МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 октомври 2020

27 октомври 2020

Скопје, 27 октомври 2020 (МИА) – Министерството за образование и наука информира дека наставата продолжува да се одвива непречено, следејќи ја веќе утврдената динамика и организација. Помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и средните училишта се заразени со КОВИД-19 и согласно со овие податоци, наведува МОН, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалување на ризиците за ширење на вирусот.

– Според извештаите кои училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259 235 ученици на ниво на држава, процентот на заразени изнесува само 0,06, а од вкупниот број 27 955 наставници и друг кадар овој процент е  0,58, што е далеку под еден процент. Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот, соопшти МОН.

Атина, 27 октомври 2020 (МИА) – Рано утрово во морскиот дел во близина на атинското пристаниште Пиреас, од засега непознати причини, се судрија два брода, едниот на грчката воена морнарица, а другиот, товарен што плови под португалско знаме, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, полесно се повредени двајца од 27 членови на екипажот на воениот брод.

Варшава, 27 октомври 2020 (МИА) – Активистките за женски права и неколку илјади луѓе кои ги поддржуваат, и вчера, петти ден по ред протестираа ширум Полска поради заострување на строгиот закон за абортус.

На улиците во Варшава излегоа воглавно млади демонстранти и го блокираа собраќајот за време на најголемата гужва.

Ереван, 27 октомври 2020 (МИА) – Ана Хакобијан, сопругата на ерменскиот премиер Никол Пашињан, најави дека од денеска ќе посетува воена обука, заедно со уште 12 жени и ќе отиде во Нагорно-Карабах.

– Одред од 13 жени, вклучително и мене, почнува воена обука. За неколку дена тргнуваме да помогнеме во заштита на нашите граници. Ниту нашата татковина ниту нашето достоинство нема да се повлече пред непријаелот, напиша Хакобијан на Фејсбук.

Исламабад, 27 октомври 2020 (МИА) – При експлозија на бомба во исламско верско училиште во Пешавар, северозападен Пакистан, загинаа најмалку седум ученици, а повредени се 112 лица. Експлозијата се случи за време на час во медресата Џамија Зибаири.

Вашингтон, 27 октомври 2020 (МИА) – Ејми Кони Берет положи заклетва за судија на Врховниот суд на САД, откако Сенатот ја потврди нејзината номинација со 52 гласа „за“ и 48 „против“.

Републиканската сенаторка Сузан Колинс од Мејн е единствената која им се придружила на сите демократи во Сенатот, гласајќи против номинацијата на Берет. Таа изјавила дека не може да го даде својот глас за Берет, имајќи предвид колку се блиску следните претседателски избори. Ниту еден друг судија на Врховниот суд на САД досега, во изминатите 150 години, не е потврден, а да не освоил ниту еден глас на малцинската партија.

Вашингтон, 27 октомври 2020 (МИА) – Стејт департментот одобри евентуална продажба на 100 крајбрежни одбранбени системи „Харпун“ за Тајван, кои ги произведува „Боинг“, а вредноста на договорот изнесува 2,37 милијарди долари, соопшти Пентагон.

Таквиот потег доаѓа неколку дена откако Стејт департментот одобри и продажба на уште три системи за вооружување за Тајван, вклучувајќи сензори, ракети и артилерија, чија вкупна вредност би можела да изнесува 1,8 милијарди долари, што ја предизвика Кина да се закани со санкции.

Вашингтон, 27октомври 2020 (МИА) – Научниците предупредуваат дека поголемиот дел од Арктикот се уште не почнал да се замрзнува иако е крај на октомври. Засега тоа е најдоцен регистриран период во кој се уште не е создаден мраз.

Климатскиот научник Захари Леби од Државниот универзитет Колорадо истакна дека Арктикот во моментот има најмало количество мраз за овој период.

Шангај, 27 октомври 2020 (МИА) – Сопственик на куче го заборавил своето милениче на бензинската пумпа, но по 26 дена и минати 60 километри далеку од домот, тоа се вратило во својата куќа.

Кучето Доу Доу, инаку на возраст од седум и пол години, случајно го оставиле на бензинска пумпа во Кина. Семејството дури по неколку часа забележало дека тој не е во автомобилот. Потоа, животното речиси цел месец се обидувало да стигне до сопственикот, кој сепак, признава дека изгубил надеж дека некогаш пак ќе го види своето куче.

Лос Анџелес, 27 октомври 2020 (МИА) – Познатата американска манекенка Емили Ратајковски за списанието „Вог“ потврди дека е бремена, во шестиот месец, нагласувајќи оти не сакала тоа да го објави на социјалните мрежи.

– Кога сопругот и јас им кажавме на пријателите дека сум бремена, првото прашање што ми го поставија, откако ми посакаа сѐ најдобро, беше – дали знам што сакам да имам (во однос на полот)? Но, ние сакаме да истакнеме дека ова е нешто што нема да го знаеме сѐ додека нашиот син или ќерка не наполни 18 години и не нѐ извести за тоа, вели манекенката.

Back to top button
Close
Close