МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 јануари 2021

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Висината на снежната покривка утрово во седум часот изнесува 31 сантиметар во Попова Шапка, 10 во Битола, два во Маврови Анови и еден сантиметар во Лазарополе.

Од Управата за Хидрометеоролошки работи информираат дека времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови облачно со повремени врнежи од дожд, само на највисоките планини од снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Во урбаната заедница „Цветан Димов“ се поставува атмосферска канализација и тоа на улиците „Вера Јоциќ“, „Тодор Паница“, „Тодора Паница 1“, „Вера Јоциќ 1“, „Вера Јоциќ 2“, „Георги Димитров“, „Новопроектирана 1“, „Михаил и Ефтихиј“, „Новопроектирана 2“, „Георги Димитров 1“, „Дичо Петров“,„ Дичо Петров 1“ и на „Тоне Томшиќ“.

Како што информираат од општина Кисела Вода, градежните работи за поставување на атмосферска канализација се со вкупна должина од 2712 метри.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини остварија средба со претставници на турската агенција за земјоделско осигурување ТАРСИМ.

Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство и потребен е организиран пристап за прилагодување, но и кон заштитата на земјоделските производи преку осигурување на истите.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Општина Чаир денеска ќе донира две амбулатни возила за Службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом Скопје.

На примопредавањето, според најавите, ќе присуствуваат министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и директорот за економски прашања на Здравствениот дом Скопје, Бесим Кока.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Комората на сметководители на Македонија при Сојузот на стопански комори предлага да се пролонгираат роковите за поднесување на годишните и финансиските извештаи како дел од петтиот пакет економски мерки.

Од Комората најавуваат повеќе детали на денешната прес-конференција на која ќе стане збор и за Законот за вршење сметководствени работи.

Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Бујар Османи, денеска ќе престојува во официјална посета на Црна Гора на покана на неговиот црногорски колега Ѓорге Радуловиќ.

Како што соопшти МНР, во рамките на посетата, Османи ќе има средби со целиот државен врв на земјата. Покрај со Радуловиќ, Османи ќе има средби и со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со првиот човек на црногорскиот Парламент Алекса Бечиќ, со премиеорт Здравко Кривокапиќ, како и со вицепремиерот Дритан Абазовиќ.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, а за негова доследна реализација ќе биде изготвена методологија и други пропратни документи. Конечната одлука за одржување на пописот во земјата, прв по 19 години, беше потврдена со вчерашното гласање во Парламентот, зад кое, како што најави, не застана најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Атина, 22 јануари 2021 (МИА) – Во морскиот дел меѓу грчките острово Крит и Касос, утрово беше регистриран земјотрес со јачина од 4.5 степени, според податоците од Геодинамичкиот институт на грчката Национална опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Епицентарот бил 48 километри северозападно од Касос, а засега, нема информации за повредени или материјална штета.

Брисел, 22 јануари 2021 (МИА) – Европскиот парламент вчера усвои резолуција, со која се повикува Европската унија да го признае Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела, откако Унијата го го снижи неговиот статус на почетокот на овој месец.

Сите 27 земји-членки на ЕУ на 6 јануари одлучија дека повеќе не можат законски да го признаваат Гуаидо за легитимен шеф на државата откако тој ја загуби функцијата претседател на парламентот и покрај тоа што ЕУ не ги признава резултатите од парламентарните избори одржани во декември во Венецуела.

Вашингтон, 22 јануари 2021 (МИА) – Конгресната полиција во Вашингтон ги истражува извештаите дека републиканскиот конгресмен Енди Харис вчера со пиштол се обидел да влезе во Претставничкиот дом на САД, јави телевизијата Ен-Би-Си.

– Еден од присутните безбедносни службеници виде огнено оружје кај конгресменот Харис и им ја соопшти информацијата на своите претпоставени, изјави за телевизијата портпарол на Капитол.

Back to top button
Close
Close