МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 ноември 2020

24 ноември 2020

Софија, 24 ноември 2020 (МИА) – Во Европската инвестициска банка (ЕИБ) напорно работиме за да ги усогласиме сите наши проекти со Парискиот договор до крајот на оваа година, изјави во видео обраќање потпретседателката и член на Управниот одбор на ЕИБ, Лилјана Павлова за време на конференцијата „Транзиција кон зелена економија и вработување во Бугарија – насока, цели, политики, можности и предизвици“.

Таа додаде дека е планирано до 2025 година, 50 отсто  од сите инвестиции на ЕИБ да бидат наменети за одржливост на климата и животната средина. Додека од годинава до 2030 година односно за 10 години да се мобилизираат еден трилион евра во инвестиции и во отпорност на клима, животна средина – зелени инвестиции.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 814 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 70 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, соопшти Министерството.

Како што посочуваат оттаму, во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 46 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 118 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 111 пациенти, во Прилеп 104, во ковид центарот во Гостивар 49, а во Струга 32 болни.

Атина, 24 ноември 2020 (МИА) – Грци на возраст од над 50 години се мнозинството од 106-те лица кои во овој период се без кров над глава и живеат на улиците во Солун, според грчката невладина организација „Арсис“, која им помага на бездомниците, особено за време на карантинот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од солунската невладина организација соопштуваат дека во овој период, ги информираат бездомниците, меѓу другото и за заштита од коронавирусот, им даваат потврди за движење во карантинот, за да избегнат казни, им делат антисептици и маски, заедно со храна и вреќи за спиење, ги информираат и за пеосторите од општина Солун каде што може да преспијат или да престојуваат во текот на денот и сл.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – Министерството за правда веќе почна постапка за изготвување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат вметнати кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници. Ова денеска го истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ во обраќањето на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.

За составување на квалитетен текст на законот, тој додаде дека како Министерство одржале состанок со претставниците на новинарска фела и новинарските здруженија, вклучително и ЗНМ и синдикатот.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – Кривична пријава е поднесена против сопственик на угостителски објект кој работел по 23 часот спротивно на одлуката за Владата за ограничување на работното време.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека кривичната пријава е поднесена против Ш.А. (48) од тетовското село Речица поради основано сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Мадрид, 24 ноември 2020 (МИА) – Шпанската Влада ќе предложи поинакви Божиќ и Нова година, со ограничувања поради коронавирусот, така што на прославите ќе бидат дозволени само шест лица, пишува денеска шпанскиот весник „Мундо“.

Цитирајќи нацрт-документ на Министерството за здравство, за кој ќе се разговара со регионалните здравствени лидери, „Мундо“ наведува дека Владата ќе препорача канцелариските собирања и сличните прослави пред празниците да се одржуваат на тераси во ресторани, надвор или на места кои немаат повеќе од два ѕида.

Атина, 24 ноември 2020 (МИА) – По двајцата пратеници, еден од Комунистичката партија и еден од Нова демократија, сега и десет пратеници од СИРИЗА, лекари по професија, изразуваат подготвеност да се вратат во болниците, да го помогнат здравствениот систем и волонтерски да се вклучат во битката со пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Секретарката на пратеничката група на СИРИЗА, Олга Геровасили, која и самата е лекар, преку писмо, денеска го информираше министерот за здравство на Грција дека сите пратеници што се лекари „со целосно чувство на одговорност кон грчкиот народ и поради потребата на здравствениот систем, стојат на располагање да го поддржат здравствениот систем“.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – Во тек е медицинско опремување на објектот (на поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица“, сегашен хотел „Ибис Стајлс“), што Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го отстапи за хоспитализација на пациенти со Ковид-19. Се подготвува и техничката документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Во тек се и преговорите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со Ковид-19, информираат од болницата.

Анкара, 24 ноември 2020 (МИА) – Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, изјави дека „Грција, администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар и некои членки на Европската Унија (ЕУ) ги пренесуваат проблемите со Турција во ЕУ и оти тоа влијае на односите меѓу Турција и ЕУ“, јави агенцијата Анадолија.

Истакнувајќи дека случувањата во Источниот Медитеран и Егејот влијаат на односите меѓу Турција и ЕУ, Чавушоглу рече дека „двојката Грција и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар не се сами“.

Преторија, 24 ноември 2020 (МИА) – Во африканските држави во изминатите 24 часа регистрирани се 9.448 потврдени случаи со новиот коронавирус, а вкупниот број се искачи над два милиона, соопшти денеска Регионалната канцеларија на Светска здравствена организација за Африка.

Во Африка вкупно со Ковид-19 инфицирани се 2.079.911 лица. Во изминатото деноноќие регистрирани се 272 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од последици од новиот коронавирус изнесува 49.993 лица, а оздравеле над 1,7 милиони луѓе.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – „На другата страна“ е насловен текстот на новинарката Светлана Божиновска од ТВ 24 кој е првонаграден на конкурсот за новинарски текстови на тема „Мостовите на Скопје“. Втората награда ја доби Јасмина Никова од МРТ за текстот „Рацете што ги спојуваат бреговите и нашите души“, а  добитник на третата награда е Светлана Блажевска, новинарка од весникот Вечер за текстот „Скопје тече под сите мостови на Вардар“.

-„На другата страна“ ми беше идеја бидејќи секогаш на другата страна може да се најде нешто подобро, нешто поубаво и верувам дека пандемијата што во моментов е приоритет кај нас и во светот ќе остане зад нас и ќе направиме едни нови мостови на соработка и успешност за сите луѓе, изјави Божиновска на доделувањето на наградите денеска во Националната опера и балет.

Скопје, 24 ноември 2020 (МИА) – Расправата за Предлог-буџетот за 2021 година на првиот ден од разгледувањето во собраниската Комисија за финансирање и буџет помина со забелешки од страна на опозицијата дека се работи за неразвоен Буџет без визија и укажувања од страна на парламентарното мнозинство дека е насочен кон поддршка на здравството, економијата и граѓаните.

За опозицијата, предложениот буџет за следната година е нереален и строго партиски и со него нема да се поддржат реалниот сектор и граѓаните, додека за пратенците од власта буџетот е континуитет на одговорните и домаќински политики на Владата предводена од СДСМ. Со Буџетот, како што посочија пратениците од власт, се обезбедува одржливост, но и можности за побрзо надминување на негативните последици од корона кризата.

Стокхолм, 24 ноември 2020 (МИА) – Шведскиот инспекторат за здравство и социјална заштита (ИВО) денеска соопшти дека открил сериозни недостатоци во грижата за штитениците на домовите за стари лица во кои илјадници луѓе починале од Ковид-19.

Коронавирусот ги „опустоши“ домовите на стари лица во првиот бран на пандемијата, поради што премиерот Стефан Лофвен во мај призна дека земјата не успеала да ги заштити своите постари граѓани.

 

Back to top button
Close
Close