МИА ФлешПакети

МИА Флеш

28 октомври 2020

28 октомври 2020

Скопје – Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ од Битола денеска ќе добие два дефибрилатори кои се донација од израелското Министерство за надворешни работи, соопштија од Израелската амбасада.

Оваа скромна помош е наменета за потребите на Службата за Итна медицинска помош и домашно лекување и е од големо значење за оваа служба која има полни раце работа во услови на пандемијата од Ковид-19. Со денешната активност само продолжува пријателската соработка меѓу амбасадорот на Израел за Република Северна Македонија, Дан Оријан и директорката на Здравствениот дом во Битола, Весна Спиркоска која неуморно работи на зголемувањето на ефикасноста на установата. Се очекува оваа соработка да се збогати и со нови поголеми активности, информираат од Израелската амбасада.

Скопје – Со ребаланост на Буџетот, Владата ќе издвои 54 милиони денари за награда на сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од Ковид-19. Средствата ќе бидат наменети за вработените во Ковид центрите во Скопје и во болниците во останатите градови низ земјава, соопшти Министерството за здравство.

Овие 54 милиони, како што се посочува, се дел од вкупно 243 милиони денари кои Владата ги издвои за здравството. Останатите пари ќе бидат распределени за набавка на лекот „Ремдесивир“, за набавка на вакцини, за тестови за Ковид-19 и за потребите на јавните здравствени установи.

Скопје – Хелсиншкиот комитет го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и бара брз и транспарентен избор на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираат Собранието на Република Северна Македонија после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата.

Со 69 гласови за, еден воздржан и без ниту еден глас против, Собранието на Република Северна Македонија го изгласа вчера Законот за спречување и заштита од дискриминација кој првично беше донесен во мај 2019 година, но заради неисполнет собраниски кворум,  беше укинат од страна на Уставниот суд во јуни 2020.

Скопје – АД „МЕПСО“ ќе ја реконструира 400/110 kV трансформаторска станица „Битола 2“, која има витално значење за енергетскиот сектор во земјава.

Со реконструкцијата ќе биде сменета старата опрема, која не е заменета 38 години, со нова високонапонска опрема за што ќе бидат вложени 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој. Според договорот, проектот треба да заврши во рок од три години, а за реконструкцијата е задолжен хрватски „Далековод“ кој е избран за најдобар понудувач.

Брисел – По неговата виртуелна средба вчера со министерот за правда Бојан Маричиќ, еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, во пишана изјава за МИА порача дека Северна Македонија треба да продолжи со реформите во судството, посебно во делот на фундаменталните права, јави дописничката на МИА од Брисел.

Рејндерс и Маричиќ вчера преку видео конференција разговарале за правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во разузнавачките служби и јавната администрација, кои се суштински услови за отворање на првите поглавја во преговарачкиот процес за членство во ЕУ.

Скопје – Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија. Во периодот на зголемен број новозаразени лица, членките на Асоцијацијата апелираат што повеќе да се користат електронските канали за пристап до банкарските услуги и плаќањето со картички во малопродажната мрежа. На тој начин се намалуваат ризиците за ширење на пандемијата.

Ова е заклучокот на Македонската банкарска асоцијација која одржа состанок на кој се дискутираше за  банкарскиот систем и улогата на Народната банка, а следејќи ги најновите настани и дискусии во јавноста.

Скопје – Формирање заеднички регионален пазар по стандардите и критериумите на ЕУ, слободно движење на граѓаните во регионот со лични карти и формирање на зелени коридори се дел од темите на кои се става акцент во рамки на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес од страна на Република Северна Македонија и Република Бугарија.

-Со бугарските копретседавачи работивме напорно и покрај тоа што пандемијата ги наруши сите планови и целата агенда. Сметам сработеевме да создадеме основа за да има видливи и опипливи резултати кои ќе влијаат на целиот регион. Сакам да објавам дека пред една недела усогласивме план за создавање заеднички пазар во регионот кој ќе биде заснован на стандардите на ЕУ и на нејзините критериуми. Тоа ќе претставува и пресвртница за регионот затоа што станува збор за пазар од 18 милиони жители што ќе ја зголеми неговата атрактивност, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи по работниот појадок со амбасадорите на Бугарија Ангел Ангелов, на Германија Анке Холштајн и на земјите од Западен Балкан.

Скопје– Пратеници од власта и од опозицијата поднесоа амандамни на измените и дополнувањето на Законот за заштита на населението од заразни болести, што започнаа да се разгледуваат на матичната Комисија за здравство. Амандмани имаат поднесено пратеници од власта и од Алијанса и Алтернатива.

Првиот амандман е поврзан со мерките на Владата за носење на маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки. Министерот за здравство Венко Филипче го прифати амандманот и тој ќе биде составен дел од Законот.

Скопје– Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи, прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни.

Ова го изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој денеска имаше работен појадок со амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес. 

Скопје – Работевме и постигнавме многу во насока на менување на перцепцијата на граѓаните за законодавниот дом. Потврда за тоа е и последниот извештај на Европската комисија, во делот за Собрание каде се нотира дека е постигнат напредок во спроведувањето на Стратешкиот план 2018 -2022, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на е-конференцијата за Отворен парламент, Акциски план за Партнерство за отворена власт 2012-2023.

Во своето обраќање, Џафери нагласи дека и во актуелната ситуација со Ковид -19, Собранието како институција се обидува да биде транспарентно и работи на нова веб страница за да се овозможи подобар проток на информации до граѓаните.

Скопје – Пратеници од власта и од опозицијата поднесоа амандамни на измените и дополнувањето на Законот за заштита на населението од заразни болести, што започнаа да се разгледуваат на матичната Комисија за здравство. Амандмани имаат поднесено пратеници од власта и од Алијанса и Алтерантива.

Првиот амандман е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки. Министерот за здравство го прифати амандманот и тој ќе биде составен дел од Законот.

Атина – Воената парада што традиционално секоја година, на 28 октомври се одржува во Солун, по повод грчкиот национален празник, оваа година е откажана поради пандемијата, а нема да се одржат ниту парадите на учениците, јави дописничката на МИА од Атина.

Наместо воена парада, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, ќе се одбележи со мали настани, како што е положување цвеќе на споменици, прелет на воени авиони и хеликоптери низ целата земја, свечени литургии во црквите, но со ограничен број присутни, согласно здравствените протоколи.

Анкара – Турција ќе подигне тужба и ќе преземе одредени дипломатски чекори откако францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо на насловната страница објави карикатура со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, најави денеска турскиот Директорат за комуникации.

Туските државни медиуми објавија дека Обвинителството на Турција поренало истрага против уредниците на Шарли Ебдо.

Берлин – Бројот на заразени лица со новиот коронавирус секој ден урива рекорди, како во Европа, така и во остатокот од светот.

Алармантни податоци пристигнуваат денеска од Германија, Бугарија и Словенија, а експертите во Хрватска тврдат дека бројките се толку високи што не можат да стигнат да ги обработат податоците. Русија регистрира најголем дневен број на починати лица.

Вашингтон – Една недела пред претседателските избори во САД на 3 ноември, демократскиот кандидат Џо Бајден води пред републиканецот Доналд Трамп на национално ниво со 10 процентни поени, според анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Национална онлајн анкета спроведена од 23 до 27 октомври покажа дека 52 отсто од гласачите изјавиле дека го поддржуваат Бајден, додека 42 отсто би гласале за Трамп

Коломбо – Американскиот державен секретар Мајк Помпео за време на денешната посета на Коломбо изјави дека Комунистичката партија на Кина направила „лоши работи“ за Шри Ланка.

Тој изјави дека Кина е предатор.

Њујорк – Новиот тренер на Бруклин, Стив Неш проговори за неговиот однос со лидерот на тимот Кевин Дурент.

– Имаме силна врска, според мое мислење, тоа започнаа кога јас ја завршував кариерата. Иронично, Адам Харингтон, еден од нашите помошници тренери во Нетс, беше личен тренер на Кевин во тоа време. Кевин е само личност која многу ја сакам. Верувам во него и во неговиот карактер. Кога станува збор за кошарката, тоа е историски уникатен и значаен играч. Тој е веќе еден од најголемите играчи во историјата и е во состојба да напише друго поглавје во неговата биографија, рече Неш.

Барселона – Довчерашниот претседател на Барселона, Жoзеп Бартомеу, на прес-конференција по повод заминувањето од клубот, изјави дека Каталонците решиле да учествуваат во европската Суперлига.

– Можам да ви кажам невообичаени вести. Вчера прифативме понуда да учествуваме во идната европска Суперлига, што ќе ја гарантира идната финансиска стабилност на клубот, соопшти Бартомеу.

Скопје – Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утринската температура ќе се движи од 2 до 11, а дневната од 15 до 24 степени, информираат од УХМР.

Метеоролозите за во петок и сабота најавуваат зголемена облачност со услови за локален дожд во северните и североисточните делови од земјава. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено вдолж Повардарието, а дневните температури ќе опаднат за неколку степени.

Back to top button
Close
Close