МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 октомври 2020

27 октомври 2020

Белград, 27 октомври 2020 (МИА) – Црквата Свети Сава нa Врачар во Белград денеска е отворена за посетителите на верскиот празник Света Петка, соопшти Српската православна црква.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, пред неколку дена, во Храмот Свети Сава беше завршен прекрасен мозаик тежок повеќе од 320 тони, кој содржи над 50 милиони парчиња. Вкупно 600 луѓе работеа на мозаикот, од кои дури 300 беа уметници мозаичари, а комплетниот мозаик завршен е за помалку од четири години.

Анкара, 27 октомври 2020 (МИА) – Турските власти уапсија денеска во Анкара седуммина осомничени членови на екстремистичката група Исламска држава, кои подготвувале напади, истакна јавниот обвинител на Анкара.

Уапсените подготвувале напади за турскиот национален празник на 29 октомври и за 10 ноември, датумот на комеморацијата на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на турската република.

Скопје, 27 октомври 2020 (МИА) – Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со пресуда против Северна Македонија донесена од 22 октомври годинава, утврди дека државата го прекршила правото на приватност на две лица со откривање на нивните медицински податоци на полицијата, соопштија денеска Коалиција Маргини и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Тие информираат дека пресудата се однесува на случај од 2010 година, кога по пријава за недостаток на количини на метадон во програмата за третман на зависност со метадон во Струмица, полициски службеници влегле во болницата и без законски основ направиле увид во медицинските податоци на пациентите кои биле на третман.

Скопје, 27 октомври 2020 (МИА) – Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), бара да се носат јасни и навремени законски решенија со подобра техничка и институционална подготвеност за нивно спроведување. Тоа, според нив, е од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза каква што е актуелната.

Како што истакна Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители на денешната прес-конференција, при носењето на законските решенија за економските мерки мора да се имаат предвид  роковите во кои тие треба да се  имплементираат, но и роковите кои веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да се изготви документацијата за аплицирање.

Атина, 27 октомври 2020 (МИА) – Зачудувачки е како се случи инцидентот со бродот со португалско знаме, предводен од полски капетан, кој не го виде нашиот брод и речиси се качи врз него, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас за информативниот портал „Њузит“ за судирот меѓу бродот на грчката воена морнарица со товарниот брод, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас истакнува дека за среќа нема жртви, со оглед на тоа дека е уништен задниот дел од воениот брод.

Велес, 27 октомври 2020 (МИА) – Игор Ангеловски поранешен началник на СВР Велес починал синоќа на Инфективната клиника во Скопје  како последица на Ковид-19.Веста за МИА ја потврдија од СВР Велес.Тој во Инфективната клиника во Скопје неколку  дена бил приклучен  на респираторна машина.

Игор Ангеловски се лекувал во велешката  Општа  болница на Инфективното одделение  од 7 до 14 октомври кога поради пад на сатурација итно бил префрлен на Инфективна во Скопје, информира за МИА д-р Весна Неделковска Николова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.

 

Кабул, 27 октомври 2020 (МИА) – Седум луѓе загинаа во синхронизирани напади во близина на базата на специјалните полициски сили во авганистанската провинција Кост.

Нападот почнал со експлозија на автомобил-бомба, па уследила престрелка, а потоа бил извршен уште еден самоубиствен напад.

Лондон, 27 октомври 2020 (МИА) – Британка, мајка на две деца во основно училиште, се соочува со затворска казна бидејќи одбила да ги испрати своите деца на училиште поради коронавирусот. Покрај тоа, властите ѝ се закануваат и со казна од 3.000 евра.

Кејти Симпсон е невработената самохрана мајка од градот Редкар во Северен Јоркшир, Англија. Таа одлучила нејзиниот син Дејмиен и ќерката Алиша (шестгодишни) да останат дома. Се плаши дека таа и децата може да починат од компликации од астма, дијабетес и проблеми со тироидната жлезда, доколку се заразат од коронавирус.

Скопје, 27 октомври 2020 (МИА) – Од стартот на учебната година до денес за 18 проценти се зголеми бројот на ученици кои следат онлајн настава, соопшти денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Според Царовска, наставниците ги стекнаа потребните вештини, а учениците навиките и онлајн наставата се одвива солидно. За еден месец постигувањата се добри, до 20 ноември ќе треба да се формираат и првите оценки.

Скопје, 27 октомври 2020 (МИА) –  Издавачкиот центар ТРИ ја објави новата едиција книги за деца „Стела и Сани“, ликови, како што соопштуваат од издавачкиот центар, создадени за да им бидат најдобри другарчиња на децата со кои ќе можат да споделуваат идеи и приказни, да учат букви и многу нови нешта за светот.

Ликовите „Сани и Стела“,  со кои децата имаа можност да се запознаат преку промотивното видео „Азбука“, сега добиваат две печатени изданија со кои децата од најрана возраст ќе се дружат, ќе се забавуваат и ќе учат.

Брисел, 27 октомври 2020 (МИА) – Во Европа, ситуацијата е немилосрдно црна и голем број земји пријавија рекорден број на новозаразени, почнувајќи од Франција, која во неделата по првпат регистрираше повеќе од 50.000 нови инфекции, а бројот на смртни случаи во Европа го надмина прагот од 250.000.

На 46-те европски членки на СЗО отпаѓаат 46 проценти од вкупните инфекции во светот и речиси третина од сите смртни случаи, изјави Мајк Рајан, главен експерт во СЗО за вонредни ситуации.

 

 

Back to top button
Close
Close