МИА ФлешПакети

МИА Флеш

30 октомври 2020

30 октомври 2020

Скопје – Вкупно 528 санкции се изречени во текот на вчерашниот ден на територијата на Град Скопје во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, што ги спроведува МВР.

Од МВР денеска информираа дека за возење без возачка дозвола казнети се 56 лица, изречени се 56 мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, шест се санкционирани мотоциклисти, додека 85 санкции за некористење сигурносен појас и користење мобилен телефон при возење.

Скопје – Полицијата во изминатото деноноќие во државава изрекла 928 санкции за неносење маска.

-Во текот на изминатото деноноќие (29/30.10.2020) на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 928 прекршоци, соопшти МВР.

Скопје – Зајакнување на соработката помеѓу Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Министерството за економија, во делот на креирање на мерки и политики за подобрување на условите за работа на компаниите, беше целта на денешната работна средба на министерот за економија Крешник Бектеши со претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа, потпретседателите Арсим Папранику, Ејуп Абдулаи и членот на комората, Ќаније Селими.

За таа цел, информираат од кабинетот на Бектеши, Стопанската комора на Северозападна Македонија назначи еден од своите членови кој ќе биде директен линк помеѓу комората и Министерството за економија во делот на креирање на мерки за поддршка на бизнисот.

Скопје – Изменет времен режин на сообраќај е воведен од денеска на патот Кичево-Охрид поради градежни активности на  делницата помеѓу селата Климештани и Мешеишта, како и на делницата Пресека-Песочан, кај село Врбјани.

Автомотосојузот на Македонија соопшти дека ГП Викторија Инвест од денеска започна со изведување градежни работи на патниот правец А2 Кичево – Охрид,  на делницата помеѓу с. Климештани – с. Мешеишта, каде ќе има изменет времен режим на сообраќајот, кој ќе трае се до завршување на активностите.

Скопје – Ја цениме принципиелната позиција на Литванија за поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, а особено сме благодарни што го препознавате нашиот напор, со добра волја и низ дијалог да ги надминуваме сите отворени прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на видео-средбата со министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус.

Скопје – Индустриското производство во септември годинава, во однос на септември 2019 година бележи пад од 3,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци индустриското производство во периодот јануари – септември 2020 година, во однос на периодот јануари – септември 2019 година, бележи пад од 12,1 отсто.

Скопје – Без вода денеска од 10:40 часот ќе останат корисниците од селото Трубарево во Општина Гази Баба.

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е заради дефект на огрлица ф-100мм на ул.18/1 во Трубарево.

Скопје– Институтот за демократија и Центарот за европски стратегии Евротинк во соопштение до медиумите повикуваат оти е дојдено вистинско време вицепремиерот за европски прашања заедно со Секретаријатот за европски прашања да преземат одлучни чекори кон ревидирање на преговарачката структура и комплетирање на преговарачкиот тим и работните групи за подготовка на преговарачките позиции, со цел да ја подготват државата за предизвиците кои стојат на патот кон членството во Европската Унија.

Институтот за демократија и Евротинк потсетуваат дека земјава во моментов е во исчекување на дефинирањето на преговарачката рамка од страна на земјите-членки на Европската Унија. Доколку таа биде усвоена во ноември, се очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи во декември и со тоа преговорите за членство во Европската Унија и официјално да започнат.

Скопје– Министерот за здравство Венко Филипче им ја честита 13 Ноемвриската награда на Град Скопје на годинашните добитиници од областа на здравствената заштита и тоа на епидемиологот д-р Жарко Караџовски, како и на тимот кој ја направи првата трансплантација на срце во земјава на 23 мај годинава, соопшти Министерството за здравство.

Во тимот кој го трансплантираше првото срце учествуваа: доц. д-р Маја Мојсова, д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев, Адријана Георгиев, проф. Кочо Димитровски, проф. Сашко Јовев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, академик Жан Митрев, д-р Александар Николиќ, д-р Менка Лазаревска, д-р Тања Анѓушева, д-р Ванѓел Здравевски, д-р Ќјутмил Џемили, д-р Никола Христов, д-р Стафанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Димче Славевски и д-р Марија Гераковска.

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“. Конференцијата е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD.

-Оваа платформа за размена на експерти меѓу трите држави, која е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD, доаѓа во вистинско време. Во услови на пандемија, важноста на високото образование и на науката станува уште позначајна, не само во справувањето со последиците, туку и во дизајнирањето на нашите општества врз одржливи основи за во иднина. За да можеме да се ориентираме кон зелена и инклузивна економија, чиста технологија, обновлива енергија, неопходно е да развиваме силно партнерство меѓу носителите на одлуки, научната и академска заедница и бизнис-секторот. А, предусловот за тој потфат бара градење на меѓусебна доверба меѓу клучните чинители, рече претседателот во обраќањето.

Атина – Вкупно 66 бегалци, меѓу кои 18 деца без придружба, од Грција заминаа во Германија во рамки на програмата за релокација на признати бегалци во земји од Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштуваат дека во последниот месец од Грција во Германија заминале 149 бегалци и 100 деца без придружба.

Анкара – Поранешниот премиер на Турција, Месут Јилмаз почина на 72-годишна возраст.

Јилмаз беше член на партијата Матица (АНАП) од 1991 до 2002 година, а во текот на 90-тите години трипати беше биран за премиер, но неговите два мандата траеја само по неколку месеци поради пад на неговите коалициски влади.

Атина – Без маски, без дистанца, млади Солунчани доцна синоќа се забавуваа во ноќен клуб или како што напишаа самите, споделувајќи видеа на социјалните мрежи, „последно излегување пред карантинот“, јави дописничката на МИА од Атина.

И покрај тоа што во Грција веќе извесно време постои забрана за стоење во кафулињата и клубовите кои затвораат на полноќ, од објавените видеа, се гледа дека оваа мерка воопшто не се почитува, а младите се забавуваат како да не постои коронавирусот, што е особено раширен токму во Солун.

Москва – Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Олег Сиромолотов изјави дека Русија во повеќе наврати ја предупредувала Франција за опасноста од терористи кои мигрирале од Северен Кавказ во Франција, додека француските власти ги сметале за „борци за слобода“.

Тој рече дека многу од овие „борци за слобода“ во меѓувреме станале граѓани на Франција, а со тоа и на Европската унија.

Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан коментирајќи го вчерашниот  терористички напад во Ница, изјави дека Африканците треба да имаат иднина во Африка.

Тој додаде дека држава која не сака да доживее слично искуство како во Франција мора да забрани влез на мигрантите.

Велингтон – Граѓаните на Нов Зеланд на референдум се изјаснија против легализација на марихуана во рекреативни цели, покажуваат првичните резултати.

Околу 53 проценти од граѓаните гласале „против“,а 46 се изјасниле „за“ легализација на марихауната.

Ливерпул – Напаѓачот на Ливерпул, Дивок Ориги може да ги смени клупските бои во јануари, објави „LiverpoolEcho“.

Според изворот, 25-годишниот Белгиец сака да добие поголема минутажа за играње и тоа е причината да размислува за заминување.

Хинвил – Возачите Кими Раиконен и Антонио Џовинаци ќе продолжат да настапуваат за Алфа Ромео во сезоната 2021 година, пренесува прес-службата на Формула 1 тимот.

Четириесет и едногодишниот Финец и 26-годишниот Италијанец ги обновија договорите за следната година.

Торино – Раководството на италијанскиот фудбалски шампион Јувентус започна преговори за раскин на договорот со својот поранешен тренер Маурицио Сари, кој беше сменет во август по испаѓањето во осминафиналето од Лигата на шампионите против Лион.

Досега страните не можат да се договорат околу висината на надоместокот за 61-годишниот стручњак, објави новинарот Николо Скира.

Скопје – УХМР најавува дека во следните денови ќе преовладува претежно сончево време со мала до умерена, а на места, особено во северните и источните делови повремено значителна облачност со услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, особено изразен вдолж Повардарието.

Во недела минималната температура наместа ќе достигне до 0, додека во понеделник во утринските часови ќе биде и до – 2 степени. Максималните температури наместа ќе достигнат над 20 степен.

Back to top button
Close
Close