МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 јануари 2021

Скопје, 4 јануари 2021 (МИА) – Не штедиме средства да се изгради ново училиште се со конечна цел да ги задоволиме правата на еднаквост на сите граѓани за употреба на својот мајчин јазик при школувањето на децата, истакна премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање при денешниот увид на просториите во кои се всели Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

– Иако имаме големи успеси во градењето на едно и еднакво општество, тоа не значи дека сме ги решиле сите прашања. Но, како ги носи одлуките оваа Влада и досега е покажано. Не штедиме средства да се изгради ново училиште се со конечна цел да ги задоволиме правата на еднаквост на сите граѓани за употреба на својот мајчин јазик при школување на децата, рече Заев, посочувајќи дека се изработени проектни документации и се алоцирани средства за изградба на училишта во Чашка, Бутел, Блаце…

Скопје, 4 јануари 2021 (МИА) – Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека сѐ уште е во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201 и електронската адреса  mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано одбележување на претстојните празници.

Граѓаните можат да се јават и анонимно да пријават (локација) на која забележале недозволено собирање на луѓе, спротивно на мерките пропишани за справување со пандемијата.

Скопје, 4 јануари 2020 (МИА) – Со почетокот на календарската 2021 година првпат во Северна Македонија започнува и имплементацијата на законска одредба наменета за наставниците за кариерен напредок во звања – „ментор“ и „советник“, што подразбира и стекнување на дополнителен паричен надомест, како дел од личниот доход од работниот ангажман, соопшти Министерството за образование и наука.

Се работи за право кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, креиран како дел од Планот за темелна реформа на националниот образовен систем и има за цел да влијае на личната мотивација на наставниците за работа и да придонесе за подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност, стои во соопштението.

Скопје, 4 јануари 2021 (МИА) – Сите кои работат на новиот концепт на основното образование немаат лоши намери и се подготвени да ги слушнат сите експерти од сите области, вклучително и родителите и дечињата, и да го прифатат тоа што е најдобро за да стартуваме онака како што е најдобро за учениците и за нашите деца. Нема потреба да брзаме имаме доволно време по пат на дебата да извлечеме најдобар модел кој ќе биде во функција на образовниот процес на учениците, посочи премиерот Зоран Заев.

-Сите сфаќаме и потврдуваме дека ни требаат реформи во основното образование, бидејќи сите имаме деца или внуци или ќе имаме деца кои треба да тргнат во основно образование. Образованието постои заради децата, а не заради учителите, наставниците или професорите. Тие се тука и се драгоцени заради тоа што го пренесуваат своето знаење на децата. Ако тргнеме од принципот кај се гледам јас, што со моите часови, дали на факултетите ќе се одржат таквите катедри и наставни програми, а при тоа не ни се важни дечињата нема да стигнеме никаде, рече Заев во одговор на прашање по денешниот увид на вселувањето на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во новата зграда.

Скопје, 4 јануари 2020 (МИА) – Претставници од Министерството за  труд и социјална политика предводени од министерката Јагода Шахпаска и на Агенцијата за вработување на РСМ предводени од директорот Абдуш Демири денеска имаа работен состанок во врска со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.

Во овој план, како што посочуваат од МТСП, и годинава фокусот се задржува на помошта и поддршката на невработените лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот и компаниите на кои им е најпотребна работна сила.

Белград, 4 јануари 2021 (МИА) – Во Србија денеска се очекува да пристигнат уште 19.500 дози вакцини од „Фајзер/Бионтек“, изјави државниот секретар на Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек по средба на членовите на Националниот тим за координација за имунизација со министерот за здравство Златибор Лончар.

– До крајот на неделава планираме да вакцинираме околу 11.000 лица, со тоа што половина од вакцините се доделени на здравствени работници, а половина на геронтолошки центри и институции за социјална заштита, изјави Ѓерлек.

Берлин, 4 јануари 2021 (МИА) – Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт ја оцени денеска ситуацијата во болниците во земјата како исклучително тешка поради коронавирусот.

Бројот на потврдени случаи во Германија денеска се зголеми за 9.847 и изнесува повеќе од 1,77 милиони заразени, покажуваат податоците на Институтот Роберт Кох.

Пекинг, 4 јануари 2021 (МИА) – Кинескиот милијардер и сопственик на „Алибаба“, Џек Ма не е присутен во јавност повеќе од два месеца, па медиумите шпекулираат дека „исчезнал“ откако во октомври упати критики до кинеската власт и побара реформа на системот, пишува Фајненшал Тајмс.

Џек Ма не се појави ниту во последната епизода на сопствената шоу програма „Африкански деловни херои“, во која беше еден од членовите на жирито, а го замени генералната директорка на „Алибаба“, Луси Пенг, додека неговата фотографија е отстранета од веб страницата, наведува весникот.

Лондон, 4 јануари 2021 (МИА) – Формула 1 може да ја одложи првата трка од сезоната 2021 година во Австралија, објави „Аутоспорт“. Причина за одлагањето може да бидат ограничувањата што важат во земјата поради пандемијата на коронавирус.

Подготовките за трката мора да започнат во јануари, што е тешко поради ограничувањата. Забележано е дека официјалното соопштение за одложување на трката во Австралија би можело да биде објавено пред крајот на овој месец.

Back to top button
Close
Close