МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 јануари 2021

Прилеп, 22 јануари 2021 (МИА) – Во прилепско-пелагонискиот регион за пет дена се пријавени околу 2 200 тони вишок тутун што треба дополнително да се преземе од договорените количини, информираат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.

Интересот е голем и се очекуваат до крајниот рок, 5 февруари, да се пријават уште околу 1000 тони вишок.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Опозициската ВМРО-ДПМНЕ чека законот за попис да излезе во Службен весник да почнат со собирање потписи од граѓаните со кои ќе побараат во Парламентот да се укине донесениот Закон за попис.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски денеска во интервју за ТВ Алфа рече дека најпрвин пратеничката група ќе ги депонира своите потписи, но ги повика и сите оние кои сметаат дека оваа операција е политичка, а не статистичка да се потпишат на иницијативата.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Нема план Б, целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Оптимист сум. Сега следува усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори, изјави амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир во интервју за МИА.

– Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред, подвлече Гир.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Во рамки на официјалната посета на Подгорица и состанокот со својот црногорски колега, Ѓорѓе Радуловиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средби со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, првуит човек на црногорскиот Парламент, Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ, и со заменик-претседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.

Како што информира МНР, на средбите беа нагласени блиските и партнерски односи меѓу двете земји, за кои беше потенцирано дека се без отворени прашања и, според  соговорниците,  овие политички односи треба да бидат поттик за богата и плодна економска соработка, за што постои интерес и потреба. МНР посочува дека акцент беше ставен и на соработката на двете земји сојузници во рамките на евроатлантските механизми за соработка и особено во процесот на интеграцијата во Европската Унија.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – На денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ во Основниот кривичен суд во Скопје, Обвинителството и одбраната изнесоа предлози за дополнителни докази кои произлегуваат од главната расправа, кои Судот ги прифати.

Одбраната предложи како дополнителен доказ вештакот Ѕвонко Кочовски да даде вештачење колкава е вредноста на системот за следење на комуникации на денот на неговото уништување.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Заокружен е трансферот на административните службеници вработени преку програмата К-5 во Министерството за политички систем, така што 1.349-те службеници, претежно економисти и правници, но и кадар со средно образование, се распределуваат во 237 институции, органи на државната и локалната самоуправа и други државни органи.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем во Владата Артан Груби на денешната прес-конфереција соопшти дека листата на лица кои не беа распределени на работни места е прочистена, дека се направени претходни проверки и веќе се доделени некои отказни решенија, а некои лица сами поднеле барање да им се раскине договорот.

Атина, 22 јануари 2021 (МИА) – Во напуштена куќа во село на грчкиот остров Закинтос, полицијата пронашла 800 килограми амониум нитрат, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми од островот, експлозивниот материјал бил спакуван во 32 пакувања по 25 килограми, а куќата во која што бил пронајден е напуштена, бидејќи изгорела во пожар, кој пред неколку години го зафати овој дел на Закинтос.

Москва, 22 јануари 2021 (МИА) – Руските власти уапсија блиски соработници на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој е уапсен на аеродромот Шереметјево во Москва по неговото пристигнување од Германија, каде се лекуваше по обидот за труење.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш беше приведена во текот на ноќта откако повика на протести, напиша на Твитер, додавајќи дека ќе остане во притвор девет дена. Уапсени се и координаторите на приврзаниците на Навални во Владивосток, Краснодар и Калининград.

Вашингтон, 22 јануари 2020 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден го остранил „црвеното копче“ кое неговиот претходник Доналд Трамп го поставил на работната маса во Овалниот кабинет за повик на батлерот да донесе диетална кока-кола.

Во првата година од мандатот на Трамп никој не занел дека воопшто постои такво копче, но новинарка на Асошиејтед прес забележала нешто чудно. Таа тогаш опиша како претседателот притиснал копче по што веднаш во кабинетот влегол батлерот на Белата куќа со чаша диетална кока-кола на сребрен послужавник. Истото го забележале и други новинари кои го интервјуирале претседателот.

Back to top button
Close
Close