МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 декември 2020

Скопје, 29 декември 2020 (МИА) – Земјотресот што околу пладне ја погоди Хрватска, според досегашните податоци на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, не е почувствуван во земјава.

– Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска, 29 декември 2020 година, во 12 часот и 19 минути, регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа во Република Хрватска, 570 km северозападно од Скопје со Рихтерова локална магнитуда ML=6.4, посочуваат од Сеизмолошката опсерваторија.

Скопје, 29 декември 2020 (МИА) – Владата денеска донесе одлука да испрати финансиска помош од шест милиони денари во Хрватска по силниот земјотрес од 6,4 степени по Рихтер во Петриња. Веста на Фејсбук ја соопшти премиерот Зоран Заев.

– Солидарноста е првиот порив во овие моменти и ќе пружиме помош согласно потребите. До премиерот Андреј Пленковиќ и до сите хрватски граѓани погодени од земјотресот упатувам силна поддршка. Во име на сите граѓани на Северна Македонија изразувам сочувство за жртвите, напиша Заев на Фејсбук.

Скопје, 29 ноември 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски изрази сочувство до неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ и до семејствата на настраданите во земјотресот во Петриња.

– Поддршка за нашите пријатели во Република Хрватска. Првичните информации за земјотресот се застрашувачки. Сочувство до претседателот Зоран Милановиќ и од и до семејствата на сите настрадани, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Скопје, 29 декември 2020 (МИА) – Реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумски реформи се започнати, но не исполнети, се наведува во денеска презентираниот финален сумарен извештај од набљудувањето на исполнувањето на реформските приоритети од областа на медиумите, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис преку проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“.

Извештајот ја анализира исполнетоста на Итните реформски приоритети за Северна Македонија, кои што претставуваат документ што се надоврзува на Извештајот на експертскиот тим предводен од Рајнхард Прибе. Конкретно, реформите во областа „Медиуми: слобода на изразување“ имаат цел да се постигне напредок и да се решат проблемите во четири сфери: јавен радиодифузен сервис, владино рекламирање, пристап до информации и клевета.

Скопје, 29 декември 2020 (МИА) – Во рамките на изработката на „Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија – од перспектива на децата“ на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, децата, меѓу другото, ги истражуваа и следниве теми: запознаеност со детските права и нивно почитување, насилство врз децата, дискриминација, слободно време, игра, спортски и културни активности, деца на улица, образование и животна средина.

Детскиот извештај, како што соопшти Меѓаши, беше поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН, како дел од периодичниот процес на известување за спроведувањето на Конвенцијата за правата на децата во Македонија и истиот ќе биде презентиран пред Комиетот во февруари 2021 година.

Загреб, 29 декември 2020 (МИА) – Шефицата на хрватската Сеизмолошка служба Инес Иванчиќ појасни дека при денешниот силен земјотрес се поместил голем расад и поради тоа граѓаните имале чувство дека подолго траел потресот.

– Имаме повеќе епицентрални подрачја. Африканската плоча ја турка нашата евроазиска плоча и таа напнатост е толку голема што доаѓа до голема енергија која се ослободува, изјави таа за Н1.

Загреб, 29 декември 2020 (МИА) – Хрватската шумска служба за спасување (ХГСС) на Твитер соопшти дека спасувачите од цела Хрватска заминале за Петриња да помогнат во потрагата и спасувањето по разорниот земјотрес што пред два часа го погоди овој град.

Улиците на Петриња се преполни со урнатини, голем број згради се оштетени, а спасувачите трагаат по преживеани, јави Хина, повикувајќи се на информациите објавени од загрепската редакција на „Н1“ телевизија.

Рим, 29 декември 2020 (МИА) – Земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, кој денеска во 12,20 часот ја погоди Петриња во Хрватска, се почувствува и во Италија и предизвика страв низ целата земја.

Италијанскиот весник „Република“ пишува дека земјотресот предизвикал страв, особено во јадранските области, како и дека бил почувствуван сè до Неапол, пренесува Јутарњи лист.

Газа, 29 декември 2020 (МИА) – Палестинските екстремистички групи истрелаа ракети кон Средоземното море од Појасот Газа на почетокот на нивната прва заедничка вежба, која израелските медиуми ја опишаа како приказ на сила организирана од Иран.

Газа е управувана од Хамас и е дом на други екстремистички организации, вклучително и Исламски џихад. Вежбите ги објави заедничката команда формирана од групите во 2018 година.

Скопје, 29 декември 2020 (МИА) – Македонската Еспорт Федерација и Фудбалската федерација на Македонија објави повик до сите заинтересирани да се пријават за националните претквалификации за „eEURO 2021“ квалификациите на УЕФА.

– Пријавувањето почнува на 4 јануари 2021 година и ќе трае до 1515 јануари 2021 година. За секој што сака да учествува, деталите се објавени на веб страните на ФФМ и МЕСФ. -Организацијата на квалификациите е дел од Меморандумот за соработка помеѓу ФФМ и МЕСФ, кој опфаќа соработка помеѓу двете најважни споредни работи-фудбалот и гејмингот. Наша заедничка мисија ќе биде промоција на одговорен и здрав гејминг пред се. Еспортот е веќе глобално прифатен во повеќе од 50 држави во светот, а соработката со ФФМ е огромно искуство за нашата федерација, изјави Бобан Тотовски, Претседателот на МЕСФ.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close