МИА ФлешПакети

МИА Флеш

21 јануари 2021

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесува 27.588 денари и е за 7 отсто повисока во споредба со истиот месец од претходната година. Просечната бруто плата, пак, изнесува 41.141 денар и е за 7,4 отсто повисока во однос на ноември 2019 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето на просечната плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во секторите Уметност, забава и рекреација за 11,2 отсто, Дејности на здравствена и социјална заштита 11,2 и Образование за 9,5 отсто.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Обидот на одбраната за поврзување на возилото „опел омега“ и целата операција со структури на МВР, е целосно неточна теза и од правно-фактички и од правно логички-аспект, изјави денеска обвинителката Фатиме Фетаи во завршни зборови за случајот „Монструм“.

Според Фетаи, ваквите обиди целосно паѓаат со исказите на сведоците и изнесените докази во текот на постапката.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, утре ќе престојува во официјална посета на Црна Гора на покана на црногорскиот колега, Ѓорге Радуловиќ.

Како што соопшти МНР, во рамките на посетата Османи ќе има средби со целиот државен врв на земјата. Покрај со неговиот хомолог, Османи ќе оствари средба и со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со претседателот на црногорскиот Парламент Алекса Бечиќ, со претседателот на Владата Здравко Кривокапиќ, како и со потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализрани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 280 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало седум приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало шест нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника четири во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.

Тирана, 21 јануари 2021 (МИА) – Албанскиот претседател Илир Мета, од свое и од име на албанскиот народ упати честитка до новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и заменик претседателката Камила Харис.

Во својата порака, шефот на албанската држава ја нагласува вербата дека односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат понатаму и оти заедно ќе ја зајакнуваат трансатлантската и соработка во НАТО.

Белград, 21 јануари 2021 (МИА) – Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија сака да им помогне на околните земји во однос на вакцинацијата против коронавирусот, потсетувајќи дека претседателот Александар Вучиќ и премиерот на Северна Македонија Зоран Заев се договориле Србија да и помогне на С.Македонија со 8.000 дози, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа за Тв Хепи изјави дека задачата на Владата на Србија за помош на земјите од регионот е дадена од претседателот Александар Вучиќ, со образложение дека „ако нашите граѓани се вакцинираат, а нашето соседство нема вакцина и не е среќно, не можеме ниту ние да напредуваме.“

Берлин, 21 јануари 2021 (МИА) – Германија најверојатно ќе ги затвори своите граници со соседните земји ако тие не реагира брзо на спречување на ширењето на Ковид-19, изјави денеска шеф на канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун.

Тој за АРД истакна дека е важно да се држи под контрола нивото на инфекција за да можат државите да бидат заштитени од новите мутации на Ковид-19, што полесно се шират.

Брисел, 21 јануари 2021 (МИА) – Ризикот од терористички атентати организирани од крајно десничарски групи е зголемен во Белгија, соопшти министерот за правда во земјата.

Одговарајќи на пратеничко прашање, министерот Винсент Ван Квикенборн, изјави дека националната база на податоци содржи сѐ повеќе лица поврзани со екстремната десница кои се сметаат за опасни по безбедноста, пренесуваат денеска белгиските медиуми.

Женева, 21 јануари 2021 (МИА) – Системот за дистрибуција на вакцини Ковакс планира да испорача 1,8 милијарди дози во посиромашните земји оваа година и очекува побогатите земји да ги исполнат своите обврски во втората половина на годината.

„Нашите предвидувања укажуваат дека треба да ги исполниме условите за вакцини поставени од самофинансирачки членови на системот во втората половина на 2021 година“, објавија од Алијансата за вакцини ГАВИ во име на Ковакс.

Њу Делхи, 21 јануари 2021 (МИА) – Голем пожар избувна во индиската фабрика на Институтот за серум (СИИ), кој е најголем производител на вакцини во светот, но пожарот нема да влијае на производството на вакцини за коронавирусот, пренесуваат индиските медиуми.

СИИ произведува вакцина направена од Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“ за индискиот пазар и некои други земји, а компанијата исто така се подготвува да направи вакцина развиена од американската компанија „Новавакс“.

Вашингтон, 21 јануари 2021 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе потпише десет извршни наредби за борба против коронавирусот, вклучително и наредба фондот за непогоди да се искористи за отворање училишта, додека истовремено се бара од луѓето да носат маски во авиони и автобуси“, изјавија официјални лица, пренесуваат американските медиуми.

– Влегуваме во нешто што може да биде најтешкиот и најсмртоносен период на вирусот и мора да ја оставиме политиката настрана, конечно соочувајќи се со пандемијата како единствена нација, рече Бајден за време на инаугурацијата.

 

Back to top button
Close
Close