МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 декември 2020

22 декември 2020

Скопје – Во изминатите три години се отворени или проширени 63 објекти на градинки, во последните три месеци се отворени шест нови, а до крајот на годината ќе се отворат уште пет градинки.

-Обезбедуваме квалитетни услови за правилен детски развој. Градиме и реновираме градинки низ целата држава и вложуваме во вештините на кадарот, напиша денеска премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил.

Скопје – Владата на Република Бугарија на денешната седница донесе одлука од секоја колична вакцини против Ковид – 19, која стигнува во таа држава, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите – членки на ЕУ. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението, истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој се обрати на седницата.

Министерот Филипче беше во Софија на покана на бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов. Република Бугарија од секоја пратка вакцини против Ковид – 19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па на „Астра Зенека“, соопшти Министерството за здравство.

Скопје – Информацијата со анализа и акциски план за Преспанското Езеро, подготвена од експертската работна група,  ќе биде разгледана денеска на редовна седница на Владата, што ќе се одржи преку видео-конференциска интернет врска  со почеток во 12:00 часот.

На 32. седница, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе се утврдуваат текстовите на повеќе предлог закони, за управување со отпадот, за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, за управување со пакување и отпад од пакување, и за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Скопје – Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани повеќе сведоци, меѓу кои и Коце Трајановски и вешто лице на одбраната.

Скопје – Советот на Град Скопје денеска преку конференциска врска ќе ја одржи 61-та седница, на која треба да се разгледа Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и општините во Скопје за заловување на кучиња.

Оваа одлука, како што е најавено од Град Скопје, е во насока на обезбедување на трајно и квалитетно вршење на дејноста што се однесува на заловување и собирање на бездомните, односно нерегистрирани и регистрирани кучиња, а предвидува и секоја од десетте општини во рамки на градот Скопје, да издвојуваат сума од два милиони денари годишно за реализацијата на оваа дејност од јавен интерес, додека Градот Скопје ќе учествува со десет милиони денари.

Скопје – Претседателот на Големото национално собрание на Турција Мустафа Шентоп оцени дека на средбите државниот врв имал мошни успешни разговори за билатералните односи, за регионални теми и за состојбата со пандемијата со Ковид-19. Шентоп истакна дека турските компании се меѓу најзначајните инвеститори во земјата, и оти и покрај состојбата со пандемијата се очекува оваа соработка да се зголемува. Претседателот на турското собрание на средбата со новинарите побара, како што кажа, елиминирање на структурите на организацијата Фето во Северна Македонија.

– Република Турција е несомнено првата земја која ја призна Северна Македонија со тогашното име и национален идентитет, и ако направиме едно ретроспективно оценување на нашите односи изминатите децении може да кажеме дека односите помеѓу Северна Македонија и Турција може да се категоризираат како први или меѓу најдобрите од аспект на искреност, поддршка, начелна политика или сеобемна помош, оцени Шентоп.

Скопје – Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Борисов ова го кажа на седницата на бугарската Влада на која беше донесена одлука од секоја колична вакцини против Ковид – 19, која стигнува во таа држава, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. На седницата на покана на Борисов и бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов, присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Скопје – Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска на владина седница во 12 часот ќе одржи онлајн презентација на практичното упатство за правилата за ад хок откривање и управување со случаи на судир на интереси за членовите на Владата.

Владимир Георгиев, член на ДКСК, на денешната прес-конференција појасни дека ова советување е врз основа на препораката број 6 од последната евалуација за Северна Македонија на ГРЕКО, каде се вели дека треба да се изработи ова практично упатство за ад хок откривање судир интереси кај највисоките претставници на извршната власт.

Скопје – Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, по укажувањето од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за судир на интереси го раскинал договорот за консултантски услуги со неговата адвокатска канцеларија, по што е констатирано оти повеќе не постои состојба на судир на интереси и предметот е затворен.

Меѓутоа, како што рече Билјана Ивановска, претседател на ДКСК на денешната прес-конференција, се испитува и е отворен нов случај за кој слушнале од медиумите дека наводно град Скопје има склучено некаков договор со адвокатското друштво на Шилегов и од градот Скопје се одлеваат средства на тој начин.

Приштина – Претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи денеска ќе одржи консултации со политичките партии во врска со предвремени избори. Консултациите ќе започнат во 13 часот.

Османи најави дека ќе го стори тоа, откако Уставниот суд донесе одлука дека владата на Авдулах Хоти е незаконски избрана, пренесуваат косовските медиуми.

Санкт Петербург – Познатиот руски молекуларен биолог Александар Саша Кагански (45) е пронајден мртов во Санкт Петербург. Тој беше поврзан со Универзитетот во Единбург и е познат по својата работа во борбата против ракот.

Кагански го загубил животот во саботата кога паднал од прозорец на 14-катница, а телото му го пронашол еден од соседите на тротоар пред зградата.

Виена – Австриската разузнавачка служба е целосно застарена и не може доволно да ги заштити граѓаните од тероризам и други опасности, предупредија локални експерти.

Шефот на Службата за заштита на уставноста и борбата против тероризмот (ЛВТ) на покраината Штаерска, Руперт Мајкснер даде ваква анализа за институцијата што ја предводи.

Лондон – Повеќе од 40 земји привремено ги затворија границите за стоки и патници од Велика Британија, откажувајќи ги летовите од таа земја поради брзото ширење на новиот вид коронавирус.
Франција ја затвори границата со Велика Британија на 48 часа. Камионите и траектите од Довер не смеат да сообраќаат.

Канзас – Главниот и одговорен уредник на весникот Канзас Стар се извини во име на американскиот дневен весник за децениското расистичко и дискриминирачко покривање на настани поврзани со црнечкото малцинство.

– Откако полицијата го уби црнецот Џорџ Флојд во мај, што предизвика протести во САД, го принуди весникот да се бори против својата долгогодишна пракса, изјави главниот уредник Мајк Фанин за Си-Ен-Ен. – Никогаш не погледнавме внимателно за подобро да разбереме како „Стар“ ја отсликуваше црнечката заедница со години, рече тој.

Отава – Канада во текот на следните три години ќе испрати помош од вкупно 90 милиони долари за палестинските бегалци што се наоѓаат во Сирија, Либан и Јордан, како и на Палестинците што живеат во Појасот Газа и на Западниот Брег, јави Агенција Анадолија (АА).

Канадската министерка за меѓународен развој Карина Гулд изјави дека е многу важно да се обезбеди помош за палестинските бегалци.

Вашингтон – Ентони Гарднер, поранешен американски амбасадор во ЕУ, ги повика новоизбраниот претседател Џо Бајден и неговиот преоден тим да издадат наредба за смена на амбасадорите на претседателот Доналд Трамп на 20 јануари, исто како што направи Трамп на денот на инаугурацијата, кога ги отпушти сите дипломати на Барак Обама.

„Пред точно четири години, добив телеграма од тимот на Трамп дека сум слободен од 20 јануари. Време е да излезе ваква телеграма: сите политички назначени амбасадори на Трамп да си заминат на 20 јануари“, напиша Гарднер на Твитер.

Вашингтон – Хакери одговорни за сеопфатна шпионска кампања насочена против американските владини агенции загрозија десетици електронски пошти на Министерството за финансии, потврди сенаторот Рон Вајден.

Во писмената изјава, канцеларијата на Вајден соопшти дека вработените во Комитетот за финансии на Сенатот биле информирани оти станува збор за многу сериозен хакерски упад во Министерството за финансии, чиј „целосен обем засега не е познат“.

Виена – Фудбалерот на Баерн, Давид Алаба е прогласен за најдобар фудбалер во Австрија во 2020 година, објави австриската новинска агенција – АПА.

Тој победи со глас на главните тренери на 12 клуба во австриската Бундеслига.

Лондон – Тренерот на Челзи, Френк Лампард, ја коментираше серијата на напаѓачот Тимо Вернер без постигнат гол на девет натпревари.

Челзи синоќа го совлада Вест Хем со 3:0, а Вернер повторно не успеа да постигне гол.

Милвоки – НБА воведе санкции за Милвоки поради раните преговори пред отворањето на пазарот на слободни агенти, објави на Твитер инсајдерот во НБА, Шамс Харанија.

На 19 ноември, два дена пред укинувањето на мораториумот за потпишување договори, стана познато дека Милвоки се договорил со Сакраменто за размена на 28-годишниот Србин Богдан Богдановиќ според шемата за трговска размена.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close