МИА ФлешПакети

МИА Флеш

10 ноември 2020

10 ноември 2020

Скопје – Во Софија денеска ќе се одржи лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се  Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Битиќи и Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти владината прес-служба.

Скопје– Лидерите на западнобалканските земји и претставници на ЕУ денеска во Софија ќе одржат Самит за Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Северна Македонија и Бугарија.

Покрај лидерите на земјите од регионот, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, на Самитот се очекува да учествуваат и шефови на држави или влади на членките на ЕУ, вклучително и бугарскиот премиер Бојко Борисов и  германската канцеларка Ангела Меркел, како иницијатор на Берлинскиот процес, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Скопје – Сите мерки кои ги спроведовме ценам дека се добри и го дадоа очекуваниот ефект. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега тие остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница. За секоја промена, јавноста навремено ќе биде известена, вели во интервју за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа е задоволна како се одвива наставата од почетокот на учебната година на 1 октомври, посочувајќи дека над 90 отсто од учениците во државата успешно следат онлајн-настава, а се намалува и бројот на деца кои немаат ИТ-уреди. Вели дека сè уште има предизвици, но и очигледни заложби за нивно елиминирање.

Скопје – Граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе можат да ги минуваат границите и без ПЦР-тест, а доколку државјанин една од трите земји поради Ковид-19 се најде во болница, државата во која се наоѓа ќе ги преземе трошоците за лекување.

Ова, меѓудругото, е предвидено во Меморандум за соработка во услови на Ковид-19, кој вчера го потпишаа премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Србија, Ана Брнабиќ и на Албанија, Еди Рама во присуство на министрите за здравство.

Скопје – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе го одбележи Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, оваа година онлајн поради пандемијата со КОВИД-19. 

Како што соопшти УКИМ, на одбележувањето ќе се обрати ректорот Никола Јанкуловски и ќе бидат претставени добитниците на годишните награди за најдобри научници и уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2019 година

Скопје – Во Скопје денеска официјално ќе биде означен почетокот на преасцелераторската програма на ПрајмПоинт за „Напредни и апликативни технологии”.

Говорници на настанот ќе бидат израелскиот амбасадор во земјава, Дан Оријан, кој воедно е поддржувач на програмата со Министерството за надворешни работи во Израел, претставници на ПрајмПоинт и менторите кои ќе ја водат програмата.

Скопје – Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа”, денеска ќе ја одржи завршната пленарна сесија.

На ова последната сесија младинските учесници на Конференцијата ќе имаат можност да ја презентираат „Младинската визија за Југоисточна Европа“ пред националните и европските претставници на институции.

Скопје – Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за одбрана и безбедност, за транспорт, врски и екологија, за европски прашања и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност се измените на Законот за државјанство и на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

Скопје – Бесплатната вакцинацијата против сезонски грип почнува денеска во шесте поликлиники на територија на град Скопје и тоа во Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и Јане Сандански во рамки на Здравствен дом Скопје. Вакцинацијата ќе се одвива секој работен ден во периодот од 14 часот до 19 часот, информираа за МИА од Здравствен дом Скопје.

Министерството за здравство минатата недела соопшти дека вкупно се набавени 40.000 дози на четиритипни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи во кои спаѓаат стари лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години. Вакцините се производ на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Скопје – На патниот правец Кичево-Охрид, делницата Пресека-Песочан денеска во периодот од 12:00 до 15:00часот ќе има повремени прекини во сообраќајот во двата правца поради минирања што ќе ги врши Илинден АД Струга, информира АМСМ.

Повремените прекини ќе бидат во времетраење од 15 до 20 минути.

Скопје – Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во сообраќајот. Притоа, само на територијата на град Скопје изрече вкупно 222 мерки, меѓу кои 32 за возење без возачка дозвола, 24 за технички неисправни и нерегистрирани возила, 86 мерки за непрописно паркирани возила.

-Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, наведува МВР.

Скопје – Без струја утре ќе останат корисници од општините Чаир, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода,  Аеродром и Петровец, информира РЦУК.

Во периодот од 09:30 до 12:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците на дел од ул. „Иван Манолев“и дел од ул. „Рокомија“куќи бр.57 А-Б и 59 А-Б во општина Чаир, во периодот од 11:00 до15:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците  од зградите и куќите на потегот меѓу улиците „Вера Јоциќ“, „Георги Димитров“ и „Народни Херои“, дел од ул. „Георги Динитров“ спроти бр.17, ул. „Вера Јоциќ“ бр: 4, 5, 6, 10, 12, 12 а, 14, 14 а, 16 и околните во општина Кисела Вода, како и корисниците од ул. „Копрушка“ (од бр.2-20 само парните броеви), во општина Ѓорче Петров.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон претрпе пораз во Горниот дом на Парламентот, кој го отфрли неговиот нацрт-закон што ќе му овозможи да ги прекрши одредбите од договорот за излез на Велика Британија од Европската унија.

Како што пренесуваат британските медиуми, Домот на лордовите гласаше со 433 против и 165 за да се отстрани клучната одредба од законот, што им овозможува на министрите еднострано да ги кршат одредбите од договорот во врска со Северна Ирска.

Париз – Стапката на невработеност во Франција драстично се зголеми во последното тримесечје од годината, достигнувајќи девет отсто,  покажуваат последните податоци на  Националниот институт за статистички и економски студии- ИНСЕЕ, јави дописникот на МИА.

За време на посочениот период, апсолутната бројна на невработени во Франција, според начинот на пресметување на Меѓународното биро за труд, достигна 2,7 милиони лица, што претставува  повеќе од 628.000 невработени.

Вашингтон – Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба до сојузниот суд во Пенсилванија, барајќи да ги спречи владините претставници да ја потврдат победата на демократскиот кандидат Џо Бајден во таа сојузна држава.

Во тужбата се наведува дека системот за поштенско гласање во Пенсилванија немал карактеристики на транспарентност и проверливост, што постоеле во случај на лично гласање.

Ереван – Ерменскиот премиер Никол Пашинијан синоќа изјави дека со лидерот на Азербејџан, Илхам Алиев, потпишал декларација за прекин на војната во Нагорно Карабах, а „гарант“ на потписот е рускиот претседател Владимир Путин. Оваа одлука предизвика незадовоство во главниот град на Ерменија, Ереван, и упад на граѓаните во зградата на ерменската Влада.

„Донесов тешка, исклучително тешка одлука за мене лично и за сите нас. Потпишав декларација со претседателите на Русија и Азербејџан за прекин на војната, со почеток од 1 часот по полноќ”, напиша Пашинијан на Фејсбук.

Вашингтон – Американскиот трговски претставник Роберт Лајтхајзер изрази разочарување од одлуката на Европската унија во понеделникот да воведе даноци за увоз на стоки од САД во вредност од четири милијарди долари.

„Соединетите Американски Држави се разочарани од постапката на ЕУ. ЕУ постојано ја нагласува својата посветеност кон правилата на Светската трговска организација (СТО), но ова соопштение покажува дека тие го прават тоа само кога им одговара”, се вели во изјавата на Лајтхајзер.

Вашингтон–  Тимот за транзиција на власта на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ја разгледува можноста да почне правна постапка во врска со доцнењето на федералната Управа за општи работи да ја признае победата на кандидатот на демократите на изборите од минатата недела во дуелот со актуелниот претседател, Доналд Трамп, изјави официјален претставник на тимот на Бајден

Управата за општи работи (ГСА) вообичаено го признава претседателскиот кандидат кога ќе стане јасно кој победил на изборите, за да може да почне трансферот на власта.

Ла Паз – Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, се врати во земјата од егзилот во Аргентина и веднаш тргна на тридневно патување од 1.000 километри до неговото упориште во централниот дел на земјата.

-Дел од мојот живот остана во Аргентина, по 11 месеци прогонство, рече поранешниот претседател, кој пешки го мина делот од границата меѓу градот Ла Квика, на северот од Аргентина, до Вилазон, во јужниот дел на Боливија, јави Хина.

Лима – Перуанскиот Конгрес гласаше за отповикување на претседателот Мартин Вискара под обвинение за корупција, скоро два месеца откако беше одбиено првото барање за отповикување. Тој рече дека ќе ја прифати таква одлука.
По расправата, Конгресот, во кој опозицијата има мнозинство, успеа да ги собере потребните 87 гласови за да се гласа за отповикување.

Ереван – Претседателот на ерменскиот Парламент Арарат Мирзојан беше повреден од демонстрантите во протестите во центарот на Ереван, објави на Фејсбук премиерот Никол Пашинијан.

Арарат Мирзојан беше претепан од некои ѓубриња. Сега е опериран, ништо не го загрозува неговиот живот”, напиша Пашинијан.

Виго – Хрватскиот фудбалер Марио Манџукиќ се најде во сферата на интерес на Селта, објави „АС“.

Раководството на шпанскиот прволигаш размислува да го ангажира 34-годишниот напаѓач. Сепак, конечната одлука за играчот ќе ја донесе новиот тренер, кој ќе го замени разрешениот Оскар Гарсија.

Париз– Поранешниот фудбалер на Пари Сен-Жермен, Тијаго Мота реагираше на можноста да го предводи парискиот клуб. – Многу е ласкаво и пријатно што луѓето зборуваат за мене. Горд сум на тоа и се чувствувам среќен. Среќен сум што добив признание од навивачите на клубот во кој сум го поминал поголемиот дел од мојата кариера. Се надевам дека еден ден ќе успеам да ја вратам довербата искажана кон мене, изјави Мота за „RMC Sport“.

Вашингтон– Раководството на НБА официјално објави дека постигна договор со синдикатот на играчи за измена на договорот за колективно договарање пред сезоната 2020/21.

Договорот мора да биде одобрен од Одборот на гувернери на НБА.

Скопје– Времето во земјава ќе биде сончево со мала локална облачност. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Утринската температура ќе се движи од минус 3 до 3, а дневната од 14 до 20 степени.

Во Скопје, во утринските и во претпладневните часови магливо, а околу пладне и попладне сончево. Утринската температура ќе се спушти до 1, а дневната ќе достигне до 14 степени.

Back to top button
Close
Close