МИА ФлешПакети

МИА Флеш

4 јануари 2021

4 јануари 2021

Скопје – Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата. Разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска влада, вели во интервју за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ.

Повторното одложување на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како што посочува министерот,  е голема грешка.

Скопје – Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информира апликантите од 2020 година за финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата, Мерка 1  „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства “, дека во финална фаза е обработката на  пристигнатите и комлетни барања.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека се очекува да се одобрат над 350 соодветни барања, а апликантите во наредниот период ќе бидат повикани за да ги потпишат договорите.

Скопје – Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска одржа онлајн состанок со директорите на основните и средните училишта од државата за спроведување на наставата во првото полугодие од учебната 2020/2021 година. На состанокот беше истакнато дека и покрај работењето во вонредни околности, првото полугодие заврши успешно.

Според директорите, иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата бил голем, сепак хибридниот модел ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во какви што се работеше изминатите месеци.

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи има големи очекувања и од португалското претседавање со Советот на ЕУ кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Во првичните контакти што ги имале со португалското претседателство била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата. Османи најави дека денеска попладне ќе има кординација со цел утврдување на нов календар на активности во рамки на новите околности, бидејќи, како што рече досегашната динамика била утврдена како за успешен завршеток во рамки на германското претседателство.

-Ние имавме големи очекувања дека рамката ќе се усвои во декември за време на германското претседателство и тоа направи надчовечки напори со цел надминување на разликите со Бугарија, но, очигледно пречките беа големи за тоа да се случи. Очекувањата се големи и за португалското претседателство. Претседателставата функционираат во рамки на тријада, односно на три претседателства кои ги координираат активностите насоките и политиките, така што очекувам Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство. Според првите контакти со португалското претседателство, тоа има серозна намера да се ангажира процесот да се продолж од таму каде го остави германското претседателство и побрзо да се најде решение за разликите со цел да се одржи првата меѓувладина конференција односно да се усвои преговарачката рамка, рече на денешната прес-конференција Османи.

Скопје– Филхармонијата е една од ретките културни институции во земјата, но и пошироко, што и покрај светската пандемија, ја реализираше концертната програма во целост.

Од почетокот на новата концертна сезона 2019/2020 година, Филхармонија реализираше уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции. Сите настани се одржаа под строги мерки за заштита, според протоколите донесени од Владата за одржување настани во културни објекти.

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска ќе имаат корисниците од населбите Даме Груев, Стопански Двор, Кисела Јабука и Волково.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради технички зафат во пумпна станица Волково.

Сараево –  Шефот на Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина предупреди дека властите на државата мора да покажат дека се во состојба да управуваат со мигрантската криза затоа што тоа е критериумот што ќе одлучи за нејзиниот евентуален статус како кандидат за ЕУ.

Во интервју за Дневни аваз, Јохан Сатлер нагласи дека мигрантската криза во БиХ е всушност криза во администрацијата и ефикасноста на властите во земјата, додавајќи дека земјата е обврзана да најде решение за сместување на околу 7.000 илегални мигранти.

Глина– Земјотрес со интензитет од 4,2 степена според Рихтерова скала, кој повторно го погоди централниот дел на Хрватска, причини нови штети на веќе разурнатите објекти, неколку дена откако по најсилниот удар се уште има подрачја и настрадани на кои им е потребна помош.

Тоа го изјави заменик градоначалничката на Глина, Бранка Бакшиќ Митиќ, која ги повика сите граѓани кои сакаат да ги санираат своите домови да пишат на нејзиниот мејл или да испратат порака на фејсбук-групата „Луѓе за луѓе“.

Париз – Претседателот на Франција Емануел Макрон, на крајот на ноември предвидуваше повторно отворање на рестораните и баровите на 20 јануари, но отворањето ќе се одложи и пред да бидат познати последиците за епидемијата со коронавирусот од прославите на крајот на годината, јави дописникот на МИА..

Рестораните нема да ги отворат вратите в среда, 20 јануари и ќе останат затворени уште неколку недели. Според информациите објавени во француските медиуми, извршната власт веќе ја донела својата одлука и датумот на повторно отворање, кој беше одреден на крајот на ноември од страна на Емануел Макрон е одложен.

Берлин – Германија во 2020 година ја реализира целта за намалување на штетните гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, но тоа се должи на пандемијата на Ковид-19, а не на промена на политиката, се наведува во студијата на Институтот „Агора Енергивенде“ (Agora Energiewende) од Берлин.

Најголемата економија во Европа минатата година ги намали емисиите на штетни гасови за 42,3 проценти во споредба со нивото од 1990 година. Емисиите на штетни гасови лани се намалиле за повеќе од 80 милиони тони до околу 722 милиони тони. Две третини од намалувањето се должи на пандемијата, која ги погоди индустријата, патувањата и општествениот живот, се посочува во извештајот на берлинскиот Институт.

Анкара – Претседателот на Управниот одбор на германскиот производител на автомобили „Фолксваген“, Херберт Дис во официјално писмо ги извести надлежните органи во Турција дека доставил документи за затворање на претставништвото на компанијата, регистрирано во оваа земја во 2019 година.

Дис истакна дека причина за таквата одлука е светската пандемија на коронавирусот.

Њујорк – Одлуката за тоа кој ќе го задржи Сенатот ќе биде донесена утре, кога ќе се одржат повторните избори во американската држава Џорџија, бидејќи ситуацијата во Сенатот е многу тесна – републиканците освоија 50 места, а демократите 48.

На изборите во ноември, никој не победи во Џорџија, бидејќи никој од кандидатите не ги доби потребните 50 проценти, според законот на таа држава.

Отава – Канада вчера ја надмина границата од 600.000 заразени случаи на коронавирус, две недели откако достигна половина милион инфицирани, со што ја потенцира јачината на пандемијата во земјата за време на празниците кон крајот на минатата година.

Канада вчера попладне регистрира 601.314 случаи на зараза со Ковид-19 од почетокот на пандемијата и 15.860 починати пациенти.

Вашингтон – Инаугурацијата на избраниот претседател на САД, Џо Бајден ќе претставува „виртуелна парада“ бидејќи се уште во сила е забраната за масовни собири поради пандемијата со Ковид-19, соопштија денеска организаторите на церемонијата.

По заклетвата во западното крило на Капитол Хил, Бајден и неговата сопруга, идната прва дама Џил, ќе им се придужат на потпретседателката Камала Харис и нејзинито сопруг во источното крило, каде традиционално се одржува воена парада, при што задолжителна ќе биде физичката дистанца.

Лондон – Тренерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека иднината на напаѓачот на „Топчиите“, Александaр Лаказет во тимот ќе биде одредена на лето.

– Сè уште не разговаравме за ништо во врска со продолжување на неговиот договор или трансфер. Среќен сум со начинот на кој игра и постигнува погодоци. Лаказет е во одлична форма. На лето ќе разговараме и ќе донесеме одлука за тоа, изјави Артета.

Минхен – Фудбалерот од средниот ред на актуелниот германски и европски шампион, Баерн Минхен, Серж Гнабри, се здоби со повреда на вчерашниот натпревар со Мајнц.

– Серж доби болен удар. Беше прегледан по натпреварот, да видиме како ќе се чувствува следниве два дена. Се надевам дека во среда ќе може да започне со тренинзи, изјави тренерот на Баварците, Ханс-Дитер Флик за клупската веб-страница.

Лос Анџелес – Легендата на Лејкерс, Меџик Џонсон рече дека Стеф Кари е најдобриот шутер во историјата на НБА лигата.

Оваа изјава на Џонсон доаѓа по 62 постигнати поени на Кари, ноќеска на дуелот на Голден Стејт со Портланд (137:122).

Скопје – Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврнал во Дојран 31 литар на метар квадратен. Во Струмица наврнале 27 литри, во Демир Капија 23, Берово 21, Прилеп 15, во Битола и Штип по 12 и во Скопје пет литри, соопшти УХМР.

Температурата изутринава секаде е над нулата. Најстудено е во Крушево еден степен, а најтопло во Дојран 12 степени Целзиусови.  Облачно со врнежи од дожд ќе биде и денеска. Пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови (локално над 30 л/м2) каде ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи и засилен ветер. На планините врнежите ќе бидат од снег и снежната покривка ќе се зголемува. До крајот на денот почнувајќи од запад врнежите ќе престануваат и облачноста делумно ќе се намали. Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени.  Во Скопје претпладне облачно со врнежи од дожд, попладне врнежите ќе престануваат и облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец Максималната температура ќе достигне до 8 степени.

Back to top button
Close
Close