МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 октомври 2020

29 октомври 2020

Скопје – Носењето лична заштита на лицето станува задолжително за граѓаните со новите измени на Законот за заштита на населението од заразни болест, што синоќа ги усвои Собраните. Оваа мерка ќе важи за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично, соопшти Министерството за здравство.

Граѓаните, како што се посочува, ќе треба да носат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.

Скопје – ЈП Водовод и канализација-Скопје известува дека денеска поради уличен дефект ф-300 мм на „Киро Фетак“ 1/11, без вода ќе бидат дел корисниците на улиците „Киро Фетак“, „Малешевска“, „Славка Динкова“, „Коперникова“ и „Румена Хаџипанзова“.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 до завршување со активностите.

Скопје – Во рамки на засилените акциски контроли на полицијата вчера во Скопје се санкционирани 287 возачи.

-Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територијата на град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 287 санкции, меѓу кои за пречекорување на дозволената брзина на движење 4 прекршоци, 11 мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, 15 за возење без возачка дозвола, 72 мерки за непрописно паркирање, а 58 возила се подигнати со „пајак“. Изречени се 123 санкции за неносење на заштитна маска, информираат од МВР.

Скопје – По скратена постапка во Собранието се доставени законите од Министерството за финансии кои се во насока на реализација на мерките од четвриот пакет.

На денешната 20-та седница на Собранието на дневен ред се покрај дополнетиот предлог Ребаланс и Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравственоекономската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка.

Скопје – Самоизолацијата е задолжителна при тестирање за Ковид-19 од закажување на тестот или самото тестирање, па се до добивање на резултатот. Доколку резултатот е позитивен самоизолацијата продолжува, соопшти Министерството за здравство.

Ова се предвидува со новите измени на Законот за заштита на населението од заразни болести што синоќа ги усвои Собранието.

Скопје – Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска оствари средба со унгарскиот амбасадор Ласло Дукс, со кого разговараше за актуелните состојби поврзани со мерките за поддршка на економијата во услови на пандемија, како и за економската соработка и поддршката што Унгарија и ја дава на земјава во процесот на пристапување кон ЕУ.

Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, се согласиле дека економската соработка се развива во позитивна насока и оти само за неколку години Унгарија станала 9-ти трговски партнер, искачувајќи се од 27-то место.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека состојбата во градинките се уште е под контрола и оти во нив се почитуваат протоколите за работа. Големиот број изолирани, вели таа, се должи на тоа што само еден позитивен негувател или воспитувач во изолација носи цела група од најмалку 15 деца и негов колега од истата група.

Таа информира дека во изолација се 482 деца кои посетуваат градинка и 77 вработени во градинките. Вкупната бројка на позитивни од 9 септември до вчера е 26 позитивни деца и 92 вработени во градинките, кои не се само негуватели и воспитувачи, туку и градинари, готвачки, хигиеничарки и друг персонал.

Скопје – Ќе биде направена епидемиолошка анкета на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, која вчера на својот фејсбук-профил објави дека е позитивна на Ковид-19. Таа ќе ни каже, можеби не во Собрание, можеби дома или на друго место имала ризичен контакт. Ова денеска за МИА го изјави директорот на Центарот за јавно здравје, Александар Стојанов.

Петровска на својот ФБ профил синоќа објави дека попладнето ненадејно добила зголемена температура и омалаксаност, додека била на седница на Собрание и оти по тестирањето добила позитивен резултат на коронавирус.

Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на почетокот од денешната владина седница, говорејќи за ситуацијата со новиот коронавирус најави нов акциски план во траење од еден месец и уште еднаш повтори дека намерата е да се избегне целосен карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер избегна да даде детали за мерките, но објасни дека новиот едномесечен план е базиран на досегашните процеси на откривање на нови случаи и на тоа кои економски активности предизвикуваат поголеми, а кои помали проблеми и ширење на коронавирусот.

Берлин – Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека одливот на мозоци е проблем во земјите од Западен Балкан, поради што предложи реформи и вети поддршка од Европската унија.

На отворањето на конференцијата „Младите, миграцијата и демографските предизвици на Западен Балкан“ вчера во Берлин, Мас истакна дека Европа не е против миграцијата, но дека е невозможно да се игнорираат проблемите што ги создава оваа појава во земјите од Западен Балкан.

Белград – Авиони со донираните тенкови од Русија почнаа да слетуваат на аеродромот Батајница во Белград.

Руската Федерација и донираше на Србија 30 тенкови Т-72МС на Србија, а првите се веќе испорачани.
Како што изјави поранешниот министер за одбрана, Александар Вулин, Србија тенковите Т-72 ги доби како донација во рамките на воено-техничкиот договор постигнат меѓу претседателите Александар Вучиќ и Владимир Путин.

Минск – Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко денеска го смени министерот за внатрешни работи Јури Карајев и заедно со уште двајца безбедносни претставници именуван е за соработници на претседателот.

За нов министер за внатрешни работи е именуван Иван Курбаков, кој беше началник на полицијата во Минск.

Ханој – Најмалку 25 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати во Виетнам по ударот на тајфунот Молаве, еден од најсилните во тој регион во последните неколку децении.

Повеќе милиони луѓе истовремено останале без струја, а оштетени се 56 станбени објекти.

Вашингтон – Најголем дел од кошаркарите, вклучително и „суперѕвездите“ на лигата, се за почеток на новата сезона во НБА на 18 јануари, објави „Јаху Спорт“.

Во овој случај, пазарот на слободни агенти ќе се отвори на 1 декември.

Манчестер – Напаѓачот на Манчестер jунајтед, Маркус Рашфорд е задоволен од синоќешната победа над Лајпциг во 2. коло од Лигата на шампионите.

Премиерлигашот го победи бундеслигашот со убедливи 5:0.

Париз – Тренерот на Пари Сен-Жермен, Томас Тухел, по победата во Истанбул против Башекшехир во 2. коло од групната фаза во Лигата на шампионите (2:0), ја потенцира тежината на оваа сезона.

– Скоро и да немавме претсезонски тренинг. Ни недостасуваат многу играчи. Купивме многу играчи на крајот од преодниот рок. Не е едноставно. По пауза поради пандемијата, ПСЖ играше во финалето на Купот, плејофот во Лигата на шампионите, а потоа започна и Лига 1.

Скопје – Повремен дожд во северните делови од земјата и мало опаѓање на температурите најавуваат од УХМР за утрешниот ден.

Во утринските часови во северните делови ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, најизразен долж Повардарието, што ќе предизвика опаѓање на дневната температура.

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close