МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 октомври 2020

29 октомври 2020

Скопје – Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, денеска официјално ќе го означат почетокот на повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“ вреден 5 милиони евра, кој има за цел да ги зајакне единиците на локалната самоуправа преку три приоритети на ЕУ: солидарност, соработка и „зелен„ пристап.

– Повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“ има за цел да ги приближи основните принципи на ЕУ за локална самоуправа и супсидијарност до Северна Македонија. Ова ќе се реализира со општините на ЕУ преку споделување на искуство и знаење со македонските општини за тоа како да се решат локалните проблеми. Развојот на иновативни концепти и употребата на националните ресурси во справувањето со проблемите на локално ниво се охрабруваат во рамките на повикот. Со поддршка на ЕУ, локалните самоуправи ќе ги подобрат комуналните услуги, оттаму, тие ќе бидат подготвени да ги преземат пошироките надлежности, се наведува во соопштението од ЕУ делегацијата.

Скопје – „Предизвиците во третманот и лекувањето на ракот на дојка за време на КОВИД 19″ е темата на 13. национална конференција за рак на дојка што ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Здружението за борба против рак “БОРКА – За секој нов ден“, кое и оваа година го одбележува Светскиот месец за борба против ракот на дојка.

Од Здружението „Борка“ најавуваат дека на онлајн конференцијата ќе присуствуваат и министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпанска.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе престојува во официјална посета на Косово.

Како што најави Министерството за транспорт и врски, Бочварски ќе оствари средба со косовскиот министер за инфраструктура Арбан Абраши.

Скопје – Kонференција „Градење мостови за заедничка иднина: Западен Балкан на патот кон Европската Унија“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, Центарот за европски студии Вилфред Мартенс од Брисел и Институтот за општествени истражувања – МК 91.

На конференцијата, како што најавуваат организаторите, свои обраќања ќе имаат Норберт Бекман-Диркес, официјален претставник на КАС, Томи Хухтанен, Извршен директор на Центарот за европски студии Вилфред Мартенс од Брисел, Антонио Лопез-Истуриз Вајт, Генерален секретар на Европската Народна Партија, пратеници од Европскиот парламент, експерти и политичари од целиот регион и од земјата.

Скопје – Во рамки на Деновите на медиумска писменост, Радио МОФ денеска преку видео платформата Зум ќе одржи интерактивно предавање на тема „Како да препознаеме лаги за Ковид-19 на Интернет?“.

– Гости – предавачи на настанот ќе бидат Весна Никодиновска, новинарка и комуниколог МИМ, Марија Севриева, новинарка во Види Вака и Матеј Поп-Дучев, студент по медицина. Преку презентација на нивното досегашно искуство со борење против дезинформациите за Ковид-19 и конкретни примери ќе имате можност да научите како правилно да се информирате за вирусот, од каде да ги наоѓате точните информации, како правилно да ги пренесувате вестите кои сте ги слушнале и како да проверите дали нешто е точно или само лажна вест, најавуваат организаторите.

Скопје – Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, кој содржи амандмани од комисиската расправа, од денеска е на пленарна седница. Според предложениот дневен ред е прва точка на закажаната за денеска 20.седница.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и тие се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходниот ребаланс  беа проектирани на реално ниво, односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1 отсто, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот.

Скопје – Советот за безбедност на Република Северна Македонија денеска во претседателската „Вила Водно“ ќе одржи седница за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19.

На седницата, како што соопшти кабинетот на претседателот, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува министерот за здравство Венко Филипче.

Скопје – Германија повторно потенцира дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава и оти тоа е во интерес на сите вклучени страни. Бугарија пак, нема да ги промени позициите од Меморандумот донесен во нивниот Парламент и смета оти Преговарачката рамка, во формата во која е сега, не е прифатлива за Софија. За македонската страна, Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земји, оти тој документ е наша најголема заштита од неразумни натамошни барања и притисоци.

Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера рече дека се оптимисти за одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на германското претседателство.

Скопје – Пред денешната собраниска седница, чија прва точка на дневен ред е ребалансот на Буџетот, во Собранието е закажано одржување на заседанија на четири комисии.

Собраниската Комисија за надворешна политика треба да ја одржи својата четврта седница на чиј дневен ред се предлог законите за ратификација на Дополнителниот протокол за привилегии и имунитети на Организацијата за црноморска економска соработка, на Протоколот за статусот на Меѓународните воени команди воспоставени во согласност со Северноатлантскиот договор и на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот договор за статусот на нивните сили.

Минск – Министерот за внатрешни работи на Белорусија, Јури Карајев синоќа изјави дека власта нема да се двоуми да употреби боева муниција против демонстрантите, ако биде неопходно за да се задушат протестите поради реизборот на Александар Лукашенко.

Тој додаде дека полицијата за време на протестите била премногу толерантна кон демонстрантите и најави пожесток одговор.

Хелсинки – Резултатите од истражувањето во Финска со кучиња кои можат да намирисаат заболен од новиот коронавирус, покажуваат дека кучињата дошле до речиси идентични резултати како од ПЦР тестовите.

Три кучиња намирисале 2.200 патници кон крајот на септември на аеродромот Хелсинки-Ванта и откриле Ковид-19 кај 0,6 отсто од патниците.

Филаделфија – Властите во Филаделфија од синоќа воведоа полициски час, со цел да се спречат кражбите и насилството за време на протестите, кои избија откако полицијата уби еден Афроамериканец.

Како што е соопштено од кабинетот на градоначалникот на Филаделфија, полицискиот час стапи во сила вчера во 21 часот и трае до денеска наутро во шест часот.

Вашингтон – Едно лице е повредено, а повеќе од 80.000 луѓе во Њу Орлеанс, кој број 400.000 жители, останаа без електрична енергија откако ураганот го погоди американскиот град.

Ураганот Зета од втора категорија, со ветер со брзина од 170 километри на час го погоди Њу Ореланс, откако претходно помина преку јужниот брег на Лијзијана.

Тајпеј – Тајвански воен авион Ф-5Е утрово се урна за време на тренажен лет, соопшти Министерството за одбрана.

Авионот се урна во Тихи Океан на помалку од две минути по полетувањето од авиобазата. Пилотот и покрај тоа што се катапултира, почина во болница.

Манчестер – Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд постигна хет-трик на синоќешниот натпревар од 2. коло на групната фаза од Лигата на шампионите против Лајпциг (5:0).

Тој стана вториот играч во клупската историја кој постигнал три гола на еден натпревар како замена.

Барселона – Тренерот на Барселона, Роналд Куман беше задоволен од учинокот на неговиот тим на натпреварот од 2. коло на Лигата на шампионите против Јувентус (2:0).

Тој објасни и зошто Каталонците играа со тројца дефанзивци. – Ова е нашата најдобра игра во сезоната. Многу важна победа против силен европски тим, успеавме да му го наметнеме својот фудбал на противникот. Сакав да играм тројца дефанзивци, така што еден играч ќе се турка напред и ќе создаде нумеричка предност на средината на теренот. Благодарение на ова, создадовме многу шанси за гол и, да бидам искрен, требаше да го решиме исходот на натпреварот многу порано.

Торино – Напаѓачот на Јувентус, Алваро Мората на натпреварот од 2. коло во Лигата на шампионите вчеравечер против Барселона забележа необично достигнување. Шпанецот постигна хет-трик, но сите три гола му беа поништени со ВАР технологијата, бидејќи играчот беше во офсајд.

Победата на натпреварот и припадна на Барселона благодарение на головите на Усман Дембеле и Лионел Меси.

 

Back to top button
Close
Close