МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 ноември 2020

27 ноември 2020

Скопје – Треба да се декриминализира марихуаната и веќе доцниме со заокружување на легислативата за производство и дистрибуција на маслото од канабис за медицински цели за што постои јасна стручно-медицинска поддршка. Но, за создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната одлуката не треба да се носи брзо и таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови.

Ова го вели во интервју за Дојче Веле претседателот на државата Стево Пендаровски запрашан за став за поширокиот економски пакет, за кој премиерот Заев верува дека ќе ја живне домашната економија, меѓудругото и со легализација на марихуаната..

Скопје – Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа надвор од рамките на договорот. Тука немавме маневарски простор, зашто барањата се однесуваа на прашања за кои не се преговара, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле.

Оценува дека шансите да се дојде до решение се минимални, иако постојат. Тоа е така, вели Пендаровски, затоа што станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал, ниту ќе преговара.

Скопје–  Нашата државност почива на темелите на антифашизмот, но неприфатливо е давање етнички карактеристики на фашизмот,  изјави вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, осврнувајќи се на ставовите што ги искажа во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, а кои предизвикаа реакции во јавноста.

Заев вчера одговараше на новинарски прашања по реакциите кои ги предизвика неговото интервју во македонската јавност, а меѓудругото потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, наведувајќи дека никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Додаде дека Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените.

Скопје – Во организација на Францускиот институт во Скопје денеска ќе се одржи еднодневна онлајн дебата насловена „Климатското затоплување на Балканот и обновливите видови енергија“.

Главните теми на кои ќе се осврнат учесниците се: миграција на населението со силна концентрација во Скопје, производството на електрична енергија базирано на термоелектрични централи и јаглен, недоволната свесност за обновливите извори на енергија, греењето во домовите каде што се користат горива со ниска цена, како и за потребата од поразвиен јавен превоз.

Скопје – Во Собранието денеска седница ќе одржи Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот.

Членовите на Постојаната анкетна комисија ќе ја разгледаат претставката од граѓанинот Чедо Пан.

Скопје – На Воено-медицинскиот центар во Скопје денеска ќе биде предадена донација од брзи ковид тестови обезбедени од Кралството Норвешка.

На примопредавањето на донацијата ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и норвешкиот амбасадор Егил Далтвејт.

Скопје – Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, а како сведок е повикан премиерот Зоран Заев.

На претходните рочишта за упадот и насилствата во Собранието сведочеа поранешни и актуелни пратеници.

Скопје – Свечена академија по повод 28 Ноември – Денот на албанското знаме и независноста денеска ќе се одржи во Скопје.

Свечената академија ќе се одржи под покровителство на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.

Подгорица – Мандатарот на новата црногорска Влада, Здравко Кривокапиќ, денеска ќе го претстави конечниот предлог за состав на 42-та Влада на Црна Гора, соопшти Граѓанското движење УРА.

Како што се наведува оттаму, прес-конференцијата ќе се одржи на пладне во Подгорица.

Стокхолм – Шведска, која предизвика полемики поради неприменување на мерки за време на пандемијата, призна дека не гледа знаци на имунитет на стадо и оти расте бројот на новозаразени со коронавирусот.

Андерс Тегнел, творецот на контроверзната стратегија на Шведска без „заклучување“, претходно тврдеше дека Шведска ќе помине подобро од другите земји во вториот бран откако изгради колективен имунитет за време на првиот.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на брифинг за новинарите во Белата куќа изјави дека ќе ја напушти функцијата ако колеџот на електори гласа за неговиот противкандидат Џо Бајден. 

По видео конференција со претставници на американската армија во чест на Денот на благодарноста, Трамп беше прашан дали ќе замине во случај гласањето на колеџот да не е во негова полза.  

Вашингтон– Милиони Американци, сепак, и годинава отпатуваа кај своите семејства ширум САД, на традиционалните семејни собири по повод Денот на благодарноста, и покрај предупредувањата на експертите да не го прават тоа поради постојаното зголемување на бројот на заразени и умрени од коронавирусот.

Гласот на Америка пренесе дека поради игнорирањето на апелите на експертите сега постои оправдан страв од нов бран зарази во декември.

Рим – Познатиот фудбалски агент Мино Рајола ја коментираше идејата за воведување ограничување на платите во светскиот фудбал.

– Кога ФИФА ќе одлучи да воведе ограничување на платата, тоа ќе значи дека клубовите повеќе нема да можат да донесуваат свои одлуки. Тие немаат право да им кажуваат на клубовите како да го прават својот бизнис. Очигледно, трансфер пазарот веќе не работи како што посакува ФИФА, изјави Рајола за „Фудбал Италија“.

Буенос Аирес – Поранешниот аргентински фудбалер и тренер Диего Марадона е погребан на гробишта во близина на Буенос Аирес. Марадона е погребан на приватните гробишта „Бела Виста“ до неговите родители. На погребната церемонија учествуваа само роднините и пријателите на Марадона.

Претходно за време на церемонијата на збогување во Буенос Аирес, избувнаа немири. Настанот, кој се случи во претседателската палата во аргентинската престолнина, мораше да биде прекинат.

Барселона – Кандидатот за претседател на Барселона, Емили Русо, вети дека ќе одржи референдум за преименување на стадионот „Камп Ноу“ во чест на напаѓачот Лионел Меси.

– Ќе одржиме референдум за промена на името на стадионот „Камп Ноу“во чест на Лео Меси“, изјави Русо за „Goal“.

Скопје – Ведро и студено е утринава во целата држава. Слаба магла има во Скопската котлина и во Демир Капија.

Според утринските мерења на УХРМ, најстудено е во Берово каде се измерени -8 степени по што следуваат Битола и Струмица со -7, Демир Капија со -6 и Тетово со -5. Четири степени под нулата се измерени во Скопје, Прилеп, Штип и Гевгелија, -3  во Дебар и -1 во Крива Паланка и Лазарополе. Нула степени утринава се измеренеи во Охрид, Виница и Маврово и 4 степени во Крушево и Дојран.   За денеска синоптичарите најавуваат сончево време со слаба магла по котлините во утринските часови. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18 степени. Во Скопје слично време со максимална температура до 10 степени.

Back to top button
Close
Close