МИА ФлешПакети

МИА Флеш

11 ноември 2020

11 ноември 2020

Скопје – Земјотресот со локална Рихтерова магнитуда од пет степени е регистриран рано изутринава во 04 часот и 54 минути во во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар на 50 километри југозападно од Скопје.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со пет степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со четири, а во Битола, Прилеп и околината со три степени.

Скопје – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ќе одржи седница.

На дневен ред на седницата на ДКСК е постапување по конкретни предмети.

Скопје – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за економски прашања и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за економски прашања се Годишен извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2019 година и Предлог – закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка.

Скопје – Стопанската комора на Македонија денеска организира работна средба на тема „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.

На средбата, информираат од Комората, ќе се разгледаат актуелни теми од областа на агро секторот.

Скопје – Црвениот крст на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 75 години од своето основање и 25 години од добивањето на статусот полноправен член во Меѓународната Федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина денеска организира низа активности кои беа започнати пред пандемијата. Една активност од нив е и изложбата на уметникот Љубе Алексовски кој исто така оваа година одбележува 40 години ликовно искуство.

Изложбата ќе биде презентирана денеска во просториите на Културен Информативен Центар -КИЦ- Скопје, а ќе ја отвори претседателот на Црвениот крст на РСМ проф.д-р Ромел Велев.

Скопје – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска организира дебата на тема „На кого останува новинарството“.

Дебатата ќе се одржи онлајн, на платформата Zoom, со почеток од 10:30 часот.

Скопје– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и британската амбасадорка Рејчел Галовеј денеска ќе ги посетат припадниците на Армијата од 1. пешадиска чета од Лесната пешадиска борбена група, кои на армискиот полигон „Криволак“ изведуваат колективна обука под менторство на мобилен тим за обука од Обединетото Кралство.

Како што најави Министерството за одбрана, Шекеринска и Галовеј ќе присуствуваат на изведувањето на дел од обуката, по што ќе дадат изјави за медиумите.

Скопје – Во организација на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола и Техничкиот факултет-Битола по повод Светскиот ден на науката, денеска во Битола ќе се одржи Првата студентска конференција на тема „Техниката и урбаниот развој“.

Конференцијата ќе ја отвори проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Марјан Ѓуровски и претставници од организаторот и студенскиот парламент.

Скопје – Дел од корисниците од улиците „Коперникова“ и „Иван Тургењев“ во Општина Кисела Вода и од село Катланово,  како и корисниците од Кочкова Населба, Месна Река (Катлановска Бања), село Градманци и објектите на вентилаторската станица и Оне – Вип во Општина Петровец, утре од 8:30 до 14:30 часот ќе останат без напојување со електрична енергија.

Од 9:00 до 11:00 часот без струја ќе бидат и дел од корисниците од Волково, Новоселски Пат и Стопански Двор, од 9:00 до 15:00 часот корисниците од улицата „Иван Козаров“ од бр.2 до бр.22 и од бр.33 до бр.51 и од улицата „Доситеј Обрадовиќ“ бр.3 во Општина Кисела Вода, а од 10:00 до 14:30 часот корисниците од село Бојане.

Тирана – Албанија од денеска воведува полициски час како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот, по наглото зголемување на случаите во изминатите неколку недели.

-На сите граѓани ќе им биде забрането да ги напуштаат своите домови од 22.00 до 06.00 часот. Ограниченото движење почнува од денеска и ќе трае три недели, што, сепак, зависи од епидемолошката состојба со Ковид-19. Од оваа одлука се изземаат само службите за итни потреби, односно секторите електродстрбуција, водовод, телекомункации, противпожарните единици и медиумите, информираше Огерта Манастирлиу.

Атина– Сите оние кои од денеска, до 30 ноември ќе пристигнат со меѓународни летови во Грција, потребно е да имаат негативен ПЦР тест, направен 72 часа пред патувањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката е за периодот додека земјата е во карантин, а според издадените упатства Службата за цивилно воздухопловство на Грција, утрово стапи во сила.

Будимпешта – Унгарскиот Парламент го усвои Законот за одговор на Владата на вториот бран коронавирус, со кој се продолжува вонредната состојба во земјата.

Законот и дава на Владата поголеми овластувања за време на вонредната состојба за уште 90 дена.

Адис Абеба – Смртоносниот вооружен конфликт меѓу централната влада на Етиопија и нејзиниот непослушен северен регион Тиграј од вчера почна да се прелева надвор од границите на земјата, откако неколку илјади лица избегаа во Судан, заедно со мал број војници кои побараа заштита, додека регионалниот лидер на Тиграј ја обвини Еритреја за напад врз нив на барање на сојузната влада на Етиопија.

Добитникот на Нобеловата награда за мир, етиопскиот премиер Абиј Ахмед, ги отфрли меѓународните барања за дијалог со лидерите на Тиграј, изјавувајќи дека нема да има преговори се додека не заврши „операцијата за спроведување на законот“. Тој се обидува да ги уапси шефовите на регионалната влада кои неговата администрација ја сметаат за незаконска и сака да го уништи нивниот добро наполнет арсенал од оружје и муниција.

Хонг Конг – Четворица продемократски пратеници денеска ги загубија своите места во парламентот на Хонг Конг откако беа дисквалификувани, по резолуцијата што беше донесена од Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес, јави ДПА.

Во резолуцијата наметната од Постојаниот комитет се наведува дека законодавците кои ја поддржуваат или промовираат независноста или одбиваат да го признаат суверенитетот на Кина врз овој полуавтономен регион, треба да бидат дисквалификувани од седниците на парламентот на Хонг Конг или Законодавниот совет.

Барселона – Раководството на Барселона донесе одлука да не го продава напаѓачот Усман Дембеле претстојната зима.

Според шпански „Sport“, 23-годишниот Французин останува во клубот бидејќи се повреди уште еден каталонски напаѓач, Ансу Фати. Според прелиминарните податоци, заздравувањето на Фати може да трае до четири месеци.

Торино– Јувентус очекува да се раздели со напаѓачот Кристијано Роналдо во летото 2021 година. Според „ Tuttomercatoweb“, италијанскиот клуб очекува да го размени Португалецот со ѕвездата на Пари Сен-Жермен и бразилската репрезентација Нејмар.

И на двајцата играчи клупските договори истекуваат во 2022 година, така што на крајот од сезоната ќе можат да менуваат екипи.

Лондон – Извршниот директор на Премиер лигата, Ричард Мастерс изјави дека лигата нема намера да го врати правилото за пет замени.

Претходно за враќање на правилото на пет замени инсистираа главните тренери на Ливерпул, Јирген Клоп и на Манчестер сити, Пеп Гвардиола.

Back to top button
Close
Close