МИА ФлешПакети

МИА Флеш

8 јануари 2021

8 јануари 2021

Скопје – Преспанскиот договор беше возможен затоа што македонскиот идентитет не беше чепнат. Во дел од прашањата што ги отвора Софија се навлегува во нешто во кое што Софија нема право – македонскиот идентитет, вели вицепремиерот за европски прашања Никола димитров во интервјуто за МИА.

-Односите меѓу државите во 21 век се темелат на принципи, на меѓународно право и на европски вредности. Државите признаваат други држави и влади, меѓутоа не признаваат идентитети или јазици. Тоа е право на самоопределување на секоја нација, на секој народ. И претходно, меѓутоа, посебно во Европа и посебно во 21 век. Кога Бугарија ја признала независна тогаш Република Македонија, тоа доаѓа и со признавање на нашето суверено право да бидеме кои сме за македонскиот народ Македонци кои зборуваат македонски јазик, посочува Димитров.

Атина – Грција ја продолжи одлуката за ограничување на копнените поврзувања на земјата и за забраната за влез на државјани од трети земји до 21 јануари, јави дописничката на МИА од Атина.

Продолжената одлука на грчката Влада за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ со цел да се ограничи ширењето на коровирусот, веќе е објавена во Службен весник на Грција и од денеска стапи во сила.

Скопје –  Без вода денеска од 10 часот се корисниците од улица „Варшавска“ во населбата Тафталиџе.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради дефект од ф-100м на улицата „Варшавска“ 8.

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го прими новоименуваниот вонредeн и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во земјава Република Северна Македонија, Русос Кундурос, кој ги предаде копиите од акредитивните писма.

Министерот Османи, како што соопшти МНР, изразил уверување дека за време на неговиот мандат пријателските односи меѓу двете земји ќе го одржат позитивниот тренд на развој.

Скопје – Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 86 возила од јавните површини во Град Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 14 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 72 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Како што соопштуваат од Град Скопје, контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 173 возилa, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 14 возилo се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Скопје – Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага одлагање на пописот за една година, по примерот на Германија, како и тргање на двата врзани потписи што, според нјив, укажува дека оваа статистичка операција е всушност политичка. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски во изјави дека освен овие две работи, тие бараат и примена на читачи за отпечатоци на прсти за лицата кои постојано живеат во земјата.

-Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага прво, да го одложиме за една година. Имаме време до 2022 година, како што направи Германија е сосема доволна бидејќи немаме избори. Второ, бараме веднаш ако е статистичка операција да се тргнат двата врзани потписа затоа што еве јас ви гарантирам дека тие потписи значат политичка операција. Трето, за да докажеме кој е резидент бидејќи согласно Еуростат вие
попишувате резиденти мора да бидат применети читачите на отпечатоци на прсти или т.н. фингерпринти кои согласно новиот Изборен законик се предвидени да бидат дел од следните локални избори во октомври 2021. Значи не е дополнителен трошок тие терминали секако мора да бидат набавени, а така ќе знаеме кои се присутни кои се отсутни, рече Мицкоски во интервју за Нетпрес.

Скопје – Во периодот додека модуларната болница беше цело време во функција, здравствените услуги во интерните клиники не престанаа и на ниту еден пациент не му беше скратена можноста да добие соодветна интернистичка здравствена услуга, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Се спроведуваа и амбулантските прегледи во амбулантите и се третираа хоспитализираните, меѓутоа во други делови од зградата. На ниту еден пациент не му беше скратена можноста да стигне до соодветна интернистичка здравствена услуга. Ова се направи затоа што е попрактичен начин лекарите и сестрите, во рамките на своите јавно здравствени установи, да можат да пружат здравствена услуга. На некој начин, да не мораат физички да ротираат во модуларната болница, објасни министерот Филипче.

Скопје– Логично е барањето на угостителите и ќе биде разгледано на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Според него, што и да важи како ослободување на мерките, нема да биде пред 21 јануари.

Атина– Преку специјална платформа, просветните работници во Грција можат да се пријават за бесплатно тестирање за Ковид-19, кое започна утрово, а е во пресрет на отворањето на училиштата и градинките в понеделник, јави дописничката на МИА од Атина.

Предвидено е брзите тестови да се прават на 386 различни локации во цела Грција, по закажан термин преку платформата, што е наменета и за наставниците, но и за учениците над 16-годишна возраст.

Москва – Вашингтон воведе полициски час, американскиот Конгрес речиси едногласно ја верификува изборната победа на Џо Бајден, а Доналд Трамп е подготвен да ја напушти Белата куќа. Немирите, како што поддржувачите на Бајден го нарекуваат упадот во Конгресот од страна на приврзаниците на Трамп, не успеаја, пишува весникот „Росијскаја газета“ во врска со настаните кои се случија пред два дена во Капитол Хил.

„Демократите направија се што е во нивна моќ да ја радикализираат Америка. И преземањето на Капитол е нивно наследство, поточно наследство на нивната политичка војна против Трамп”, вели рускиот сенатор Алексеј Пушков за весникот „Известија“.

Вашингтон – Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Кејли Мекени изјави дека претседателот и целата администрација го осудуваат насилството во Конгресот како „неамериканско“ однесување и побара лицата кои го прекршиле законот да бидат кривично гонети.

– Ние тоа го осудуваме, претседателот и оваа администрација, најостро што може, посочи Мекени.

Осло – Норвешкиот пратеник Кристијан Тибринг-Гједе, кој изминатата есен го предложи американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, сега, по упадот на неговите приврзаници во Конгресот на САД, смета дека тој не треба да остане во Белата куќа до крајот на мандатот.

Тибринг-Гједе, пратеник од редовите на десничарското крило на популистичката Народна партија, истакна вчера дека не е сигурен оти Трамп е способен да ги помине последните 13 дена во Белата куќа.

Дибаи – Иранската елитна Револуционерна гарда објави денеска дека поседува подземна ракетна база на тајна локација во Персискиот Залив.

– Базата е една од неколку, во кои се наоѓаат стратешки ракети на морнарицата на Гардата, изјави главниот командант на Гардата, генерал-мајор Хосеин Салами.

Ливерпул – Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп изрази разочарување од учинок на тимот во последниот период.

– Не го очекувавме ова и не ни се допаѓа, но таквите работи е тешко да се избегнат. Ми се чини дека освоивме само два натпревара од последните шест. Се разбира, тоа не се стандардите што ги очекуваме од нас самите, изјави Клоп.

Лондон – Формула 1 болидите стануваат сè побрзи секоја година, а сезоната 2020 не е исклучок. „Auto Motor und Sport“ пресмета дека во 2020 година болидите беа за 0,429 секунди побрзи од претходната година.

Сепак, во 2021 година, трендот може да се промени како резултат на намалувањето на површината на подот, што ќе предизвика намалување на моќта. Одлуката е донесена за да се осигури дека гумите можат да се справат со товарот. „Пирели“ ќе воведе поостри гуми кои тежат 2,5 килограми повеќе, па се очекува тимовите да ги надоместат загубите.

Ливерпул – Фудбалерот од средниот ред на Ливерпул, Џорџињо Вајналдум, планира да остане во клубот, но ситуацијата со неговиот договор е доведена во прашање.

Според „Атлетик“ 30-годишниот Холанѓанец сака долгорочен договор со значително зголемување на платата. Играчот има намера да добие исто колку и високоплатените соиграчи.

Back to top button
Close
Close