очекува фармацевтските компании да го исполнат својот дел од обврските кон Европа.

– Сега компаниите треба да го испорачаат својот дел од работата и да ги исполнат своите обврски. Затоа воспоставуваме механизам за транспарентност при извозот на вакцини. Европа е решена да придонесе за глобалното добро, но ние, исто така, бараме да се почитуваат договорите, рече Фон дер Лајен во видео порака објавена на нејзиниот профил на Твитер.

Луксембург, 26 јануари 2021 (МИА) – Нов шеф на регионалното претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан е Алесандро Брагонзи, кој ја наследи функцијата од Дубравка Негре, чиј мандат заврши кон средината на овој месец.

Брагонзи е вработен во ЕИБ веќе 11 години, а на новата функција е поставен од Банката на ЕУ.

Вашингтон, 26 јануари 2021 (МИА) – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми прогнозата на глобалниот раст  за 2021 година за 0,3 проценти, на 5,5 отсто, изјави главната економистка на ММФ, Гита Гопинат при претставувањето на јануарскиот извештај „Светски екононски изгледи 2021“.

Таа наведе дека е сменета проекцијата на овогодинешниот раст во однос на октомври минатата година поради очекуваното зголемување на деловните активности во текот на годината, по вакцинацијата против Ковид-19, како и поради дополнителните пакети за поддршка на економијата и граѓаните во неколку големи економии.

Манчестер, 26 јануари 2021 (МИА) – Голманот на Манчестер јунајтед, Давид Де Хеа изјави дека се обидува да покаже лидерски квалитети на натпреварите на „црвените ѓаволи“.

– Се обидувам да го водам тимот и да бидам лидер. Младите момци може да ме погледнат и да помислат дека сум тука толку долго, играв многу натпревари. Мислам дека најважно е да се демонстрира искуството стекнато на теренот, обидувајќи се да му помогнам на тимот. Се обидувам да направам тешки одбрани и да тренирам напорно. Работата на тренинзите е многу важна, дава многу. Имам искуство за освојување големи титули во клубот. Јас сум запознат со ова чувство. Оваа година имаме можност да го земеме трофејот, истакна Де Хеа.

Back to top button
Close
Close