МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 декември 2020

23 декември 2020

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека продолжува комуникацијата меѓу Скопје и Софија во насока на изнаоѓање решение, додека бугарскиот премиер Бојко Борисов изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на земјава во Европската Унија.

– Комуникацијата помеѓу нас и Република Бугарија продолжува. Сметаме дека независно од она што се случи, тоа не смее да влијае на односите помеѓу нашите две држави и во барањето на решение за да се надмине оваа пречка и да продолжиме понатаму во процесот. Очекувам веднаш по новогодишните празници да продолжиме со комуникација за изнаоѓање решение, нагласи Османи.

Скопје– Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ќе одржи конференција насловена „Како да се зборува со младите генерации“.

На конференцијата ќе се обрати в.д. директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски, а од Агенцијата најавуваат обраќање и на министерката за образование и наука Мила Царовска.

Скопје – Конференција „Отпорни граѓани – безбедни шуми“ ќе се одржи денеска во организација на Евротинк – Центарот за европски стратегии.

За време на конференцијата, како што соопшти Евротинк, ќе бидат презентирани наодите од истражувањето изработено во рамки на проектот „Спротивставување на корупцијата во животната средина на локално ниво: Откријте, анализирајте, зајакнете!“, поддржан од Глобалната иницијатива за борба против транснационален организиран криминал и Фондот за отпорност.

Скопје – Во Домот на Армијата во Скопје, пред претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски денеска, како редовна годишна обврска на началникот на Генералштабот на Армијата, ќе се реализира реферирање за состојбата со борбената готовност на Армијата во тековната 2020 година.

Како што најави Генералштабот на Армијата, на брифингот за борбена готовност, кој е прв по полноправното членство во НАТО, ќе присуствува и ќе се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Скопје– Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа, без електрична енергија денеска ќе останат дел од корисниците во село Сопиште, информира Центарот за управување со кризи.

Во соопштението се посочува дека од ЕВН информирале оти денеска од 8:30 до 12 часот без струја ќе останат корисниците од улица 16 во село Сопиште во истоимената Општина.

Скопје – Медицинските работници од Министерството за одбрана кои се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19 ќе добијат парична награда која, во зависност од специјалноста, се движи од 20.000 до 30.000 денари.

-Владата го прифати предлогот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за исплата на еднократна парична награда на медицинските работници од Министерството за одбрана кои што се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19. Износот на паричната награда за нивната пожртвуваност, во зависност од специјалноста, се движи од 20 000 до 30 000 денари, информираат од Министерството за одбрана.

Париз – Врховниот управен суд на Франција забрани употреба на беспилотни летала од страна на полицијата за покривање на протести во Париз, со што се поддржува позицијата на групите за заштита на приватноста, пренесува Би-Би-Си.

Државниот совет соопшти дека началникот на полицијата во Париз треба веднаш да запре со употребата на дронови заради следење на јавните собири.

Единбург – Шкотската премиерка Никола Старџон се извини за кршењето на мерките за сузбивање на коронавирусот, откако е забележана дека ја отстранила мзаштитната маска за време на еден погреб.

Фотографијата објавена во шкотски „Сан“ ја прикажува Старџон како разговара со три жени во еден бар, држејќи се на дистанца, но без маска.

Ерусалим – По силата на законот, ноќеска на полноќ падна израелската Влада и за три месеци треба да се очекуваат нови парламентарни избори во оваа земја, четврти во последните две години.

Поделената и раскарана израелска Влада падна по истекувањето на законскиот рок за усвојување на новиот буџет на земјата за 2021 година, што беше до ноќеска на полноќ, отворајќи го патот за новите, четврти парламентарни избори во последните две години.

Рабат  – Израелски дипломати вчера пристигнаа во Мароко на средба со кралот и  да ја подготват надградбата на билатералните односи меѓу двете земји, по договорот за нормализација со посредство на САД.

Британските медиуми наведуваат дека делегацијата, предводена од советникот за национална безбедност, Меир Бен Шабат, е придружувана и од Џеред Кушнер, зетот на претседателот Трамп и творец на идејата за панарапско приближување кон Израел.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп помилува 15 лица, меѓу кои се републиканци кои важат за негови големи поддржувачи, функционери од предизборната кампања во 2016 година, поврзани со истрагата за вмешаност на Русија, како и осудени за масакрот во Багдад во 2007 година.

Меѓу помилуваните се и поранешниот соработник на Трамп во изборната кампања Џорџ Пападопулос и адвокатот Алекс ван дер Зван. И двајцата издржаа кратки затворски казни.

Торино – Јувентус синоќа на свој терен загуби од Фиорентина со 3:0 во 14. коло од Серија А. Ова е најголемиот пораз во домашните натпреварувања за „Старата дама“ од 30 јануари 2019 година. Тогаш тимот загуби од Аталанта со ист резултат во Купот на Италија.

На домашен терен, Јувентус нема претрпено пораз од три гола од 3 април 2018 година, кога беше совладан од Реал Мадрид (3:0) во Лигата на шампионите.

Лос Анџелес – Со два натпревара одиграни ноќеска беше отворена новата сезона во најсилна кошаркарска лига на светот. Бранителот на трофејот, Лос Анџелес лејкерс, загуби од градскиот ривал ЛА клиперс, додека Бруклин забележа убедлива победа над Голден Стејт.

Резултати:
Бруклин – Голден Стејт 125;99
Лос Анџелес лејкерс – Лос Анџелес клиперс 109:116. Богата програма со дури 13 натпревари е предвидена за вечер по полноќ.

Барселона – Тренерот на Барселона, Роналд Куман го сподели своето мислење за односот на напаѓачот на каталонскиот тим Лионел Меси.

– Ова го имам кажано многу пати. Лео е среќен во Барселона, јас можам да го видам тоа. Меси и неговата креативност се важни за нас. Ова се забележува во нашата напаѓачка игра, истакна Куман.

Торино – Тренерот на Фиорентина, Чезаре Прандели им ја посвети на своите навивачи победата над Јувентус со 3:0 остварена синоќа на теренот на противникот.

– Оваа победа им ја посветуваме на нашите навивачи. Тие се секогаш со нас и ги преживуваат тешките моменти на клубот. Се надевам дека овој резултат може да покаже дека работиме напорно. Бевме наградени за нашиот труд. Играчите го покажаа својот карактер. Јасно е дека сега сме на место на табелата кое не го посакуваме, изјави Прандели за „Фудбал Италија“.

Скопје – Времето во земјава ќе биде сончево со умерена облачност. По котлините значително облачно или со појава на магла, особено претпладне. Во јужните делови ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен и западен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус нула до 4, а дневната од 7 до 15 степени.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close